Полскиот претседател предложи зајакнување на националниот одбранбен систем

Полскиот претседател Анджеј Дуда поднесе до парламентот нацрт-закон за зајакнување на одбранбената готовност, поради новите форми на закани од Русија, соопшти денеска Националната служба за безбедност (ББН).

Според предлогот, генералната и оперативната воена команда ќе се спојат во едно тело.

Нацртот предвидува и нови постојани одбранбени планови кои обезбедуваат способност на војската веднаш да одговори на ненадејни закани и има за цел да го подобри протокот на информации и координацијата меѓу цивилните и воените власти на Полска.

- Предлогот предвидува воведување промени во воените и невоените области, зајакнување на способноста за спротивставување на хибридните закани и директна вооружена агресија, се наведува во соопштението на ББН.

Се додава дека предлозите се „одговор на промените во безбедносното опкружување, вклучително и новите форми на закани од Руската Федерација насочени против Полска и другите земји од Европската унија и НАТО“.

Руската амбасада во Полска соопшти дека не е во можност да го коментира соопштението на ББН бидејќи не е запознаена со тоа на какви „нови“ и „стари“ облици на наводни закани од Руската Федерација насочени против Полска и други земји од ЕУ и НАТО се мисли.

Полска ги зголеми своите воени трошоци на над четири отсто од бруто домашниот производ, што е повеќе од препораките на НАТО. /МИА

Шпанија не дозволи брод со оружје за Израел да се закотви во Картагена

Шпанија не дозволи брод што носи оружје за Израел да се закотви во југоисточното пристаниште Картагена, изјави синоќа министерот за надворешни работи Хозе Мануел Албарес.

Тој потврди дека бродот „Мариана Даница“ (Marianne Danica) кој превезува оружје во Израел побарал дозвола да се закотви во Картагена на 21 мај.

Албарес истакна дека забраната за шпанските пристаништа е во согласност со политиката на Мадрид да не го извезува своето оружје во Израел од почетокот на војната во Појасот Газа.

- Одбивме да дадеме дозвола за закотвување и тоа ќе биде конзистентна политика со секој брод што превезува израелско оружје, а сака да се закотви во шпански пристаништа, посочи Албарес.

Додека шпанскиот весник „Ел Паис“ објави дека бродот превезува речиси 27 тони експлозивен материјал од Мадрас, Индија.

Јокиќ: Не победија, нè уништија и мораме да научиме од ова

Кошаркарите на Денвер Нагетс го доживеаја најтешкиот пораз во историјата на франшизата кога е во прашање НБА плеј-офот.

Минесота Тимбервулвс го совлада тимот на Колорадо со 115:70 и со тоа го доби седмиот натпревар од полуфиналната серија.

Никола Јокиќ мечот го заврши со 22 поени, девет скока и две асистенции. Сепак, најголем проблем на Денвер е фактот што „двоцифрени“ беа само Арон Гордон (12) и Џамал ​​Мареј (10).

-Мораме да прифатиме дека ова е голем пораз. Не победија, нè уништија и мораме да научиме од ова. Мораме да почитуваме се што направија. И, погледнете, имавме резултат 9-2 на почетокот. Не изгледаше така добро за нив. Од тој момент играта стана еднотимско шоу, изјави Јокиќ по поразот.

Трикратниот МВП истакна и како од почетокот најави интересна серија против Минесота.

-Оваа серија е многу интересна, тоа го кажав и пред почетокот. Секој може да победи како гостин и тоа е она што го гледаме во моментов. Не се појавивме на овој натпревар, тие беа подобри од нас во секој сегмент. Дадовме едвај 70 поени, нивната одбрана беше фантастична. Бројките зборуваат сами за себе, објасни српскиот центар.

Одлучувачки фактор за ваков пораз беше очајниот шут од поле. Нагетс погодија само 30 проценти од нивните удари, што е навистина премногу ниско за плејоф натпревар.

-Покажаа дека се одличен одбранбен тим, тие се најдобрата одбрана во лигата со причина. Имавме свои шанси, но не ги искористивме, рече Јокиќ.

Остин ќе се сретне со Донг во Сингапур

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин се очекува да се сретне со кинескиот колега Донг Џун на конференција во Сингапур во текот на овој месец, објавија американските медиуми повикувајќи се на неименнуван американски официјален претставник.

Тоа ќе биде прва значајна средба меѓу двајцата во изминатите две години, иако Остин и Донг телефонски разговараа минатиот месец.

Во меѓувреме, портпаролот на американскиот Стејт департмент Ведант Пател изјави дека САД веруваат дека Кина ефикасно ја реконструирала руската одбранбена индустриска база, нарекувајќи ја „длабоко проблематична“ и истакнувајќи оти Вашингтон ќе преземе соодветни мерки по ова прашање кога тоа ќе биде неопходно.

Изјавата на Пател уследи по средбата помеѓу кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин, кои најавија „нова ера“ во партнерството меѓу двата најмоќни американски ривали. Тие ги нарекоа САД хегемон од Студената војна што предизвикува хаос низ целиот свет.

притисни ентер