Приватна средба на полскиот премиер со Трамп

 Полскиот претседател Анджеј Дуда соопшти дека за време на неговата посета на Њујорк, вчера имал приватна средба со поранешниот шеф на американската држава и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп.

Изборниот штаб на Трамп ги опиша двајцата политичари како „одлични пријатели“, се вели во соопштението за состанокот, во кое се додава дека разговарале за предлогот на Дуда земјите од НАТО да трошат најмалку три отсто од својот БДП за одбрана.

Дуда, чиј мандат истекува во 2025 година, беше еден од меѓународните партнери на Трамп кога тој беше претседател.

– Доналд Трамп ме покани во својот приватен стан, така да се каже. Ова е едноставно приватен состанок за време на мојот престој овде, во Њујорк, изјави Дуда.

Трамп, кому му се суди во Њујорк под обвинение дека го купил молчењето на порно актерката Сторми Даниелс за нивната врска, е во тесна трка против актуелниот демократ Џо Бајден пред претседателските избори во ноември.

Многу европски лидери долго време стравуваат дека новиот мандат на Трамп може да значи намалување на американската поддршка за Украина, која граничи со Полска, но и за НАТО алијансата.

„Претседателот Трамп со задоволство потсети на неговата значајна посета на Полска во 2017 година и го пофали полскиот народ за цврстата одбрана на својот суверенитет и посветеноста на заштитата на европските граници од секакви и сите закани, објави предизборниот штаб на Трамп во соопштението за печатот.

Пател: Не сме виделе израелски план за напад на Рафа што би нè загрижил

САД не виделе никаков веродостоен израелски план за офанзива врз градот Рафа што би предизвикало загриженост, изјави синоќа заменик-портпаролот на Белата куќа, Ведант Пател.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека ќе продолжи со операцијата и покрај загриженоста на меѓународната заедница за повеќе од милион Палестинци кои се наоѓаат во најјужниот град Газа.

Началникот на Генералштабот на израелските одбранбени сили, Херци Халеви ги одобри во понеделникот конечните планови за воена операција во градот Рафа и во бегалските кампови во Појасот Газа, пишува „Унет њуз“. /MИА

Се урна дел од автопат во јужна Кина, при што загинаа најмалку 19 лица, а 30 се повредени

 Најмалку 19 лица загинаа денеска при уривање на дел од автопат на југот на Кина, во провинцијата Гуангдонг, јави кинеската државна телевизија CTV.

Дел од патот долг 17,9 метри се урна околу два часот наутро, објавија властите во главниот град на Гуангдонг, Меижоу.

„Околу 11:45 часот по локално време, под урнатините (на патот) се пронајдени 18 автомобили. Властите потврдија 19 смртни случаи, а уште 30 лица се во болница, но нивните животи не се во опасност“, јави телевизијата.

Изминативе денови во областа врнеа обилни дождови./MИА

Одбележување на Меѓународниот ден на трудот ширум светот

Меѓународниот ден на трудот, 1 мај, денеска се одбележува во светот во знак на сеќавање на тој датум во 1886 година, кога работниците во Чикаго со штрајкови и протести ја започнаа својата борба за осумчасовен работен ден.

На првиот конгрес на Втората интернационала во 1889 година, беше одлучено следната година да се одржи голема манифестација со која ќе биде прославен 1 мај, како знак на сеќавање на протестите во Чикаго и како форма на борба за работничките права.

На вториот конгрес на Работничката интернационала е одлучено од 1890 година на 1 мај ширум светот да се одржуваат манифестации, демонстрации и штрајкови. /МИА

притисни ентер