Се продава омилената Honda NSX на легендарниот Аиртон Сена (ВИДЕО)

Наскоро ќе се навршат 30 години од трагичната смрт на Аиртон Сена, а во оваа прилика на продажба пристигна неговиот омилен личен автомобил.

Легендарниот Ф1 пилот ја обожаваше Honda NSX, во чиј развој и тој лично учествуваше. Познат и како јапонско Ферари, NSX е сигурно најдобрата Хонда на сите времиња, а според многумина, најдобриот јапонски суперспортски автомобил.

Затоа, не е чудно што Сена имаше три примероци. Најпознатиот, кој се појавува и во документарниот филм Racing Is In My Blood, убав пример кој го поминал животот на португалските патишта, сега го нуди Auto Trader, а автомобилот се продава за 500.000 фунти.

За оваа не мала сума добивате повеќе од автомобил. Тоа е уникатно парче од историјата и веројатно најпрепознатливиот артефакт на легендата на Ф1. Овој болид го возеше трикратен шампион во Формула 1 кој победи на 41 Гран При и беше инспирација за многу возачи денес, вклучувајќи го и Луис Хамилтон. Загина трагично на 1 мај 1994 година на Големата награда на Сан Марино.

Сегашниот сопственик Роберт Мекфаган го купил NSX во Португалија и оттогаш се грижи и го разгалува. Автомобилот поминал околу 63.000 километри, а единствениот услов на продавачот е автомобилот да биде предаден во август по изложбата на Сена во Силверстоун.


Инфлација во Аргентина достигна околу 290 отсто

Централната банка во вчерашното соопштение вети дека ќе им го олесни товарот на многу Аргентинци, буквално, кои мораат да носат огромни торби, понекогаш дури и куфери, со голема сума готовина за мали трансакции.

Цените во Аргентина пораснаа толку драматично во последните месеци што владата на претседателот Хавиер Милеи беше принудена петкратно да го зголеми износот на најголемата аргентинска банкнота, и таа сега изнесува 10.000 пезоси, што е приближно десет американски долари.

Централната банка во вчерашното соопштение вети дека ќе им го олесни товарот на многу Аргентинци, буквално, кои мораат да носат огромни торби, понекогаш дури и куфери, со голема сума готовина за мали трансакции.

Годишната стапка на инфлација во Аргентина во март достигна 287 отсто и е меѓу највисоките во светот.

Новата банкнота треба да излезе следниот месец „за да се олеснат трансакциите меѓу корисниците“, соопшти централната банка.

Во моментов 10.000 пезоси, на колку што ќе гласи банкнотата, официјално вредат 11 американски долари, а на црниот пазар 9 долари.

Во цела Аргентина, готовината, особено банкнотата од 1.000 пезоси, останува најпопуларниот начин на плаќање.

Кога се појави во оптек во 2017 година, банкнотата од 1.000 пезоси имаше вредност од 58 американски долари на црниот пазар. Сега вреди еден долар.

Со оглед на најтешката финансиска криза во Аргентина во последните две децении и нестабилноста што ја предизвика, продавачите ја фаворизираат „готовината“ пред безготовинското плаќање и нудат големи попусти за оние кои плаќаат во готово.

Милеи дојде на власт како политички аутсајдер минатиот декември, ветувајќи дека ќе ја намали инфлацијата и ќе го стабилизира пезосот со промена на политиките на претходните левичарски влади, кои печатеа пари за да ја финансираат јавната потрошувачка.

Но, острите мерки за штедење на владата на Милеи ги ставија цените на американско и европско ниво, што тешко ги погоди обичните Аргентинци, а закажан е и голем национален штрајк.

Милеи, и покрај високата инфлација, вели дека неговиот план функционира.

Аргентина исто така најавува банкнота од 20.000 пезоси, но подоцна годинава.

ДПА: Десничарската опозиција слави победа на изборите во Македонија

Десничарската опозиција во Македонија убедливо победи на парламентарните и претседателските избори вчера, јави ДПА.

По речиси целосно преброените гласови десничарската националистичка ВМРО-ДПМНЕ доби 43,2 отсто од гласовите и ќе има 59 места во 120-члениот парламент, соопшти Државната изборна комисија во Скопје.

Десничарската партија ќе го замени Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), кој е на власт од 2017 година.

СДСМ, предводена од поранешниот премиер Димитар Ковачевски, кој беше на функцијата до почетокот на годинава, освои само 15,3 отсто од гласовите. Поддршката на партијата драстично опадна и се спушти на помалку од половина од делот што го доби на претходните парламентарни избори пред четири години.

Ковачевски во текот на изборната ноќ им ја честиташе победата на политичките противници, наведе ДПА.

Лидерот на ВМРО и главен кандидат Христијан Мицкоски најверојатно ќе стане следниот премиер на земјата од НАТО.

На вториот круг од изборите за претседател, кои исто така се одржаа вчера, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова забележа чиста победа откако освои околу 65 отсто од гласовите, соопшти Државната изборна комисија.

Силјановска-Давкова однесе победа против актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој беше поддржан од СДСМ, а во вториот круг пред пет години ја победи Силјановска-Давкова.

Изборната кампања се карактеризираше со обвинувања за лошо и корумпирано владеење, упатени од опозицијата против СДСМ и етничките Албанци, Демократската унија за интеграција (ДУИ) која беше во владата со СДСМ.

ВМРО усвои националистички тон и најави конфронтирачки курс против соседните членки на Европската унија, Грција и Бугарија, во случај на победа на изборите.

Во центарот е прашањето за името на земјата, кое Скопје го промени од Македонија во Северна Македонија по договорот со Атина во 2019 година, како и за малцинските права.

Заземањето поостар став против Грција може значително да ги попречи пристапните преговори што ЕУ ги отвори со Скопје во јули 2022 година. Земјите членки на ЕУ, Грција и Бугарија, имаат право на вето практично на секој чекор од преговорите.

На Мицкоски ќе му требаат партнери за да ја состави идната влада. Партиите на етничките Албанци се клучни во овој поглед, бидејќи оваа етничка група сочинува околу 25 отсто од населението на оваа мала балканска земја, наведува ДПА.

Над 14 отсто од гласовите доби ДУИ, која во последните 20 години ковладееше во речиси сите коалиции, но ВМРО-ДПМНЕ не ја смета за партнер.

Опозицискиот сојуз на албански партии, наречен Коалиција ВЛЕН, освои 10,7 отсто од гласовите и таа се смета за можен владин партнер на ВМРО-ДПМНЕ.

НБА: МВП трофејот по трет пат во рацете на Никола Јокиќ

Српскиот кошаркар Никола Јокиќ (29) е прогласен за најкорисен играч во НБА лигата, трет пат во последните четири сезони.

Јокиќ доби 926 поени во гласањето и убедливо победи пред ѕвездата на Оклахома, Канаѓанецот Шеј Гилџес-Александер, додека Словенецот Лука Дончиќ беше трет, а Гркот Јанис Антетокунмпо на четвртото место.

Последен пат еден американски кошаркар го освои признанието за најкорисен играч во 2018 година, кога наградата му припадна на Џејмс Харден.

Јокиќ сезонава има просек од 26,4 кошеви, 12,4 скокови и девет асистенции по натпревар, заедно со 1,4 украдени топки и 0,9 блокади.

Неговиот Денвер Нагетс ја заврши регуларниот дел од сезоната со рекорд од 57 победи и 25 порази, но Нагетс имаат тешка задача да ја одбранат титулата, бидејќи треба да ја надополнат негативата од 0-2 против Минесота, која ги победи двата пати во Денвер, во полуфиналето на Западот.

притисни ентер