Неформална дводневна средба на Советот за општи работи на ЕУ

Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) денеска и утре ќе одржи неформално заседание, на кое централен настан ќе биде одбележување на 20-годишнината од големото проширување на Унијата на 1 мај 2004 година. 

Заседанието ќе започне вечерва со свеченост во Центарот за ликовни уметности „Бозар“ во Брисел со која ќе се одбележи годишнината од приемот на Естонија, Кипар, Малта, Летонија, Литванија, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка во Европската унија.

Работниот дел од неформалното заседание на ГАК ќе продолжи утре во чии рамки министрите или државни секретари на земјите членки на ЕУ задолжени за европски прашања ќе одржат серија работни сесии на кои ќе разговараат за процесот на проширување, вклучувајќи и за искуствата од проширувањето во 2004 година, за потребата од зајакнување на Унијата, како и инструментите на блокот за заштита на владеењето на правото.

Меѓу другото, предвидено е европските министри да одржат размена на мислења со претставници на земјите кандидати и аспиранти за членство на ЕУ за владеењето на правото во рамките на процесот на проширување.

На заседанието ќе стане збор и за важноста за почитување на владеењето на правото во рамки на Унијата, како и за потенцијални подобрувања на постоечките механизми на заштита на овој принцип и нивната ефикасност.

На состанок европските министри ќе разговараат и за иднината на ЕУ, при што се очекува да разменат мислења за потребните чекори и реформи за зајакнување на капацитетот за дејствување на Унијата.

Неформалните заседанија на Советите на ЕУ се средби на ресорните министри на кои не се носат никакви одлуки, туку само се дебатира и се разменуваат мислења за различни теми и прашања по кои треба да се решава на формалните средби или на состаноци на други тела на Унијата. /МИА

Шаховско првенство: Панчевски се приклучи кон водечката група

 Во 5. коло од Отвореното првенство на Македонија во шах продолжува неизвесноста во борбата за врвот, откако на првите 10 табли дури пет меча завршија со реми.

Може да се истакне победата на ИМ Филип Панчевски (2432) над ФМ Љубомир Илиќ (2051), со која играчот на ШК Алкалоид стигна до 4 бода и фати приклучок кон водечката група, која сега е уште поголема. Имено, ИМ Емил Ристески има тесна предност на врвот со 4,5 поени, а зад него е група од седум шахисти со по 4 поени, во која се уште и ИМ Тони Лазов (2358) и шампионот од 2021 година Филип Михов (2225), кои ремизираа во вчерашниот меѓусебен дуел.

Во шестото коло овие шахисти играат меѓу себе, при што на првата табла во дербито се среќаваат ИМ Ристески и ИМ Лазов.

На првенството за жени немаше изненадувања и сите пет партии завршија со победи на подобро рангираните, кои ја имаа улогата на фаворитки. ЖИМ Габриела Коскоска (1993) го доби дуелот со Лиле Аларова (1757), додека, пак, Леа Ефтовска (1797) ја продолжи низата од успешни резултати извојувајќи значајна победа со црни фигури над тимската колешка од ШК Алкалоид Бонита Јакимова (1523).

На табелата водат Ефтовска и Коскоска со по 4,5 поени од шест кола, додека, пак, третопласираната Жежовска со победата над Ајрадиновска се позиционираше на третото место со 3,5 бода.

На двата турнира денеска е на програмата седмото од предвидените девет кола, со почеток од 17:30 часот.

Претседател на грчка партија од собраниската говорница го искина Договорот од Преспа

Не постои ни северна ни јужна Македонија, Македонија е една и е Грција и го кажувавте тоа на протестите.

Ова е Договорот од Преспа. Ако постоеше кредибилна, национална, патриотска, општествена, народна грчка Влада ќе го стореше ова, рече лидерот на десничарско-националистичка партија Грчко решение Кирјакос Велопулос од говорницата на Парламентот и го искина листот со Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.

На денешната седница во Парламентот на која се дискутираше закон од Министерството за култура, а темата во никој случај не беше грчката надворешна политика, Велопулос се осврна на т.н. национални прашања.

