Се одржа Меѓународниот натпревар за сирени во Шангај

Подводниот визуелен спектакл „Мермејд опен“ (Mermaid Open), познат и како Меѓународен натпревар за сирени во Шангај, Кина се одржа минатиот викенд. На него учествуваа стотина спортисти од Кина, Јужна Кореја и Казахстан.

Беа прикажани уметнички нуркачки вештини во неколку дисциплини, а натпреварувачките и натпреварувачите се оценувани во неколку категории.

Натпреварот се одржа во базен со 7.500 кубни метри вода и околу 50.000 риби во него, a двајца од јужна Кина се прогласени за шампиони - во женска и машка конкуренција, пишува „Шангај дејли“. Натпреварите со сирени станаа многу популарни во Кина последниве години, а за да го поттикне овој спорт, Океанскиот парк „Хајчанг“ во Шангај планира да организира серија настани и за претстојните празници во мај.

Си денеска на средби со Макрон и Фон дер Лајен

Кинескиот претседател Си Џинпинг во рамките на државната посета на Франција денеска ќе се сретне со неговиот француски колега Емануел Макрон, како и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Си вчера пристигна во Париз, а од Пекинг претходно беше најавено дека за време на петдневната турнеја низ Европа, покрај Франција, ќе ги посети и Србија и Унгарија.

Ова е прва посета на кинески лидер на Европа во последните пет години.

Во руски напад во Сумската област оштетен високонапонски објект на Укренерго

Високонапонскиот објект на Националната енергетска компанија „Укренерго“ е оштетен во руски напад со беспилотни летала и ракети врз Сумската област во Украина.

- Меѓу оштетената цивилна инфраструктура е и високонапонски објект на „Укренерго“ … Екипите за поправка на „Укренерго“ работат на постепено враќање на снабдувањето со енергија на потрошувачите, соопшти операторот.

Како што пренесува Укринформ, во соопштението се додава дека руските напади врз енергетските капацитети во регионот Харков не престануваат и оти вчера од безбедносни причини била исклучена опремата на локалната регионална енергетска компанија.

- Поголемиот дел од неа веќе е вратена во функција, но целосното обновување на снабдувањето со енергија е попречено од непријателствата во близина на објектите на енергетската инфраструктура, се вели во соопштението.

Израел почна евакуација на Рафа пред планираната воена операција

Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска почнаа да го евакуираат Рафа во јужниот дел на Појасот Газа пред планираната воена операција во градот.

- Почнуваме операција со ограничен опсег за привремено евакуирање на жителите на источен Рафа, изјави портпаролот на ИДФ.

ИДФ ги повикаа жителите на источниот дел на градот на границата со Египет да се преселат во кампот Ал-Маваси на Медитеранот неколку километри северно. Според портпаролот на ИДФ, се проценува дека се погодени околу 100.000 луѓе. Тие биле информирани преку СМС порака, телефон, летоци и преку медиуми на арапски јазик.

Луѓето треба да одат во „проширена хуманитарна област“ во областа Ал-Маваси. Таму има храна, вода и лекови, рече портпаролот на ИДФ. Армијата исто така постави теренски болници. Портпаролот не можеше да каже колку време имаат луѓето да се евакуираат.

Тој нагласи дека доставувањето хуманитарна помош за населението ќе продолжи непречено за време на операцијата за евакуација. Таа може да се донесе до крајбрежниот појас преку различни рути, на пример преку пристаништето во Ашдод.

притисни ентер