Властите не откриваат повеќе детали, но медиумите објавуваат дека 28-годишната жена најверојатно е една од двете мистериозни жени, кои со отровни игли вчера му пресудиле на полубратот на севернокорејскиот лидер.

Јужна Кореја соопшти дека убиството е доказ колку е брутален режимот на Пјонгјанг.

Мистериозната жена со бела блуза и сино здолниште треба да ги даде одговорите дали севернокрејскиот режим директно стои зад ладнокрвното убиство на полубратот на Ким Јонг Ун. 28-годишната жена е уапсена на аеродромот во Куала Лумпур и имала тајвански пасош.

Властите утврдуваат дали таа е една од двете жени атентатори, кои  со вбризгување отровни игли вчера му пресудиле на полубратот на севернокорејскиот лидер непосредно пред тој да се качи на авион за Макао. И двете жени на аеродромот дошле со такси, но возачот вели дека не може да ги идентификува.

- Ако знам сигурно ќе помогнев. Но, верувајте не можам да се сетам на нивното лице, зашто не ги видов убаво, вели таксистот што ги донел на аеродромот.

Според најголем дел од извештаите, убиството го извршиле две севернокорејски агентки, по директна наредба на нивниот лидер. Убиениот Ким Јонг Нам веројатно знаел што му се подготвува, со оглед дека постојано патувал со лажен идентитет. Единствено што успеал да каже пред да почине на пат кон болница е дека некој го зграпчил за лицето и веднаш паднал во бесознание.

- Убиството на Ким Јонг Нам е потврда за тоа колку е брутална и нечовечка природата на режимот, предводен од Ким Јонг Ун, изјави Хван Кјо Ан претседател на Јужна Кореја

Ако се потврдат информациите, вчерашното убиство ќе биде највисок профилиран атентат по родбинска врска, по оној пред три години, кога беше погубен чичкото на Ким Јонг Ун.


Датум на објава: среда, 15 февруари 2017 во 14:31
Гоце Герасимовски
Обновено во: 14:38

коментари

остави коментар