Сончево и релативно топло

 Времето денеска ќе биде сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец. 

Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 21 до 27 степени Целзиусови.

Во Скопје ќе биде сончево и релативно топло со мала облачност и со слаб североисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 26 степени.

Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), следува период на сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Локална појава на попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи се очекува кон средината на следната седмица.

Честитка до Гордана Силјановска- Давкова од специјалниот претставник на ВБ за Западен Балкан

Честитка до Гордана Силјановска- Давкова од специјалниот претставник на британскиот премиер за Западен Балкан.

Порака од Лорд Пич, специјалниот претставник на британскиот премиер за Западен Балкан:

„Честитки до Гордана Силјановска Давкова, претседателка на Македонија. Обединетото Кралство очекува зајакнување на долгогодишното партнерство помеѓу нашите земји, унапредување на трговските односи и проширување на заедничката посветеност на безбедноста и соработката во рамките на колективната одбрана како дел од НАТО".

Крвава роденденска забава во Еквадор: Најмалку осуммина загинати во бар

Осум лица се убиени во пукање во бар во еквадорскиот град Чандуј, каде се одржувала роденденска прослава, соопшти локалната полиција.

Не е јасно дали нападот во крајбрежната провинција Санта Елена бил насочен против лицето чија прослава се одржала, пренесува АП.

Локалната полиција соопшти дека напаѓачите пристигнале со такси и со два мотоцикли, а потоа отвориле оган врз гостите во објектот.

Некои од жртвите се пронајдени надвор од барот.

Меѓу жртвите има пет мажи и три жени, а ниту една од жртвите нема криминално досие, соопшти полицијата.

Санта Елена стана еден од најнасилните региони на Еквадор, бидејќи има три пристаништа кои често се користат за шверц на дрога.

Локалните банди, кои во некои случаи соработуваат со мексиканските картели, значително ја зголемија криминалната активност во последните години, а зголемен е и бројот на убиства во земјата, наведува АП.

Најмалку 7.600 убиства биле извршени во Еквадор во 2023 година, во споредба со околу 4.400 во 2022 година.

Досега оваа година во Еквадор имало околу 1.875 убиства.

Повеќе од 4.000 луѓе се евакуирани од пограничните области на регионот Харков

Повеќе од 4.000 луѓе се евакуирани од пограничните области на украинската област Харков, изјави денеска регионалниот гувернер Олег Синегубов, цитиран од француските медиуми.

Потребата за евакуација се појави откако руските сили во петокот започнаа нова офанзива против регионот Харков.

-Вкупно 4.073 луѓе се евакуирани, напиша регионалниот гувернер Олег Синегубов на социјалните мрежи еден ден откако руското Министерство за одбрана соопшти дека руските сили зазеле пет села во Харковската област.

Синегубов пријавил дека 63-годишен маж е убиен денеска од артилериска граната во селото Глибоке и дека 38-годишен маж е ранет во пограничниот град Вовчанск.

Украина во петокот соопшти дека Русија извршила напад врз регионот Харков и дека постигнала мал напредок во пограничната област од која нејзините сили беа истиснати пред речиси две години.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера вечерта изјави дека украинските сили изведуваат контранапади во пограничните села на регионот Харков.

-Нашата задача број еден сега е да ги спречиме руските офанзивни планови, рече украинскиот лидер.

притисни ентер