„Како што веќе реков во петокот, Хан ќе се сретне со политичките претставници. Вистина е дека има и други барања и често кога тој патува во земјата, ние се обидуваме да се сретнеме со што е можно повеќе соговорници, вклучително и со такви од граѓанското општество. Но, овојпат комесарот ќе се сретне само со политичките претставници, бидејќи неговата агенда не дозволува повеќе“, истакна Маја Коцијанчиќ, портпарол на ЕК.

Од граѓанската иницијатива велат оти според нив е неумесно гостин кој доаѓа во посета на една земја да не најде време да се сретне со граѓаните на истата. Порачуваат дека никој не смее да ги игнорира барањата на народот.

Осуда и отфрлање на Тиранската платформа од еврокомесарот Хан ќе побара и претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, најави тој во синоќешното гостување на Канал 5.

Поддршка за зачувување на унитарноста на државата денеска пристигна и од иселениците во Вашингтон. Со развиорени македонски знамиња од пред белата куќа тие побараа зачувување на македонската држава, идентитет и јазик.

Ја изразуваме нашата целосна поддршка за нашите браќа и сестри во Македонија. Да ја зачуваме нашата единствена татковина, нашата слобода и независност. Сега, кога сме свои на своето, нема да дозволиме никој друг да одлучува за нас, за нашата судбина и за иднината на нашите деца и внуци. Македонија е наша земја! Ова е наша битка! За Македонија одлучуваат Македонците и сите други лојални граѓани на Македонија, а не туѓинците и нивните јатаци“, изјави Милка Ковач, професор по македонски јазик.

Од граѓанската иницијативата „За заедничка Македонија“ за утре најавија најмасовен протест досега.



Датум на објава: понеделник, 20 март 2017 во 15:07
Ивана Стојановска
Обновено во: 15:26

коментари

остави коментар