Николовски од кавадаречка Марена: Лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, вечерва во селото Марена општна Кавадарци, пред лозарите го презентираше новиот Закон за вино, кои денеска беше усвоен од Собранието.

„Убави вести носам за вас лозарите. Собранието го донесе новиот Закон за вино предложен од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје. Исполнуваме уште еден даден збор пред лозарите“, изјави министерот Николовски.

Новиот Закон за вино во целост е усогласен со одредбите на европското законодавство. Се уредува делот на воведувањето нови производи од вино, како органско вино и ароматизирани вински производи. Македонското вино најмногу се извезува, кон земјите членки на Европската Унија и токму овој нов Закон придонесува непречено да се зголеми, но и олесни извозот на македонско вино и производи од вино кон ЕУ.

Законот за вино во целост е на страна на лозарите, решавајќи уште еден голем проблем за лозарите, а тоа е откупната цена. За првпат, преку јасна методологија, се утврдува гарантирана производната цена на винско грозје по килограм, најдоцна до 15 јули во тековната година и тоа за најмалку две најзастапени сорти. Пресметката на трошоците за производство на килограм винско грозје, на определена површина и соодветен квалитет, согласно дадена методологија, ќе биде вршена од високо образовна, или научна институција, од областа во земјоделството. Лозарите добиваат гарантирана цена на винското грозје, односно производствената цена зголемена за 25%.

Новиот Закон предвидува и креирање на нова годиншна, посебна програма за финасиска поддршка во лозарството и винарството, со која уште повеќе треба да се развиваат овие два значјни сектори.

„Новата посебна програма, во себе ќе ги содржи сите досегашни мерки за лозарството и винарството од програмите за директни плаќања и рурален развој. Создаваме и нови можности за поддршка на активности поврзани со промоцијата на виното во Македонија преку регистар на вина, препорачани цени на вина во ресторани, обележување на сите винарии, вински инфлуенсери, продажба на вино преку интернет“, истакна министерот Николовски.

Системот на заштитата на геогравските индикации на виното, во целост е усогласен со европското законодавство. Новиот Закон за вино во овој дел предвидува, истите да се заштитуваат на национално и меѓународно ниво, со заштитена ознака за потекло, или заштитена географска ознака. Традиционалниот назив на виното, на национално и меѓународно ниво, се заштитува со традиционална ознака.

Производството на вино со геогравска ознака ќе биде следено од сертификациони тела, кој процесот ќе го верифицираат во сите фази почнувајќи од самиот почеток на производство на грозје, до производство на вино со геогравска ознака. Сите заштитени ознаки на потекло и нивните корисници ќе бидат регистрирани во соодветен регистар во МЗШВ.

Новиот закон за вино заедно со десетгодишната Стратегија за развој на винарството и лозарството трасираат нов пат и сигурен развој на двата сектори, винарство и лозарство, преку стабилно произвдоство на винско грозје со мотивирани лозари, потоа зголемен извоз на македонско вино и уште повисоко позиционирање на светската винска мапа, нагласи министерот Николовски, соопшти МЗШВ.

Во центарот на Куманово откриен мурал со ликот на Бобан Трајковски кој беше убиен кај Вејце

Во центарот на Куманово откриен мурал со ликот на Бобан Трајковски кој беше убиен пред 23 години кај Вејце

Мурал посветен на Бобан Трајковски, еден од загинатите припадници на безбедносните сили во настаните кај Вејце 2001 година денеска беше откриен во Куманово. Трајковски беше еден од осумте припадници на македонските безбедносни сили кои загинаа на денешен ден 2001 година. Организатор на денешниот настан е здружението „Слобода, искреност, лојалност, акција-СИЛА“ и колегите од единицата „Волци“.

-Во 2001 година се случи еден настан во текот на борбените дејства при одбрана на државата каде што загинаа осум припадници на безбедносните сили, четворица од армијата, од специјалната единица „Волци“ меѓу кои и Трајковски Бобан-Другарчики. Тој учествуваше во таа акција и го даде својот живот за нашата Македонија. За жал, 23 години само за овој човек колку што имам информација барем за оваа случка никој нема направено апсолутно ништо. Јас како негов другар, сосед, претпоставен, бидејќи и јас тогаш бев вработен во „Волци“ како старешина, сега пензионер, си зедов за обврска заедно со единицата „Волци“ да направиме свечена манифестација каде што ќе го обележиме настанот, бидејќи 23 години никој ниту на централно, ниту на локално ниво не успеа да направи нешто, изјави Антонио Станковски, од здружението „СИЛА“.

Муралот го изработија уметниците од „Форма“ кои се сограѓани на кумановецот Трајковски. Од здружението се надеваат дека општината ќе именува улица или друг објект во чест на припадникот на безбедносните сили кој го даде животот за државата.

