Навремено и без проблеми почна изборниот процес во Прилеп

Гласањето во Прилеп почна навреме и тече непречено и без проблеми, потврдуваат од општинската изборна комисија. 

Своето право на глас денеска може да го остварат 62 169 избирачи за претседателските избори и 62 271 гласач на парламентарните избори.

-Точно во 7 часот се отворени 142-те избирачки места во Прилеп. Изборниот процес почна без проблеми. Гласачкиот материјал изборачките одбори навреме го подигнаа, изјави Валентин Божиноски, претседател на ОИК Прилеп.

Според првичните информации од комисиите, гласањето почна навремено и во Кривогаштани, Долнении во Крушево.

Во Крушево денеска може да гласаат 7 775 граѓани со прави на глас на претседателските или 7 795 избирачи на парламентарните избори кои гласачкото право може да го остварат на 22 гласачки места.

Во Кривогаштани на 13 избирачки места своето право на глас го остваруваат 4 428 гласачи за претседателските, а 4 434 избирачи се запишани во единствениот избирачки список за парламентарните избори.

Во Долнени денеска може да гласаат 11 730 жители со право на глас за претседателските, а 11 748 избирачи за парламентарните избори. Се гласа на 40 избирачки места.

Во Прилеп вчера правото на глас го остваруваа болните и немоќните, штитениците во Домот за стари лица „Киро Крстески Платник“ и осудениците во прилепскиот затвор. Од 455 болни, правото на глас го искористиле 430 за претседателските, а 432 граѓани за парламентарните избори. Во Домот за стари лица, од 68 запишани избирачи од 21 општина гласале 48, а во прилепскиот затвор од 104 осуденици со право на глас, за претседателските избори гласале 77, а за парламентарните 81 лице.

Фејсбук и Инстаграм ги прекршиле регулативите на ЕУ, следи истрага

Фејсбук и Инстаграм ќе бидат предмет на истрага за можни прекршувања на регулативите на ЕУ за онлајн содржини поврзани со безбедноста на децата, објави во четвртокот Европската комисија.

Од социјалните мрежи на Мета се бара да направат повеќе за борба против нелегалната и штетна содржина на нивните платформи според Законот за дигитални услуги на Европската унија (DSA), кој е во сила од минатата година.

Европската комисија објави дека одлучила да отвори детална истрага за Фејсбук и Инстаграм поради загриженоста дека тие не реагирале соодветно на ризиците за децата. Мета поднесе извештај за проценка на ризикот во септември.

„Комисијата е загрижена дека системите на Фејсбук и Инстаграм, вклучувајќи ги и нивните алгоритми, можат да стимулираат зависни однесувања кај децата, како и да создадат таканаречени „ефекти на зајачка дупка“, се вели во соопштението на Европската комисија.

Дополнително, Комисијата е загрижена и за методите за проверка на возраста на корисниците воведени од Мета.

Од друга страна, Мета тврди дека веќе има бројни онлајн алатки за заштита на децата.

„Сакаме младите луѓе да имаат безбедни онлајн искуства соодветни за возраста“, рече портпаролот на компанијата, истакнувајќи дека тие поминале една деценија работејќи на повеќе од 50 алатки и политики насочени кон заштита на децата.

„Ова е предизвик со кој се соочува целата индустрија и со нетрпение очекуваме да ги споделиме деталите за нашата работа со Европската комисија.

Мета веќе е под лупа на ЕУ за изборни дезинформации пред важните избори за Европскиот парламент следниот месец. Прекршувањето на „DSA“ може да резултира со казни до 6% од годишниот глобален промет на компанијата.

Извор: Б92

Манчестер сити четврти пат по ред шампион на Англија

Манчестер сити е шампион на Англија во сезоната 2023/24. 

Во натпреварот од 38. коло „Граѓаните“ на домашен терен го победија Вест Хем (3:1). Двоен стрелец беше Фил Фоден. Играчот од средниот ред погоди во 2. и 18. минута. Родри постигна уште еден гол од додавањето на Фоден во 59. минута.

Стрелец на единствениот гол за гостите беше Мохамед Кудус (42. минута).

Манчестер сити заврши на првото место во Премиер лигата со 91 бод пред Арсенал кој собра 89. Тимот на Пеп Гвардиола ја освои шампионската титула четврти пат во низа. Покрај тоа, ова е шеста титула за Гвардиола во Премиер лигата.

Вкупно Манчестер сити има 10 трофеи. По бројот на шампионски титули, пред Сити се само Арсенал (13), Ливерпул (19) и Манчестер јунајтед (20).

Вест Хем ја заврши сезоната на деветтото место на првенствената табела. /МИА

Сасуоло испадна од Серија А по 11 сезони во првата лига

Сасуоло испадна од италијанската Серија А. Денес  тимот загуби на домашен терен од Каљари (0:2) во натпреварот од 37. коло на најсилното фудбалско првенство во Италија.

Попладнево Удинезе и Емполи ремизираа (1:1) и се одлепија од Сасуоло на недостижни 4, односно 5 бода на едно коло пред крајот на првенството. Сасуоло (29 бодови) е претпоследен во поредокот.

Сасуоло стигна до Серија А во 2013 година. Оттогаш, тимот помина 11 сезони во највисоката дивизија.

Претходно Салернитана рано испадна од Серија А.

Третиот тим кој ќе ја напушти елитата ќе се бара помеѓу екипите на Емполи, Удинезе, Фросиноне, Верона и Каљари./МИА

притисни ентер