Убила 19-годишна трудница и ѝ го украла бебето од матката-осудена е на 50 години затвор (ВИДЕО)

Клариса Фигуероа (51) е осудена на половина век затвор откако убила бремена тинејџерка во Чикаго намамувајќи ја во нејзината куќа за да ѝ го украде бебето од утробата, кое потоа го претставила како свое.

Тоа е, накратко, епилогот од страшното злосторство што го потресе овој дел на САД, а се случи во 2019 година, објави Еј-Би-Си Њуз.

Марлин Очоа-Лопез (19), мајка на двегодишно момче, која била во поодмината бременост, била намамена од Клариса во нејзиниот дом со ветување дека ќе ѝ даде бесплатна облека за бебето. Страшното злосторство го извршила со помош на нејзината ќерка Дезире, која во јануари ја признала вмешаноста во убиството кога била осудена на 30 години затвор. Мајката и ќерката ја задавиле трудница со електричен кабел. Клариса, која е медицински работник, сакала да го претстави бебето како свое, а откако го извлекла од стомакот на мајката повикала брза помош. Поради повредите, бебето два месеци било на интензивна нега во болница, но и покрај сите напори на лекарите, починало.

За време на судењето, се тврдело дека Клариса Фигуероа го изгубила своето бебе пред злосторството, а потоа им кажала на членовите на семејството дека повторно е бремена. Во октомври 2018 година, таа ѝ кажала на својата ќерка дека ѝ треба помош да убие трудница и да го украде бебето од нејзината утроба.

Ракел Уриостеки, мајката на убиената трудница, по изрекувањето на пресудата видно се потресе:

- Губењето на ќерка ми е нешто што никогаш нема да го прежалам.

Откако украденото бебе било сместено во болница, Клариса Фигуероа и нејзиниот партнер Пјотр Бобак тврделе дека бебето е нивно, па дури започнале и хуманитарна кампања за собирање помош за негово лекување. Пјотр подоцна на судењето признал дека помогнал да се отстранат трагите по убиството на бремената тинејџерка.

Страшното злосторство било неоткриено неколку недели, иако Џовани Лопез, сопругот на убиената, уредно ја пријавил за исчезната, но немал помош од надлежните да ја пронајдат. Полицијата реагирала дури по анонимна пријава во која било наведено дека е видена како исчезнатата влегува во куќата на Клариса Фигуероа. На 07.05.2019 година полицијата извршила претрес. Автомобилот на жртвата бил пронајден во близина на куќата на убиецот, а набрзо била наредена и ДНК анализа на бебето. Откако дошле резултатите од ДНК, полицијата ги уапсила мајката убиец, нејзината ќерка и нејзиното момче. Телото на жртвата било пронајдено закопано во дворот.

- Казната што ја доби никогаш нема да биде доволна и мојот син никогаш повеќе нема да ја прегрне мајка си. Изгубив дел од семејството и тоа секогаш ќе ме следи – низ солзи изјавил сопругот Џовани Лопез.


Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер