Сања Лукаревска во Крива Паланка: Само кога СДСМ победува, победници се и државата и граѓаните

Важноста на овие избори не е во тоа дали ќе ги задржиме нашите позиции туку да ја сочуваме државата, нејзината стабилна и предвидлива иднина. 

СДСМ е силна, голема, моќна партија која поминала низ бројни премрежја од кои излегувала посилна. Не смееме да заборавиме низ што поминавме, и ние и нашата држава. Не смееме да ги заборавиме оние мачни години, години на прислушување, на закани, на молк, на навреди, рече носителката на третата изборна единица Сања Лукаревска, вечерва во Крива Паланка.

-Победивме заедно со народот, со слободољубивите граѓани, го исполнивме нашето најголемо ветување-живот во слобода. Сега ви ветуваме ИДНИНА, предвидлива, спокојна, европска. Затоа, клучно е СДСМ да победи на изборите. Сите добро знаете дека не претерувам кога велам дека само кога СДСМ победува, победници се и државата и граѓаните.

Лукаревска истакна дека во времето на кризи ниту еден граѓанин не беше заборавен.

-Се грижевме за сите граѓани, да им останат работните места, да добијат помош оние кои работат во приватниот сектор, непречено да тече исплатата на пензиите, социјалната помош, помошта за најранливите. Не ги заборавивме ниту земјоделците, ниту сточарите.

За нас проблемите се предизвик. И тука сме. Се бориме со проблемите, не ги сокриваме, не ги подметнуваме кај друг. И затоа ќе победиме. Сите ќе победиме.

Знам дека Крива Паланка и на 24 април и на 8 мај ќе го направи најдобриот избор- Стево Пендаровски и Социјал демократскиот сојуз на Македонија. Ви ветувам дека заедно ќе ја прославиме победата. Тоа е победа на граѓаните, победа на Европска Македонија.

Нема откажување од иднината, таму е нашата заедничка победа, рече носителката на третата изборна единица, Сања Лукаревска, се наведува во партиското соопштение.

Фон дер Лајен: ЕУ требаше да ги послуша предупредувањата на Централна Европа за Русија

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека требало да се слушаат што зборуваат земјите од Централна Европа за Русија и порано да се преземат „одлучни акции“.

- Мислам дека требаше подобро да ги слушаме земјите од Централна Европа. Тие имаат многу повеќе искуство со соседството на Русија. Можеби требаше да направиме нешто порано, како што предложија некои централноевропски земји. Денеска можеме да бидеме благодарни и задоволни што имаме толку силна Европа, која може да даде толку силен одговор на Русија, рече таа на прес-конференција во Брисел на прашањето што научи ЕУ од Полска во изминатите 20 години.

Претседателката на Европската комисија истакна дека 20-годишнината од големото проширување на ЕУ бил одлучувачки момент и гледајќи од денешна перспектива, суштински ја промени Европа и ја направи посилна, пренесува полската телевизија TV World. /МИА

На ГП Богородица се чека околу 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. 

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Богородица се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање за излез од државата е околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Македонски филмови во мајската програма на Кинотека со фокус на творештвото на Столе Попов

На програмата на Кинотеката во мај ќе има проекции на македонски филмови, а фокусот ќе биде на филмското творештво на режисерот,  сценарист и продуцент Столе Попов (1950) кому оваа година му е доделена  кинотечна награда „Златен објектив“

-Автор кој во голема мера ја задолжи националната кинематографија – како со својот наградуван филмски опус, така и со својот педагошки и менаџерски ангажман на полето на седмата уметност и филмското образование, соопшти Кинотеката.

Ќе бидат прикажани неговите документарни филмови „Оган“, „Дае“, „Австралија, Австралија“ и играните „Црвениот коњ“, „Среќна Нова ’49“, „Тетовирање“, „Џипси меџик“, „До Балчак“.

Покрај филмови од Попов, мајската програма на Кинотеката ќе прикаже и ретроспектива на кратки македонски филмови на режисерите Кочо Недков, Дарко Марковиќ и Елеонора Венинова, новиот документарен филм на Игор Иванов - „Време на бетон“. Исто така и „Буре барут“ на Дејан Дуковски во режија на Горан Паскаљевиќ, како и документарецот „Скопје 63“ на Вељко Булајиќ.

-На менито на Кинотека месецов се наоѓа и промоцијата на новиот филм потпишан од францускиот кинопровокатор Франсоа Озон - „Питер фон Кант“. Се работи за еден интересен, постмодерен осврт и своевиден римејк на делата потпишани и креирани од легендата на германскиот нов бран, Рајнер Вернер Фасбиндер, соопшти Кинотеката.

Во рамки на програмата за овој месец, од 13 до 18 мај во Кинотеката ќе биде организирана и Недела на италијанскиот филм. /МИА

притисни ентер