Убавина од природа близу Тиквешко Езеро

Прекрасна природа и студена изворска вода ни посакаа добредојде во кавадаречкото село Драдња, во близина на Тиквешкото Езеро.

МИА деновиве фотографираше прекрасни камени градби изградени во минатото, полни со животни приказни и тајни. Во нив некогаш со многу љубов се делеле семејните тага и радост. Се запрашавме, што е тоа толку мистериозно убаво во нив, та, зрачат од убавина, дури и кога кровот се урива, а прозорците се искршени или едвам се држат. Дрвјата околу нив, само ја збогатуваат таа волшебна селска идила.

За жал, магичните дрвени чардаци како од приказните, беа празни, никој не уживаше во нивната убавина. Немаше кој да ги одмара очите загледувајќи се во пространите зелени килими од тревата збогатена со утринска роса. Да ти е жал да згазнеш, да не ја растуриш магијата создадена од раката на мајката природа.

До многу од куќите едвам се стигнува поради грмушки, оти таму со години не стапнала човечка нога.

Сета оваа убавина е распослана на околу седум километри од Тиквешко Езеро, доколку се движите по земјениот шумски пат. Многу побрзо ќе стигнете до езерската шир, ако одлучите како нас, да пропешачите низ тој дел на Тиквешијата и од ридот се спуштите право кон езерото. Патем, можете да другарувате со дрвјата, птиците, инсектите.

Море од лозја по патот

Прошетката до Драдња, па до Тиквешко Езеро, ја започнавме со пешачење од селото Дреново, заедно со планинарите на планинарското спортско друштво „Орле" од Кавадарци. Нашата камера ги регистрираше лозовите насади по патот, од кои се прават извонредни вина и ракии, маџун и други производи од грозје, по што е препознатлив овој крај.

- Располагаме со волшебна природна убавина, која заслужува да биде видена од светот. Но, за тоа е неопходно да се уреди патот до селото што е одамна иселено и да се создадат услови за развој на селскиот туризам. Држави со развиен туризам ги препознаваат ваквите потенцијали и ги негуваат и заработуваат од нив. Неопходно е и кај нас да се преземат активности за промоција на оваа, би рекол рајска убавина, ни рече 57 годишниот Зоран Михов, единствениот човек што го сретнавме во селото, додека одмаравме крај изворската вода, од која не престанувавме да пиеме.

Тој ни раскажа дека оваа селска средина некогаш броела и до осумдесетина куќи полни со живот. Луѓето се замимавале со земјоделство и сточарство. Најмногу се иселиле во шеесетите години од минатиот век, кога била изградена браната на езерото. Луѓето заминале за да работат, главно во фабрики. Самиот бил роден во Кавадарци, но бидејќи татко му потекнувал одовде, Драдња била отсекогаш дел од неговиот живот, од најмали нозе, до ден денешен.

- Кај и да одам, тука постојано се враќам, крај семејното огниште. До пред некоја година имаше по некој од постарите постојани жители, изумреа и сега никој веќе не живее тука преку целата година. Во пет куќи повремено доаѓаме неколкумина, поради лозарството, морето од лозја што ги имаме во овој крај. Сепак, ми се чини дека најмногу доаѓаме поради чистиот воздух. Низ годините работев во фабрика со прашина и доаѓањето тука ми доаѓа како лек, како мелем на рана, коментираше тој.

Златомани доаѓаат по скриени богатства

Михов, кој одгледува и пчели во Драдња, ни откри дека во селото доаѓаат блиски на оние што некогаш се иселиле, за да видат кај им се корените, но и љубители на природата, авантуристи, да побегнат од градскиот асфалт, за да уживаат и да ги наполнат батериите, што се вели.

- Горе на ридот е околу 800 метри надморска височина, тука долу, околу 500 метри. Искрено да кажам, доаѓаат и златомани, трагачи по злато, по закопано богатство од дамнешни времиња. Ги бркаме, ама не бива, трчаат наоколу со детектори, со најразлични апарати. Најмногу трагачи има во месноста „Забот", таму горе на ритчето. Им викаме, уште еднаш да не ги видиме тука, ама не се разбираат. Бараат и раскажуваат како имале најдено пари на други места, идат со бесни џипови, ни раскажа тој.

Михов ни објасни дека си ја реновирал куќата во селото.

- Можев да изградам куќа во викенд населба крај езерото, поблиску до езерската вода, но тука ми е некако помирно, природата е понедопрена. Ме влече ова место, ова парче земја, повторно и повторно да доаѓам. Струја има, а вода полниме од селската чешма. Природна студена изворска вода, ако наполниш, го поти шишето, толку е ладна, додаде тој.

Драдња е околу 24 километри оддалечено од Кавадарци. До браната на езерото води асфалтиран пат.

