Сопственикот на Тесла, Илон Маск, во ненајавена посета на Кина

 Сопственикот на „Тесла“, „SpaceX“ и на социјалната мрежа „X“ Илон Маск, кој е еден од најбогатите луѓе во светот, пристигна денеска во Кина, соопштија претставници од Пекинг за кинеската централна телевизија.

„Извршниот директор на Тесла, Илон Маск, пристигна во Пекинг попладнево на покана на Кинескиот совет за промоција на меѓународната трговија“, објави кинеската централна телевизија.

Посетата не беше однапред најавена.

Според западни медиуми, Маск ќе се сретне со високи претставници на кинеската влада за да разговара за имплементацијата на софтверот за автоматизирано возење и да побара одобрение за пренос на податоците собрани во земјата за обука на алгоритми за технологии за автономно возење.

Тројца полицајци се застрелани од вооружен маж во Атланта

Тројца полицајци од Атланта се хоспитализирани со прострелни рани по судирот со осомничениот кој бил вооружен со пиштол и нож и бил убиен во пресметката, соопштија официјални лица.

Полицајците одговорија вчера во 17:15 часот на дојавата дека вооружен маж се наоѓа во комерцијална област во Атланта и се испоставило дека има пиштол и нож, изјави началникот на полицијата на Атланта, Дарин Шајрбаум за време на прес-конференција, пренесе АП.

„За време на пресметката дошло до тепачка, дошло до пукање во кое се повредени тројца наши полицајци. Тоа резултирало и со смрт на лице кое било вооружено со пиштол“, изјави Шајрбаум.

Тројцата полицајци со полициски патролни возила биле пренесени во Меморијалната болница Грејди.

Еден полицаец е застрелан во рамото, друг во ногата, а третиот се здобил со површна повреда, изјави Шајрбаум.

Според него, на двајца полицајци ќе им биде извршена операција.

Бирото за истраги во Џорџија ќе спроведе истрага за случајот, додаде тој.

Стотоци демонстранти во Тунис бараат датум за чесни избори по апсењата адвокати и новинари

Стотици демонстранти се собраа денеска во главниот град на Тунис барајќи ослободување на затворените новинари, активисти и опозиционери и одредување датум за фер претседателски избори.

Вчера туниската полиција упадна во зградата на адвокатската комора и ја уапси Соња Дахмани, адвокатка позната по нејзините жестоки критики кон претседателот Каис Сајед, објави Ројтерс.

Истиот ден беа уапсени и двајца новинари.

Опозицијата денеска повика да се обезбеди чиста политичка клима за гласање, што ќе опфати и укинување на ограничувањата на медиумските и политичките слободи.

„Денес нема клима за фер избори и нема датум... властите ги репресираат политичарите, адвокатите и новинарите“, рече Имед Хемири, висок функционер на партијата Енахда, филијалата на Фронтот на спасот, која го организирала протестот.

„Упадот на адвокатската комора вчера е опасен преседан што го одржува авторитарниот режим“, додаде тој.

Абир Муса, еден од најистакнатите кандидати, со месеци е во затвор, а Мондер Занаиди за евентуалните избори најави кандидатура од Франција, поради очекување дека ќе биде уапсен доколку се врати во Тунис.

Саџед, без да прецизира на кого се мисли, ги обвини потенцијалните кандидати дека се предавници и бараат заштита од странство.

Изборната комисија претходно најави дека изборите ќе се одржат навреме, но за време на првиот петгодишен мандат на претседателот, кој завршува, се уште не објавил датум.

Сајед ја презеде функцијата по слободните избори одржани во 2019 година, но презеде дополнителни овластувања две години подоцна кога го распушти избраниот парламент и се префрли на владеење со декрет.

Тој ја презеде власта и над судството, што опозицијата го окарактеризира како државен удар.

Научниците воодушевени од новото откритие на Марс-таму се случува иста појава како и на Сонцето

Марс, како и Сонцето, се чини дека исфрла плазма од својата атмосфера, што е малку неочекувано со оглед на тоа што Црвената планета нема глобално магнетно поле.

Имено, кога магнетните полиња во јонизираниот гас (плазма) околу ѕвездата наеднаш ќе го променат правецот или ќе се преполоват, доаѓа до голем излив на енергија, односно исфрлање на короналната маса.

Астрономите забележале сличен феномен во горната атмосфера на Марс исполнета со плазма, иако планетата има само „џебови“ од магнетно поле, а не глобално магнетно поле како Сонцето.

Сепак, до неодамна не беа забележани масовни исфрлања на Црвената планета.

Физичарот Лу-Чуанг Ли од Институтот за науки за Земјата во Тајван и неговите колеги, додека ги анализираа податоците од сателитот на НАСА за атмосферата на Марс и испарлива еволуција (MAVEN), забележаа три експлозивни масовни исфрлања од јоносферата на Марс што се случиле во 2014, 2016 и во 2019 година.

Овој феномен не се забележува лесно на Марс, за разлика од масовните исфрлања од Сонцето, кои се доволно густи за да ја рефлектираат сончевата светлина и можат да се видат од Земјата. Затоа научниците бараа области во јоносферата каде што очигледно нема плазма.

Ли и неговите колеги мислат дека исфрлањата на Марс се предизвикани од интеракциите помеѓу неговото нерамномерно магнетно поле и сончевиот ветер.

Постојаниот прилив на наелектризирани честички предизвикува раскинување на линиите на магнетното поле на планетата и исфрлање на плазмата.

„Ако ова се случува во атмосферата на Марс, тоа може да значи дека слични процеси се случуваат на други планети кои исто така немаат глобално магнетно поле, како што е Венера“, вели физичарот Метју Овенс од Универзитетот Ридинг во Велика Британија.

притисни ентер