Најмалку 22 лица загинаа во израелските напади врз Рафа

Најмалку 22 лица загинаа во израелските напади во текот на ноќта врз градот Рафа во јужниот дел на Газа, соопштија палестинските здравствени власти. Меѓу убиените има шест жени и пет деца.

Од почетокот на војната, Израел редовно ја изложува Рафа на воздушни напади и се заканува дека ќе испрати копнени трупи, тврдејќи дека тоа е последното упориште на Хамас во крајбрежната енклава.

Над еден милион Палестинци избегаа во Рафа, барајќи засолниште во градот, кој се протега на границата со Египет. САД и другите земји го повикаа Израел да не врши инвазија за да избегне хуманитарна катастрофа.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска ја започна својата седма дипломатска мисија на Блискиот Исток од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, пред повеќе од шест месеци. /МИА

Отворена „Литера 2024“ - Книгите, приказните, уметноста ги носат децата на магични патувања

 Литературата и илустрацијата имаат специјално место во срцата на децата. Низ книги, приказни и уметност, тие нè носат на магични патувања, истражувајќи нови светови со различни карактери и учејќи вредни лекции попат. 

Преку иницијативи како фестивалот „Литера“, ги зајакнуваме културните врски и градиме мостови на пријателство меѓу нашите нации, рече амбасадорот на Турција Фатих Улусој на отворањето на Меѓународниот фестивал на литература и илустрација за деца „Литера“.

Фестивалот беше отворен синоќа, а земја во фокус оваа година е Турција.

-Јас сум татко на две деца и од сопствено искуство знам дека детската литература и илустрациите имаат неверојатна можност да ги просветлат младите умови и да ја прегрнат инклузивноста, поставувајќи основа за општество со поголемо разбирање, додаде Улусој.

Изложба на дела на тројца илустратори од Турција – Гизем Ѓозде Учар, Серхат Албамја и македонската уметница Наташа Андонова е отворена во Галеријата на Младинскиот културен центар.

Уметници, родители, деца беа присутни на отворањето и уживаа во новата приказна на „Литера“ која годинава е под мотото „Летаме заедно“. Светот им припаѓа на децата.

-„Литера“ е заедничко волшебно патување во кое се впуштивме без да предвидиме со што ќе се соочиме. Во „Литера“ е вложен огромен труд, многу непроспиени ноќи, извозени километри и многу, многу ум, рече Софија Семенпеева-Трајановска, идеен творец на фестивалот.

Писателката Зејнеп Севде сподели како физиката што била нејзина прва определба во животот ја споила со книжевноста.

-Основата на сите науки е во физиката и во нејзините основи може да се најде и книжевноста. Сепак, подоцна им се посветив на студиите по социологија, рече Севде.

Мурат Калкаван е турски уметник што една година живее во Скопје. Вели дека се уште се чувствува како турист и градот сè уште го изненадува.

-Културите ни се слични, турската и македонската култура комуницираат меѓу себе, толку се слични. Се надополнуваат. Многу работи тука ме инспирираат и одушевуваат, рече Калкаван.

Авторка на фестивалскиот постер годинава е Наташа Андонова, илустраторката што лани ја доби наградата за најдобар илустратор за 2023 година. Таа ја истакна димензијата на „Литера“ која ни овозможува да ги видиме големите доајени илустратори одблиску, но и да се запознаеме со автори од други земји.

-Сакам да упатам голема благодарност до „Литера“ и за минатогодишната награда поради која сум тука вечерва. „Литера“ ми овозможува да почувствувам работата на другите наши автори. Среќна сум што моите издавачи „Темплум“ и „Гаврош“ имаа верба во мене за да можам да го постигнам ова, рече Андонова.

Во рамки на фестивалот вчера беше отворен и Саемот на литература за деца првпат во рамки на Литера. Партнер на фестивалот е долгогодишниот пријател на Литера, Халкбанк АД Скопје, за реализација помогнаа и Turkish Airlines и Рамсторе Македонија, долгогодишните соработници Органик Нар и печатница Софија Богданци. Покровител на настанот е македонското Министерство за култура.

Вилдерс објави дека е постигнат договор за коалициска влада во Холандија

Холандскиот политичар Герт Вилдерс синоќа објави дека е постигнат договор за формирање на десничарска коалициска влада речиси шест месеци по изборната победа на неговата партија, но и дека тој нема да биде премиер.

„Имаме договор меѓу преговарачите“, рече Вилдерс, кој уште во март се откажа од намерата да биде премиер, наведувајќи ги наводите дека е „исламофоб и противник на ЕУ“.

Договорот е постигнат меѓу четири партии - Партијата за слобода (ПВВ) на Герт Вилдерс, про-земјоделската партија БББ, либералната партија ВВД и новата партија против корупцијата НСЦ.

Се уште не е познато кој ќе ја предводи десничарската владејачка коалиција која ќе го замени Марк Руте. Руте е кандидат за функцијата генерален секретар на НАТО.

Франција го обвини Азербејџан за вмешаност во немирите на Нова Каледонија

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин денеска го обвини Азербејџан за мешање во политиката на пацифичката територија Нова Каледонија.

- Ова не е фантазија … Жалам што некои од сепаратистите се договорија со Азербејџан … дури и ако има обиди за мешање … Франција е суверена на својот сопствена територија, истакна Дарман.

Немирите на Нова Каледонија почнаа на 13 мај поради уставната реформа, која предвидува промени на изборниот закон на француската територија. Националното собрание во Париз ја усвои реформата со 351 глас „за“ и 153 „против“, со која на илјадници француски граѓани на јужниот пацифички архипелаг ќе им се даде право на глас, а со тоа и поголемо политичко влијание.

Во немирите во Нова Каледонија едно лице е застрелано, а повредени се стотици луѓе, вклучувајќи околу 100 полицајци и жандарми. Десетици домови и деловни објекти биле запалени за време на немирите, а повеќе од 130 лица се приведени. Премиерот на Франција, Габриел Атал вчера изјави дека на Нова Каледонија ќе бидат распоредени дополнителни полициски сили.

притисни ентер