СЗО: Зголемен е ризикот за пренос на птичји грип врз луѓе, многу сме загрижени

Светската здравствена организација изрази загриженост поради ширењето на птичјиот грип Х5Н1, кој има „исклучително висока“ стапка на смртност кај луѓето.

Избувнувањето што започнало во 2020 година досега уби десетици милиони живина, а неодамнешното ширење на вирусот кај неколку видови цицачи, вклучително и домашни говеда во САД, го зголеми ризикот од пренесување на луѓето, соопшти СЗО.

„Мислам дека ова останува огромен проблем“, им рече на новинарите во Женева главниот научник на агенцијата за здравство на ОН, Џереми Фарар. Минатиот месец на листата на заразени видови се приклучија и кравите и козите, што е неочекуван развој за експертите бидејќи се сметаше дека тие не се подложни на овој тип на грип.

Американските власти овој месец објавија дека едно лице во Тексас се опоравува од птичји грип по изложување на говеда, при што 16 крда во шест држави се заразени по изложување на диви птици.

Варијантата A(H5N1) стана „глобална пандемија на зоонозни животни“, рече Фарар. „Се разбира, постои голема загриженост за инфицирање на патки и кокошки, а потоа сè повеќе и на цицачи. Тој вирус сега се развива и развива способност да зарази луѓе, а потоа и критична способност да премине од човек на човек“, додаде тој.

Засега нема докази дека Х5Н1 се шири меѓу луѓето. Но, во стотиците случаи кога луѓето биле заразени од контакт со животни во изминатите 20 години, „стапката на смртност е исклучително висока“, рече Фарар, бидејќи луѓето немаат природен имунитет на вирусот.

Од 2003 до 2024 година, ширум светот се пријавени 889 случаи и 463 смртни случаи предизвикани од Х5Н1 во 23 земји, со стапка на смртност од 52%.

Неодамнешниот случај на човечка инфекција во САД по контакт со заразен цицач го нагласува зголемениот ризик. Кога ќе „влезете во популација на цицачи, тогаш ќе се приближите до луѓето“, рече Фарар, предупредувајќи дека „овој вирус само бара нови, понови домаќини“.

Фарар повика на зголемен мониторинг, велејќи дека „многу е важно да се разбере колку човечки инфекции се случуваат бидејќи таму ќе се случи адаптацијата на вирусот“. „Трагично е да се каже ова, но ако заболам од Х5Н1 и умрам, тоа е крајот на тоа.“

Тој исто така рече дека во тек се напори за развој на вакцина и терапија за Х5Н1 и ја истакна потребата да се осигура дека регионалните и националните здравствени власти ширум светот имаат капацитет да го дијагностицираат вирусот. На тој начин, вели тој, „ако H5N1 дојде до луѓето, со пренос од човек на човек“, светот би бил „во позиција веднаш да реагира“.

Блинкен му повтори на Нетанјаху дека САД се против израелски напад на Рафа

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска во разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Ерусалим го повтори противењето на Вашингтон на најавениот израелски напад врз градот Рафа, на југот на Појасот Газа.

Блинкен ја повтори јасната позиција на САД за Рафа, рече портпаролот на Стејт департментот Метју Милер, зборувајќи за прашањето за копнена офанзива врз градот, од која израелскиот премиер одбива да отстапи и покрај противењето на ОН и многу земји.

Се стравува дека во нападот би можеле да загинат голем број од 1,5 милиони цивили кои се засолниле во тој град, главно луѓе раселени поради борбите.

Разговорите меѓу Блинкен и Нетанјаху првин се воделе тет-а-тет, а потоа се прошириле и на соработниците и траеле два и пол часа.

Ова е седма посета на Блинкен на Блискиот Исток од почетокот на војната во Газа, која почна по терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври во Израел по што Израел го нападна Појасот Газа, каде Хамас е на власт од 2007 година.

Посредниците – Египет, Катар и САД, сè уште го чекаат одговорот на Хамас на најновата понуда за примирје, која вклучува пауза во израелската офанзива и ослободување на палестинските затвореници, во замена за ослободување на израелските заложници киднапирани во терористичкиот напад на 7 октомври.

Блинкен претходно рече дека САД се решени Израел и Хамас да постигнат договор за примирје, по речиси седум месеци борби во Појасот Газа, кој е под опсада и му се заканува глад.

Милер рече дека Блинкен разговарал за договорот за примирје со Нетанјаху и оценил дека Хамас го блокира патот до примирје./МИА

Ливерпул нема намера да го пушти Салах на лето

Ливерпул не планира да се раздели со Мо Салах.

Крилниот напаѓач продолжува да има добри односи со сите во Ливерпул. Директорот на клубот Мајкл Едвардс верува дека Салах треба да биде дел од плановите на Ливерпул за иднината, изјави новинарот Фабрицио Романо за подкастот „Here We Go“.

Кон крајот на сезоната ќе има средба помеѓу Салах и неговиот агент. Ќе разговара за иднината на крилниот напаѓач и ќе ги истражи неговите опции. Но, во моментов Ливерпул нема намера да се раздели со него.

Претходно беше објавено дека Салах би можел да го напушти Ливерпул во 2025 година кога ќе му истече актуелниот договор.

Оваа сезона играчот има 24 гола и 12 асистенции во 41 натпревар за клубот. /МИА

За Вернер од Тотенхем заврши сезоната

Напаѓачот на Тотенхем, Тимо Вернер, поради повреда ќе отсуствува до крајот на сезоната. Тренерот на премиерлигашот Анже Постекоглу изјави дека сезоната за Германецот е завршена.

Постекоглу го замени напаѓачот Тимо Вернер во првото полувреме од натпреварот од 35. коло на Премиер лигата со Арсенал (2:3) одигран изминатиот викенд.

Фудбалерот се повреди во првото полувреме и итно го напушти теренот. Неговото место го зазеде Бренан Џонсон.

Вернер игра за Тотенхем како позајмен од Лајпциг. Раководството на тимот се уште не одлучило дали ќе го купи напаѓачот на трајна основа за 17 милиони евра. /МИА

притисни ентер