-Ова можеби е само почеток. Немаме ниедна улица, објект, јавен во градот којшто би требало да го носи неговото име, тука треба општината да донесе одредени одлуки, каде што никој нема да се налути, бидејќи го градиме мултиетничкото општество, но постои начин. Овие луѓе биле во легална институција, законски поставувале, го дале животот и мислам дека никој не треба да се навреди ако има какво било обележје во градот, дали име на школо, улица, објект, итн. Немавме никакви проблеми од граѓаните на зградата, бидејќи требаше да имаме нивна согласност. Тие сите и дуќаните и станарите апсолутно не правеа проблем, рекоа цртајте сè што мислите ако ова е во интерес на државата и на ликот на Бобан Трајковски, кажа Станковски.

На настанот присуствуваа членови на семејството, колеги, припадници на безбедносните сили, кумановци. На 28 април 2001 година, во 17:45 часот, се случи масакрот во Вејце, кога осум припадници на специјалната единица Волци и полицајци од посебната единица беа начекани во подмолна заседа и беа убиени. Тој дена беа убиени Роберт Петковски (27), Игор Костески (26), Миле Јаневски (30), Бобан Трајковски (28), Марјан Божиновски (27), Илче Стојановски (24), Бошко Најдовски (25) и Кире Костадиновски (24).

Бајден за Трамп: Се натпреварувам против „шестгодишно дете“

Американскиот претседател Џо Бајден ја искористи традиционалната гала вечера со новинарите за да го исмее Доналд Трамп за неговата незрелост, но се пошегува на сметка на својата поодмината возраст.

Бајден (81) го опиша Доналд (77) како инфантилен.

„Да, возраста е проблем. Јас сум возрасен маж и се натпреварувам против „шестгодишно дете““, рече синоќа Бајден, кој го нарече својот републикански ривал „поспан Дон“, пренесува Си-Ен-Ен.

Зборувајќи пред речиси 3.000 новинари, јавни личности и политичари, Бајден додаде дека единственото нешто што им е заедничко е нивната возраст.

„Мојата потпретседателка всушност ме поддржува“, додаде Бајден. Поранешниот американски потпретседател Мајк Пенс претходно изјави дека нема да го поддржи Трамп во трката за освојување уште еден претседателски мандат.

Претседателот на САД продолжи да укажува контрасти помеѓу неговата кампања за реизбор, која се засили по неговото обраќање за состојбата на нацијата минатиот месец, и онаа на Трамп, кој беше спречен активно да се посвети на неа, поради судењето во Њујорк под обвинение дека му наложил на неговиот тогашен адвокат Мајкл Коен да и плати на порно актерката Сторми Даниелс 130.000 долари за да ја спречи да излезе во јавноста за нивната наводна афера.

Според обвинението, Трамп тие пари ги покажал во деловните книги како трошоци за адвокат, што е незаконски.

- Направив голем напор уште од обраќањето за состојбата на нацијата, но Доналд имаше тешки неколку дена во последно време. Можете да ги наречете „бурни“, рече Бајден, алудирајќи на „сценското“ име на актерката од филмови за возрасни Сторми Даниелс.

Бојмацалиев: Нашите бранители -херои од 2001 никогаш нема да бидат заборавени

Нашата татковина е создадена и опстојува благодарение на храброста, непокорот и пожртвуваноста на нашите бранители-херои, порача  дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев.

Нашата татковина е создадена и опстојува благодарение на храброста, непокорот и пожртвуваноста на нашите бранители-херои, порача дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев на настанот во Битола организиран од ,,Здружението на членовите на фамилиите на загинатите припадници на вооружените сили на Македонија -Херои на Македонија 2001-2015“ по повод чествување во сеќавање на загинатите бранители во настаните ,,Вејце “ и ,,Шипковица“ во 2001 година.

За мирот и спокојот што денеска го имаме, додаде, ним им должиме и им се поклонуваме. Тие се великаните кои ја променија историјата и оставија светол пример за идните генерации.

-Нивните имиња остануваат вечно врежани во колективната меморијата на македонскиот народ. Нивниот ведар дух, посветеност и професионалност нивните херојски дела оставија траен белег врз нашите животи, за што денеска и секогаш со гордост и пиетет зборуваме и се сеќаваме. Како син на воено лице во пензија, кое во 2001 учествуваше на овие настани, сега како претставник на Министерството за внатрешни работи дозволете ми да им оддадам уште една признание и да им кажам на фамилиите дека никогаш нема да бидат заборавени, а Македонија ќе биде вечна, потенцираше Бојмацалиев.

притисни ентер