Њујорк Тајмс: Хамас планира да ги предаде останките на неколку заложници

Хамас планира да ги предаде останките на неколку заложници во првата фаза од прекинот на огнот.

Палестинското исламистичко движење Хамас планира да ги предаде останките на неколку заложници кои беа меѓу 33-те за кои рече дека ќе бидат ослободени во првата фаза од предложениот договор за прекин на огнот, јави денеска Њујорк тајмс.

Во извештајот, во кој се цитирани две лица блиски до преговорите за постигнување договор, се вели дека Хамас ги информирал посредниците дека повеќе не се живи сите оние што требаше да бидат ослободени.

Се очекуваше во првата фаза да бидат ослободени жени, деца, стари и болни лица, потсетуваат израелските медиуми.

Израел претходно инсистираше да се ослободат само живите заложници во таа фаза и се согласи со помалку од 40-те луѓе што првично ги бараше, со тоа што се подразбираше дека сите што требаше да бидат ослободени се живи.

Хамас синоќа соопшти дека го прифатил договорот предложен од посредниците.

Израел, пак, оцени дека договорот е многу поинаков од она на што се согласила земјата.

Претставници на Хамас рекоа дека првата фаза од договорот ќе вклучува 42-дневно примирје и ќе ослободи 33 израелски заложници во замена за голем број палестински безбедносни затвореници кои се чуваат во израелските затвори.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху оцени дека понудата на Хамас не ги исполнува основните израелски барања, но најави дека ќе испрати преговарачи да продолжат со преговорите со американските, египетските и катарските посредници.

Се верува дека уште 128 заложници се држат во Газа, од околу 250 киднапирани во терористичките напади на палестинските екстремисти предводени од Хамас на 7 октомври минатата година, но се знае дека не се живи сите.

За време на еднонеделниот прекин на огнот на крајот на ноември минатата година беа ослободени 105 цивили, а пред тоа четворица.

Тројца живи заложници беа ослободени од војниците, а телата на 12 беа пронајдени, вклучително и тројца убиени по грешка од војниците.

Израелската војска ја потврди смртта на 35 заложници кои сè уште ги држи Хамас, повикувајќи се на нови разузнавачки информации од војниците кои дејствуваат во Газа.

600 француски жандарми ја почнаа акцијата во Нова Каледонија

Француските сили започнаа „голема операција“ во Нова Каледонија, на далечниот исток, а немирите синоќа однесоа уште еден живот, објави британски Гардијан.

Француските сили пробуваат да ја вратат контролата врз патот долг 60 километри што го поврзува главниот град на нова Каледонија Нумеа со главниот меѓународен аеродром, за што испратени се 600 тешко вооружени жандарми. Денеска е шести ден од избувнувањето на насилните немири, предизвикани од плановите во Париз да се воведат нови правила за гласање кои би можеле да им дадат право на глас на десетици илјади жители што не се домородни. Групите за независност велат дека тоа ќе го намали гласот на домородните канаци, кои сочинуваат околу 40 отсто од населението.

Летовите до и од главниот остров на Нова Каледонија се откажани од почетокот на немирите, блокирајќи патници и прекинувајќи ги трговските патишта.

Елегантни моторџии низ скопските улици во обид да ја подигнат свеста за машкото здравје

Стотици дотерани моторџии денеска дефилираат низ скопските улици со цел подигање на свеста за машкото здравје и превенција на рак на простатата.

Моторџиите облечени во палта и вратоврски по девети пат земаат учество во глобалниот хуманитарен мотоциклички настан, а собраните донации од учесниците одат во фондацијата за борба против рак на простатата „Мовембер“ во Лондон .

Организаторот на настанот во Скопје Игор Стефановски објаснува дека Глобалното движење започнало 2012 година во Сиднеј од група моторџии, во чест на нивниот пријател кој починал од рак на простатата, по што станува најголем глобален собир на мотоциклисти на светско ниво.

- Тие губат другар од рак на простатата, во негова чест почнуваат собирање, чисто клубски прво, меѓутоа сакаат да пренесат порака дека мотоциклистите не мора секогаш да бидат бучни, во кожни вентијаги и одлучуваат настанот да го направат дотерани, костумосани што би се рекло. Така да настанот со текот на годините настанот излегува од рамките на Австралија и се шири низ целиот свет. - Игор Стефановски – организатор

Во движењето на глобално ниво учествуваат околу 100.000 мотоциклисти од 110 држави. Во Скопје оваа година има рекорден број на официјално пријавени учесници, над 170. Тие велат дека се особено горди што се дел од ваков настан.

- Чувството да се вози на ваков настан е навистина убаво бидејки да си џентлмен и да правиш нешто што помага за да се поттикне машкото здравје е многу убава работа, веќе 8 години возам на gentlemens ride и е настан кој дефинитивно не се пропушта.- Филип Арсовски – учесник

- Чувството е одлично, се работи за еден интернационален настан кој ја потикнува важноста од борбата за машкото здравје, би препорачал на сите граѓани што повеќе да земаат учество во вакви хуманитарни настани и да ја гајат културата на старите мотори, олдтајмер возилата.- Златко Ивановски – учесник

Скопје е дел од ова движење од 2016 година. Досега учествувале 1.172 учесници, а собрани се над 18.000 евра. Од основањето на движењето досега глобално се собрани над 50 милиони долари кои се донираат во институции и болници за машко здравје.

Сообраќаен хаос во Клиничкиот центар во Скопје

Вакво е секојдневието во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Колони возила, свирежи и нервозни граѓани. Огромниот сообраќаен хаос за влез во клиниките е најизразен во утринските часови.

Ова е проблем со кој се соочуваат граѓаните години наназад и движењето низ клиниките е исклучително отежнато.

-И покрај тоа што во Клиничкиот центар има паркинг, се чини дека тој не е доволен да ги собере сите возила. Дел од нив се паркираат и на лентата за возилата за Брза Помош.

А токму несоодветно паркираните возила дополнително го заглавуваат сообраќајот низ клиничкиот центар.

Луѓето што ги анкетиравме се разочарани за целиот сообраќаен хаос што се случува во клиничкиот центар. Велат – ем плаќаат паркинг, ем губат време, ем не завршуваат работа.

Клиничкиот центар во Скопје располага со над 900 места за паркинг, а нови 600 предвидува новиот детален урбанистички план кој во февруари годинава го донесе Општина Центар. Сепак, и ова е мала бројка бидејќи според провен ките дневно во Клинички влегувата околу 5000 возила.

Иако низ годините помпезно од речиси сите министри беа најавувани брзи решенија за надминување на хаосот на Клинички, досега ништо од ветеното не е реализирано.

притисни ентер