Светски ден на физичката активност

Промовирање на физичката активност и нејзината улога во одржување добра здравствена состојба, е целта на Светскиот ден на физичката активност што се одбележува денеска.

Апели за редовна физичка активност по тој повод упати Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) укажувајќи на придобивките.

- Физичката активност е дефинирана како „секое телесно движење произведено од мускулно-скелетниот апарат, кое троши енергија“ и е важно за подобрување и одржување на општата здравствена состојба на секој поединец. Физичката активност е битна за многу форми на управување со болката. Повеќето упатства за акутна мускулно-скелетна болка се фокусираат на совети за зголемување на физичката активност. Најефективните третмани за постојаната мускулно-скелетна болка се однесуваат на физичката активност или онаму каде што таа е доминантна компонента - на пример, аеробни вежби, или каде што има поголема употреба на психолошки принципи. Неколку биолошки механизми може да бидат одговорни за тоа, како физичката активност може да ја намали болката, или да спречи повторување на болка. На пример, рутинската физичка активност може да го подобри составот на телото, преку намалени маснотии во пределот на стомакот и поголема контрола врз телесната тежина, појаснуваат од ИЈЗ.

Како што нагласуваат од Институтот, активниот начин на живот ги зголемува силата, флексибилноста и аеробната кондиција, учествува во намалување на системското воспаление - на пример намалување на циркулирачките воспалителни медијатори како што е Ц-реактивниот протеин.

- Може да ги подобри психолошката благосостојба - преку намалување на стрес, анксиозност и на депресија, како и квалитетот на сонот. Исто така, може да ја подобри самоефикасноста, по пат на управување на болката и зголемување на способноста за движење, додаваат од ИЈЗ.

Но, постојат и митови околу физичката активност и болката.

- Вообичаено, луѓето веруваат дека движењето е опасно кога некој има болка и треба да чекаат болката да се намали пред да се активираат. Овие митови треба да се отфрлат и да се поттикнат луѓето што побрзо да се вратат на физичката активност. За намалување на болката, ниту еден вид физичка активност не е посупериорен во однос на друг. На пример, пешачењето, возењето велосипед, јогата и така натаму, имаат слични ефекти врз нивото на болката и инвалидитетот. Клучниот фактор е придржувањето - па затоа е многу важно секој поединец да избере активност во која ужива. Секаков вид физичка активност е корисно, но, таа не е широко прифатена во нега на клиничката болка, истакнуваат од ИЈЗ.

Оттаму додаваат дека кампањата „Во движење“ (On the move), на Европската федерација за болка, има широка примена и е преведена на повеќе од 10 јазици, со цел да им укаже на луѓето, за важноста на редовната физичка активност.

Светскиот ден на физичката активнсот првпат е одбележан во 2002 година од Светската здравствена организација (СЗО), со цел да се подигне свеста за придобивките од физичката активност за севкупното здравје и да се охрабрат луѓето да усвојат поактивен начин на живот.

Избран е најдобриот фудбалер во Бундеслигата

Флоријан Вирц (21) од шампионот Баер Леверкузен е избран за играч на сезоната во Бундеслигата, откако играчот од средниот ред му помогна на својот клуб да ја освои титулата, објави Германскиот фудбалски сојуз.

За наградата одлучуваат гласовите на навивачите (40 проценти), клубовите (30 проценти) и експертите (30 проценти).

Леверкузен е првиот тим што ја заврши сезоната во Бундеслигата без пораз и се уште е непоразен во сите натпреварувања оваа сезона, односно на 51 натпревар. Виртц, кој игра на позицијата офанзивен играч за врска, имаше 11 гола и 12 асистенции во Бундеслигата или 18 гола и 20 асистенции на 47 натпревари во сите натпреварувања.

Меѓу другото, тој дојде од клупата за да постигне хет-трик во победата од 5-0 над Вердер Бремен во април, со што Баер ја освои титулата во Бундеслигата на пет кола до крајот. Тимот од Леверкузен на чело со тренерот Чаби Алонсо сезонава може да ја освои тројната круна бидејќи ги очекува финалето во Лига Европа против Аталанта и финалето од Купот на Германија против Кајзерслаутерн.

Настапите му донесоа на 21-годишниот Вирц три награди за играч на месецот оваа сезона. Тој исто така беше именуван во прелиминарниот тим на Германија за Евро 2024, постигнувајќи го единствениот гол во победата на Германија со 1-0 над Франција на пријателскиот натпревар во март.

Според Трансфермаркт, сајт специјализиран за проценка на вредноста на фудбалерите, Виртц вреди 110 милиони евра. Како што се наближува трансфер рокот, светските медиуми пишуваат како најголемите европски клубови сакаат да го доведат. Тој има договор со Баер до летото 2027 година.

Избори во Индија: Комисијата патувала 7 часа за да може да гласа семејство, помогнала војската

Пет луѓе од исто семејство во зафрлено хималајско село денеска гласаа на изборите во Индија на сопствено избирачко место, откако официјалните лица патувале седум часа за да им дозволат да го дадат својот глас, позајмувајќи ја струјата од војската.

Вчера, официјалните лица ја подигнале опремата за гласање во Лех, главниот град на хималајската федерална територија Ладах, и се качија во автобус за 180-километарското патување до Варша, каде единствените гласачи беа 23-годишната Ринчен и нејзините родители и баба и дедо. .

Лоциран на околу 20 километри од глечерот Сијачен, бојното поле на највисока височина во светот каде Пакистан и Индија се судираат со децении, Варши е достапен по пат, но нема струја, нема интернет и нема амбуланта.

Кога генераторот што го носеле се расипал, службениците се обратиле до индиската армија за помош.

„Оваа област е единствена. Владата отвори избирачко место само за една куќа“, рече претставникот на изборната комисија Фончок Стобдан.

Ринхен, која сега првпат гласа, се надева дека нејзиниот глас ќе помогне и да се реши проблемот со недостигот на инфраструктура.

Индија гласа во седум фази на изборите кои започнаа на 19 април, а треба да завршат на 1 јуни.

Денеска штотуку започна петтата фаза од гласањето.

Во Тексас се собрале 706 мажи со име Кајл, но недоволно - рекордот останува во Босна (ВИДЕО)

Уште еден обид на градот Кајл во Тексас да го собори светскиот рекорд за најголем собир на луѓе со исто име не успеа и покрај тоа што 706 мажи по име Кајл од сите возрасти се појавија во парк во предградието на Остин.

Рекордот го држи градот Купрес во Босна, кој собра 2.325 Ивани во 2017 година, според Гинисовата книга на рекорди, пренесе АП.

Ова не е прв пат мажите по име Кајл да се обидат да го победат Иван.

Минатата година, во градот кој се наоѓа на околу 90 километри јужно од Остин, главниот град на американската сојузна држава Тексас, се собраа 1.490 мажи по име Кајл.

Кајл не е едно од најпопуларните имиња во САД, според Администрацијата за социјално осигурување, која годишно ги следи имињата што им се даваат на девојчињата и момчињата во секоја американска држава.

Најновите податоци покажуваат дека Кајл бил рангиран на 416-то место меѓу машките имиња во 2023 година, додека Иван, за споредба, бил рангиран на 153-то место.

притисни ентер