Сијарто: Унгарија нема да учестува во „лудата мисија“ на НАТО за помош на Украина

 Унгарија нема да учествува во долгорочниот план на НАТО за помош на Украина, изјави унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, нарекувајќи го планот „луда мисија“, пренесува Хина.

Сојузниците на НАТО во април се согласија да започнат планови за долгорочна воена поддршка за Украина во борбата против руската инвазија преку формирање фонд вреден 100 милијарди евра.

Според плановите, НАТО ќе преземе дел од координацијата од коалицијата предводена од САД наречена Рамштајн група.

Шефот на унгарската дипломатија повтори дека унгарската Влада се противи на планот.

„Унгарија нема да се приклучи на лудата мисија на НАТО и покрај сите притисоци“, рече Сијарто на настан на Фејсбук во Лондон.

Владиниот портпарол Золтан Ковач, реагирајќи минатиот месец на иницијативата на НАТО, објави на платформата Х дека Унгарија нема да поддржи ниту еден предлог на НАТО што би можел „да ја доближи Алијансата до војна или да ја претвори од одбранбена во офанзивна коалиција“.

Односите меѓу Будимпешта и НАТО се затегнати поради доцнењето на Унгарија со ратификувањето на влезот на Шведска во Алијансата, што конечно го направи во март, и поради блиските односи на унгарскиот премиер Виктор Обран со Москва и покрај руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Американскиот амбасадор во Унгарија, Дејвид Пресман, претходно изјави дека сојузниците во НАТО ја предупредуваат Унгарија за опасностите од „блиските и се пошироки“ односите со Русија и дека, доколку тоа е политичкиот избор на Будимпешта, „ќе мора да одлучи како најдобро да ги заштити своите безбедносни интереси“.

Кои се другите жртви што загинаа во хеликоптерската несреќа со Раиси

Неколку високи ирански функционери, исто така, загинаа заедно со иранскиот претседател Ебрахим Раиси во хеликоптерска несреќа во шумата Дизмар, лоцирана меѓу градовите Варзакан и Џолфа во провинцијата Источен Азербејџан.

Покрај Раиси, загинаа иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан, гувернерот на Источен Азербејџан Малек Рахмати, претставникот на иранскиот врховен лидер во Источен Азербејџан Мохамад Али Але-Хашем, шефот на претседателската гарда Мехди Мусави, пилотот на хеликоптерот, копилотот и екипажот.

Раиси и неговите сопатници се враќале од настан со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев.

Најмногу дожд во Берово

Изминатото деноноќие најмногу дожд наврнал во Берово, 14 литри на метар квадратен, а најмалку во Крива Паланка, Крушево, Маврови Анови и Гевгелија, еден литар на единица површина.

До 08:30 часот се измерени и 8 литри на метар квадратен во Лазарополе, 7 во Штип, 3 во Струмица, како и 2 во Куманово, Битола, Демир Капија и Кавадарци.

Според УХМР, утрово е најсвежо на Попова Шапка и во Лазарополе, 10 степени целзиусови, а максимални 18 степени е во Тетово и Скопје-Зајчев Рид.. Единаесет степени е во Берово, 12 во Маврови Анови, 13 во Крушево и Крива Паланка, 14 во Битола и Охрид, 15 во Прилеп, Виница и Струмица, 16 во Штип, Дебар, Кавадарци и Претор, како и 17 степени во Дојран, Велес, Куманово, Демир Капија, Гевгелија и Скопје-Петровец,

Во текот на денот ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Попладне на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи локално во форма на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Максималната температура ќе биде во интервал од 22 до 27 степени.

Во Скопје променливо облачно со повремен дожд. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и услови за појава на краткотрајно невреме. Максималната температура ќе достигне 26 степени.

Концерт на познатиот „Хрватски гитарски квартет“ во Скопје

Концертниот настап на „Хрватски гитарски квартет“ ќе биде посветен на жената, како синоним на духовноста.

Во организација на платформата „За тебе“ за првпат на 28 мај, во Скопје ќе гостува „Хрватски гитарски квартет“ во состав: Зоран Дукиќ, Петрит Чеку, Марое Брчиќ и Твртко Сариќ.

Новооформената платформа „За тебе“, како што наведуваат организаторите, се залага во континуитет да промовира атрактивна, пред се, музичка културна содржина и меѓународни гостувања на светски и регионални докажани музички артисти.

Концертниот настап на „Хрватски гитарски квартет“ ќе биде посветен на жената, како синоним на духовноста. Недвојбено, жената како гласот на мудроста, одмереноста, грациозноста, нежноста, стаменоста, храброста и истрајноста - жената како борец, хероина против неправдата, која исправено стои, борејќи се за социјални и општествени промени.

На програмата ќе бидат изведени дела од: Луиџи Бокерини, Антонио Вивалди, Астор Пјацола, Рафет Руди, Мирослав Милетиќ, Гордан Тудор, Сергеј Прокофјев и Зоран Јураниќ.

Гитарската четворка Зоран Дукиќ, Петрит Чеку, Марое Брчиќ и Твртко Сариќ го одржале својот прв заеднички концерт во 2016 година и оттогаш имаат отсвирено бројни турнеи низ Хрватска, Италија, Словенија, Чешка... вклучително и неколку премиерни изведби на дела од композитори како Викторија Чоп, Гордан Тудор и Зоран Јураниќ, како и настапи со Загрепските солисти и Вараждинскиот камерен оркестар.

Ја добија наградата „Орландо“ на Хрватската радио-телевизија за нивниот концерт на фестивалот „Дубровничко лето“ во 2017 година. Од 2020 година, овој ансамбл настапува под името „Хрватски гитарски квартет“ и истата година го објавија албумот „Guitarrismo“ за „Кроација рекордс“, кој доби две номинации за „Порин“.

Во 2022 година, објавија албум под името „Багатели за домашна употреба“ („Кантус“). „Хрватски гитарски квартет“ изведува дела од сите музички епохи, со посебен акцент на делата на хрватските композитори.

Концертното гостување се реализира со поддршка на „Смаргд 1969“, „Мерлин солушн“, „Гигабел“ и Why агенција.

„Хрватски гитарски квартет“ ќе настапи на 28 мај во 20.30 часот на големата сцена во Филхармонијата.

притисни ентер