- Тоа што го прави Оливер Спасовски е целосно незаконски и е спротивно на Колективниот договор и Законот за внатрешни работи, рече Сашо Павловски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција, истакнувајќи дека „сиот хаос кој го креирал Спасовски резултирал со драстично намалување на активностите на Министерството за внатрешни работи“.

Сите оние кои имаат личен и професионален интегритет во Министерството, наведе Павловски, станаа предмет на отстрел на новиот министер и неговиот политички тим.

- Потпретседателот на СДС и неговите партиски послушници секојдневно се јавуваат и повикуваат вработени во МВР кои низ долги години во службата, постепено ја граделе кариерата и стигнале до одредена позиција за да им нудат одредени пониски позиции. Им нудат пониски места на кои би биле распоредени по сопствено барање. Во спротивно, следат закани дека ќе бидат деградирани, рече Павловски.

Формирањето партиска полиција, истакна, е целосно неприфатливо и ќе ја наруши безбедноста во државата.

- Министерството за внатрешни работи мора да одговори колку решенија се поделени изминатиов период и кои се причините за смени. ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите професионалци во полицијата да не подлегнуваат на политичките притисоци од страна на потпретседателот на СДС и правдата да ја бараат пред повисоките органи. ВМРО-ДПМНЕ ги повикува и претставниците на меѓународната заедница, кои го следат работењето на полицијата, навреме да реагираат и да не дозволат ситуацијата да излезе од контрола, рече Павловски. /МИА

Датум на објава: понеделник, 17 јули 2017 во 16:16
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар