Ужас во Романија: Мајка го ставила бебето во машина за перење, лажела дека било родено мртво

Жена (32) од Сучеава, Романија родила бебе дома и го сокрила новороденчето во машина за перење, а потоа со обилно крварење отишла во болница и побарала лекарска помош.

Подоцна било утврдено дека бебето не умрело при породување туку било задавено.

Прелиминарниот извештај од обдукцијата покажал дека бебето било родено живо во терминот, а подоцна било удавено. Првично се верувало дека момчето е мртво родено што се покажало дека е лага.

Таа на 14 март отишла на преглед поради обилно крвавење, а во болницата негирала бременост, но сѐ излезе на виделина кога лекарите ја прегледале.

Според романските медиуми, нејзиното семејство наводно не знаело за бременоста. Меѓутоа, кога пристигнала во болница со компликации опасни по живот, било откриено што направила.

Медицинскиот персонал веднаш го пријавил случајот во полиција, а на распитот младата жена им признала на надлежните што правела и каде го сокрила новороденото бебе.

„Општинската болница Ватра Дорнеи на 14.03.2024 година ја известила полицијата на општина Ватра Дорнеи во врска со тоа дека во оваа медицинска установа се пријавила 32-годишна жена со вагинално крварење. Жената негирала дека абортирала, посочувајќи само на гинеколошки проблеми. “, се наведува во соопштението на полицијата во Сучеава.

„На 15.03.2024 година извршен е медицинско-правен преглед, при што е утврдено дека повредите се резултат на раѓање на плодот под услови наведени во криминалното досие. Иако жената првично негирала постоење на бременост, породување и сите други аспекти од криминалната природа, таа го признала раѓањето на плодот без да може да прецизира дали е жив што ја менува правната квалификација при извршување на кривичното дело убиство или повреда на новороденче, дело предвидено во член 200 ст.1 од Кривичниот законик Се чека обдукцијата на плодот и наредените процесни мерки со координација на обвинителот на надлежното обвинителство“, додаваат оттаму.

32-годишната мајка била психијатриски прегледана, а лекарите констатирале дека била прониклива. Затоа, во овој момент од истрагата, таа не можела да тврди дека не знаела што прави. Најверојатно мајката сега ќе биде под истрага за убиство.

Приватни специјализанти побараа првиот прием на идниот министер да биде за нивните барања

Лекари приватни специјализанти побараа првиот прием на идниот министер за здравство да биде за решавање на нивните барања.

Лекари приватни специјализанти побараа првиот прием на идниот министер за здравство да биде за решавање на нивните барања. Тие се собраа денеска во паркот пред интерни клиники, со цел, како што рекоа, да го дигнат гласот и да кажат, дека не се откажуваат од нивните барања.

Доктор Александра Георгиева, претседателка на Здружението на лекари специјализанти, истакна дека ситуацијата останува непроменета.

- Сѐ уште нема здравствено осигурување за овие лекари, сѐ уште Министерството за здравство не излезе со конкретни мерки и планови за подобрување на состојбата, но и решавање на горчливиот проблем во однос на покачување на платите и трајни вработувања. Сега засега, за да можеме да овозможиме функционирање на клиниките, ќе продолжиме да доаѓаме на нашите работни места, излегувајќи во пресрет на пациентите. Сѐ до формирање на новата влада и новиот кабинет. Алармираме кон новиот министер, дека првиот прием треба да биде во врска со нашите барања и нивно решавање, нагласи таа, повторувајќи дека е ова многу важно, за младите, особено медицинските лица, да не заминуваат од државава.

На новинарско прашање, таа одговори дека за празниците ќе бидат на дежурства, затоа што, во спротивно би имало проблеми во обезбедувањето здравствени услуги на клиниките. За празнична работа, добивале некое покачување на дневница, но, не празнична дневница како што добиваат вработени лекари.

Поддршка им даде професор доктор Маргарета Балабанова Стефанова, која, како што самата рече, 42 години била наставник на кадри кои произлегуваат од клиниките. Таа рече дека за неа, како претставник од фелата, е незамисливо, ова што се случува со судбината на овие млади лекари, да помине без реакција.

- Овој проблем мора да се реши, неопходни се решавање на проблемите на актуелните приватни специјализанти, соодветна кадровска политика, национална програма за здравство, што ќе го почитува квалитетот, подвлече таа.

Хамас ја разгледува понудата на Израел за 40-дневно примирје во Појасот Газа

Хамас ја разгледува понудата на Израел за 40-дневно примирје во Појасот Газа во замена за ослободување на заложниците земени во нападот врз Израел на 7 октомври.

Враќајќи се во Катар по последните разговори во Каиро, делегацијата на Хамас најави дека „ќе разговараат за идеи и предлози“.

„Сакаме да одговориме што е можно побрзо“, изјави извор од Хамас.

Египетски извори за Ал Кахера њуз, веб-страница поврзана со египетските разузнавачки служби, изјавија дека делегацијата на Хамас „ќе се врати со писмен одговор“.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ги опиша условите на примирјето како „исклучително дарежливи“, додека Белата куќа апелираше до посредниците Египет и Катар да го засилат притисокот врз Хамас да го прифати последниот обид за ставање крај на речиси седуммесечната војна.

Американскиот претседател Џо Бајден ги повика египетските и катарските лидери „да вложат максимални напори за да обезбедат ослободување на заложниците кои ги држи Хамас“, нарекувајќи го тоа „единствената пречка“ за обезбедување помош за цивилите во опколениот Појас Газа.

Египет, Катар и САД со месеци се обидуваат да обезбедат нов договор меѓу завојуваните страни. За време на еднонеделното примирје во ноември, 80 израелски заложници беа разменети за 240 Палестинци кои беа затворени во израелските затвори.

Израел проценува дека 129 заложници остануваат во Газа, вклучувајќи 34 за кои се верува дека се мртви.

Естонија: Русија ги прекршува меѓународните прописи со попречување на ЏПС сигналите

Естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цакна ја обвини Русија за кршење на меѓународните прописи со попречување на ЏПС сигналите во естонскиот воздушен простор.

- Попречувањето на ЏПС во естонскиот воздушен простор од страна на Русија се одрази на цивилната авијација во нашиот регион. Русија со тоа ги прекршува меѓународните регулативи, напишала Чакна на Х.

Тој додаде дека Естонија за овој проблем ќе разговара во рамките на НАТО и Европската унија, а веќе разговарала и со властите на Летонија, Литванија, Финска и Шведска.

притисни ентер