Учениците од понеделник на пролетен распуст

Учениците од основните и средните училишта  во Македонија од понеделник, 29 април, заклучно со 6 мај 2024, ќе бидат на пролетен распуст кој е воведен од оваа учебна година.

Првпат има промена и во календарот за настава, така што 2023/2024 за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и во минатите години – на 10 јуни.

Училиштата нема да работат на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од Претседателските избори и Парламентарните избори 2024.

Ден претходно, вторник 7 мај, скратени часови и работно време до 11 часот ќе имаат оние училишта каде што утредента ќе се организира гласањето.

Како што информираше Министерството за образование и наука, наставата од двата дена кои поради изборите се неработни ќе бидат одработени во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата за да се реализираат дополнителни часови.

Скопските ученици треба да надоместат и за пропуштеното од наставата на 30 ноември 2023 кога во главниот град беше организиран Советот на министри на ОБСЕ.

За планирањето и организирањето на дополнителните часови, МОН ги задолжи директорите на училиштата.

-Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците, соопшти МОН откако по реакции во јавноста и од синдикатите ја повлече претходната одлука пропуштената настава да се надомести во саботи.

Вест Хем потврди разделба со Мојс на лето

Тренерот на Вест Хем, Дејвид Мојс ќе го напушти тимот на крајот од актуелната сезона, објави вечерва лондонскиот клуб на својот официјален сајт.

Неговиот договор со клубот истекува на лето, а според информациите, заминувањето на 61-годишниот Шкотланѓанец е резултат на меѓусебен договор.

Мојс е на чело на Вест Хем од декември 2019 година. Во сезоната 2022/23, тимот ја освои Конференциската лига. Шпанецот Хулен Лопетеги е фаворит за наследник на Мојс.

Шолц: Приходите од замрзнатите руски средства треба да се вложат во воена помош за Украина

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека околу 90 отсто од приходите остварени од замрзнатите руски средства треба да се потрошат за купување оружје за Украина.

„Важно е да се согласиме дека овие пари може да се користат за купување оружје не само во ЕУ, туку и ширум светот“, изјави Шолц за новинарите по состанокот со членовите на владите на трите балтички земји во Рига.

Тој изјави дека Германија и трите балтички земји се посветени на брзото проширување на производството на оружје во Европа и додаде дека производството на муниција и системи за противвоздушна одбрана веќе е зголемено.

Четворица македонски тенисери утре на фјучерс во Србија

 Четворица македонски тенисери утре ќе настапат на фјучерс турнирот М25 во српскиот град Куршумлиска бања.

Тројца од нив, Обрад Марковски, Шендрит Деари и Стефан Мицов, ќе ги играат финалните дуели од квалификациите и со победи ќе обезбедат пласман на главниот турнир.

Директен пласман има само Горазд Србљак, кој, пак, утре ќе го игра мечот од првото коло против Никола Јовиќ од Србија.

На женскиот дел од турнирот во Куршумлијска Бања настап во првото коло ќе има Магдалена Стоилковска, чија противничка в среда ќе биде третата носителка Пемра Озген од Турција (37 години, 658 ВТА место).

Најдобрата македонска Лина Ѓорческа е дел од фјучерс турнир во словачкиот град Трнава.

Ѓорческа во првото коло утре ќе игра против младата тенисерка од Русија, Полина Кудерметова (20 години, 178 ВТА место).

притисни ентер