Вонредната состојба ќе им даде на властите дополнителни овластувања кога станува збор за забрана на собири на овој пацифички остров под контрола на Франција.
Франција испрати и неколку стотици припадници на полицијата и жандармеријата, изјави портпаролот на француското Министерство за внатрешни работи, пренесе Ројтерс.
Меѓу 500-те обучени членови се и полицајци за борба против нереди. Училиштата на островот се затворени, а во главниот град веќе е воведена вонредна состојба.
Елисејската палата денеска потврди три смртни случаи, без дополнителни детали, жандармеријата објави дека еден од нејзините членови, кој денеска се здобил со тешки повреди на главата, подоцна починал, јавуваат француските медиуми.
Нова Каледонија е потресена од бунт на сепаратистите кои се противат на долгонајавуваната изборна реформа изгласана од францускиот парламент утринава.
Националното собрание утрово со 351 глас за и 153 против го усвои предлогот за уставен закон за проширување на електоратот во Нова Каледонија.
Текстот на усвоениот предлог-закон предвидува право на глас на локалните избори за сите граѓани кои таму живеат повеќе од десет години.
Претседателот Макрон денеска ги покани претставниците на Нова Каледонија да продолжат со разговорите со државните институции.