-Не постои ни северна ни јужна Македонија, Македонија е една и е Грција и го кажувавте тоа на протестите. Сега ја нарекувате С. Македонија. Нашиот проблем не е претседателката на Скопје, проблемот е начинот на кој ја учат нивната историја, логиката со која самиот народ избира. Кого? Комитите. ВМРО е најлошото што би можело да го избере еден народ. Фашистичка и нацистичка партија, регуларна нацистичка партија, рече Велопулос.

Во продолжение го извади документот со Договорот од Преспа, рече дека ако Владата не може да го стори тоа, ќе го сторат тие и го скина листот.

Упати остри критики до грчката Влада, повикувајќи ја да ги донесе за ратификација трите меморандуми „за сите партии да гласаат против“.

-Донесете ги меморандумите за соработка со Скопје, сите да гласаме против, бидејќи тие го поништија Договорот, а не ние, рече Велопулос.

Грчко решение е партија која на ланските избори беше шеста со освоени 4,44 отсто од гласовите и доби 12 пратеници, а на последните истражувања на јавното мислење во Грција е со зголемен рејтинг што достигнува и до седум проценти и се движи на четвртата и петтата позиција.

Сателитскиот интернет „Starlink“ стана профитабилен

Нема официјални податоци, но според информациите на аналитичка компанија специјализирана за сателитската индустрија, „Starlink“ е во плус.

Поминаа речиси десет години откако „SpaceX“ ги објави своите планови да испрати бројни сателити во вселената кои ќе им овозможат на луѓето од секој дел на Земјата можност за брз и стабилен Интернет. На почетокот, поради сложеноста и големите предизвици на еден ваков проект, многумина беа прилично скептични за плановите на Маск, особено што во тоа време најголемата констелација на сателити беше сателитската мрежа Иридиум со само 66 сателити.

Но, екипажот од „SpaceX“ беше упорен во она што го зацртаа и во мај 2019 година ги лансираа првите сателити во вселената и продолжија постојано да испраќаат нови сателити во последните пет години. Според податоците на аналитичката компанија специјализирана за пазарот на сателити, „Quilty Space“, таков успех каков што постигна „SpaceX“ со „Starlink“ не го очекуваа ниту најоптимистите, па затоа повеќето луѓе во индустријата се вчудоневидени. Во моментов има околу 5.200 сателити „Starlink“ во ниската орбита на Земјата, кои обезбедуваат услуги во 57 земји во светот, додека бројот на корисници на сателити е околу 2,7 милиони.

Иако цената на сателитски интернет е многу повисока во споредба со класичната оптика и мобилниот интернет, сепак има места во светот, вклучувајќи ги и руралните области во развиените земји, каде што сè уште не е достапен брз интернет. Во такви области, „Starlink“ делува како идеален начин за пристап до Интернет.

„Starlink“ е дел од „SpaceX“ и оваа компанија не ги објавува своите финансиски резултати, така што можеме да се потпреме само на неофицијални податоци од аналитички компании. Според податоците кои ги објави „Quilty“, „Starlink“ веќе е профитабилен и годинава очекуваат профит од речиси 3,8 милијарди долари (пред даноци и амортизација). Според проекциите на експертите на оваа компанија, приходите би требало да изнесуваат 6,6 милијарди долари, што е сосема неверојатно за компанија која пред четири години немала речиси никакви приходи.

Покрај големиот раст на приходите, аналитичарите го фалат и начинот на кој „SpaceX“ управува со трошоците, што резултираше со профит. Имено, компанијата развива и произведува сопствени сателити, па соработката со добавувачите и трети страни во производството е сведена на минимум. Исто така, успеале да направат нешто што досегашните производители на сателити никогаш не успеале, односно веројатно немале ниту потреба од тоа, а тоа е воспоставување производна линија за производство на голем број сателити.

Трошоците за производство на еден таков сателит, верзијата 1.0, се околу 200 илјади долари, но оваа година компанијата веќе ја планира верзијата 3.0 на сателитот, која нуди подобрени можности, вклучувајќи поголема брзина на Интернет и можност за поврзување на мрежата без потреба од специјални терминали.

И покрај тоа што оваа вест е охрабрувачка за „SpaceX“, треба да се нагласи дека ниту конкуренцијата не спие, а иднината носи и конкурентни сателитски мрежи, што веројатно треба да се одрази на намалувањето на цените на сателитски пристап до интернет и соодветно на намалувањето на профитните маржи на „Starlink“. /МИА

притисни ентер