- Останатите седум километри се поминуваат по земјен, шумски пат. Се оди со патничко моторно возило, лека кола, што би се рекло, ама подобро е ако се доаѓа со малку потеренски возила. Бараме да се уреди овој пат за развој на селски туризам, рече нашиот соговорник.

Тој сподели со нас дека низ годините, жителите од ова село важеле за добри мајстори, занаетчии. Којзнае, можеби токму поради тоа камените градби му пркосат на времето и ја задржале својата убавина, дури и кога полека, полека се уриваат. /МИА

Руски напад со тенкови на истокот на Украина- евакуирани се жителите на Вовчанск

Жителите на украинскиот пограничен град Вовчанск во источниот регион Харков се евакуирани од своите домови поради напад на руски тенкови.

Десетици жители на Вовчанск и околните села се евакуирани на безбедни локации за време на прекините на борбите, објави Ројтерс.

Главниот патролен офицер на Вовчанск, Олексиј Харковски, рече дека руските сили истрелале неколку стотици артилериски гранати и десетици касетни бомби за 24 часа од четвртокот до вчера.

Харковски истакна дека руските војници засега не влегле во Вовчанск.

БМВ во Кина произведе веќе 6 милиони возила, сега имаат голем план

„BMW I5“ што неодамна беше произведен во фабриката во Дадонг, Кина, означи пресвртница: целосно електричниот модел во Frozen Pure Grey беше 6-милионитиот автомобил од заедничкото вложување на BMW Brilliance Automotive (BBA).

Производството ја достигна оваа бројка само 15 месеци откако тие ја преминаа границата од пет милиони автомобили во февруари минатата година.

Овој резултат, велат од BMW, ја потврдува високата конкурентност на производствената мрежа во Шенјанг, која се подготвува за лансирање на Neue Klasse, што е веќе добро познато име за следната генерација електрични автомобили на BMW.

„Овој потфат е симбол на извонредните достигнувања овде во Шенјанг“, рече Милан Недељковиќ, член на Управниот одбор на BMW AG одговорен за производство. „Исто како и во сите други наши фабрики низ светот, фокусот овде е на конкурентноста и иновативноста.“

Во Шенјанг се гради нова фабрика за производство на високонапонски батерии од шестата генерација, по инвестиција од речиси една милијарда и 300 милиони евра. Инсталирањето на постројката и опремата започнало во март, а првите предсериски батерии се очекуваат на крајот на годината. Паралелно, во центарот за истражување и развој се вршат тестови и локални сертификати.

Neue Klasse ќе биде лансиран на глобално ниво во 2025 година, а производството во Кина ќе започне во 2026 година. Сите три фабрики на BBA - Dadong, Tiexi и Lydia - веќе се приспособени да произведуваат целосно електрични автомобили.

Големи поплави во Бразил: Расте бројот на жртвите, а дождот не престанува

Дождот се врати во Рио Гранде до Сул, а бројот на жртвите од историските поплави во најјужната држава во Бразил се искачи на 126, соопштија локалните власти.

Поради невремето и поплавите што ја погодија земјата во која живеат околу 10,9 милиони луѓе, речиси 340.000 луѓе се раселени, а 141 лице се уште се водат како исчезнати, соопшти Цивилната заштита.

Обилните дождови предизвикаа неколку реки и езера во регионот да го достигнат своето највисоко ниво досега, додека поплавите ги блокираа улиците и ја нарушија логистиката, предизвикувајќи недостиг на основни продукти во одредени области.

Метеоролошката служба МетСул објави дека во повеќето градови во Рио Гранде до Сул ќе продолжи да врне дожд, додавајќи дека постои висок ризик од невреме.

Земјата се наоѓа на географската точка на судир помеѓу тропската и поларната атмосфера, што создаде временска шема со периоди на интензивен дожд и периоди на суша.

Локалните научници веруваат дека моделот се интензивира поради климатските промени.

Во Каноас, еден од најтешко погодените градови во близина на главниот град Порто Алегре, повеќе од 6.000 луѓе престојуваат во сала на унверзитет, претворена во засолниште.

Апарецида де Фатима Фагундес рече дека не може да заспие бидејќи не може да престане да размислува за најлошиот ден во нејзиниот живот.

„Постојано се сеќавам на луѓето кои викаат „помош“, „помош““, рече таа. „Беше ужасно.

Владата соопшти дека повеќе од 385.000 луѓе се без вода, додека околу 20 градови се без телекомуникациски услуги.

Во четвртокот, федералната влада објави пакет мерки за помош за Рио Гранде до Сул, кој вклучува забрзување на исплатата на социјалните бенефиции и обезбедување поевтини заеми за земјоделците и компаниите.

Гувернерот Едуардо Леите изјави претходно оваа недела дека првичните пресметки покажуваат дека на Рио Гранде до Сул ќе му требаат најмалку 3,68 милијарди долари за обнова од штетите што се проширија на земјоделските области околу главниот град.

притисни ентер