Морбиден профит: Аналитичарот Арсовски и доктор Даниловски најнови жртви на измамниците

Аналитичарот Петар Арсовски и доктор Драган Даниловски најнови жртви на измамниците што со лажни интервјуа продаваат чај, објави Слободен печат.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски и професор доктор Драган Даниловски се најновите жртви на измамниците кои со лажен и манипулативен маркетинг продаваат чаеви на кои им припишуваат „магични лековити својства“.

Овојпат станува збор за измислено интервју кое се шири на социјалните мрежи, а во кое лажно се тврди дека „Петар Арсовски повторно бил на границата меѓу животот и смртта“. Во измисленото интервју злоупотребено е и логото на „Канал 5“ телевизија, како и фотографија од презентерката Татјана Стојановска, за да се создаде лажна слика за веродостојноста на интервјуто, кое всушност никогаш не било направено ниту објавено.

Во интервјуто Арсовски невистинито е презентиран како „македонски актер“ кој „паднал поради хроничен висок крвен притисок и се здобил со скршеница“. Фантазијата на маркетинг гуруата кои стојат зад овие измами, оди дотаму што тие ги обвинуваат докторите што наводно го хоспитализирале Арсовски – дека го третирале само за скршеницата а не и за срцевата слабост, односно дека не му давале терапија. За да се добие на драматичност, во лажното интервју се вклучува и невистинито тврдење дека „македонскиот доктор Драган Даниловски му препишал на Арсовски билно средство за чистење на крвните садови – Хипертеа и така состојбата почнала да му се подобрува“.

-По којзнае кој пат, пак е злоупотребено моето име за рекламирање на безвреден чај! Не наседнувајте! Целата содржина на написот вклучително и „разговорот“ со мене на Канал 5 е сосема измислена! Ја информирам јавноста дека ќе ги преземам сите правни чекори за санкционирање на измамниците, напиша професор доктор Даниловски на Фејсбук.

Целта на оваа манипулативна реклама е да се измамат граѓаните да нарачаат од чајот по цена од 2.400 денари откако ќе бидат наведени да поверуваат во оваа лажна приказна. „Слободен печат“ остави телефонски број за нарачка на чајот, по што добивме повик од телефонскиот број 02/311-6955 и телефонскиот оператор се претстави како оператор од „Монад Плуг“ компанијата. Со нарачката не продолживме бидејќи знаевме дека се работи за измамнички маркетинг. Во телефонскиот именик 1188 проверивме чив е овој телефонски број и оттаму ни кажаа дека се води на „Монад Плуг“ на улица „Козара“ број 41.

-Го видов ова интервју и секако дека е невистинито. Го пријавив ова во „Фејсбук“ но во македонските институции не сум се обратил, изјави за „Слободен печат“ политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Извор: „Слободен печат“

Реконструирана училишната спортска сала вп ООУ „Мирче Ацев“ во Ѓорче Петров

Општина Ѓорче Петров финишираше со реконструирањето на училишната сала во основното училиште „Мирче Ацев“, која е веќе пуштена во употреба.

При реконструкцијата изведен е менување на подот во салата каде беше поставен нов гумиран под, бојадисување, молерисување на ходникот и кабинетот на наставникот по физичко образование, целосно нова вентилација и опремување со нови спортски реквизити.

Овој проект беше неопходен за нормално одвивање на часовите по физичко образование на основците. Со негово завршување, направен е чекор плус во создавањето добри услови за настава во една од шесте образовни институции во Ѓорче Петров.

Проектот е реализиран во соработка со Министерството за образование и наука.

Општина Ѓорче Петров

До петок нестабилно време со повремен пороен дожд, град и грмежи

Долж Повардарието утре ќе дува засилен ветер. До среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи. 

Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на краткотрајно невреме, со засилен ветер, обилен пороен дожд за кратко време и изолирана појава на град.

Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок. Температурите ќе бидат без значителна промена.

Утринската температута ќе се движи од осум до 15, а максималната дневна ќе достигне до 30 степени.

Теретана на отворено за прв пат во општина Илинден

Комплетно опремена спортска теретана на отворено за прв пат добија жителите на Општина Илинден, која се наоѓа кај пешачко – велосипедската патека во Марино, соопшти Општина Илинден.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски истакнал дека во рамки на ова фитнес катче, каде младите па и повозрасните жители на општината ќе можат да се рекреираат и вежбаат, поставени се повеќе најсовремени фитнес справи.

-Досегашната пракса на инвестирање и создавање на услови за спортување, постојано се докажува како највредна инвестиција за сите генерации, па затоа Општина Илинден од сопствениот буџет оддвои средства за реализација на спортската теретана на отворено, а во наредниот период продолжува и понатаму со инвестиции во спортот и спортските терени на нејзина територија, се наведува во соопштението.

притисни ентер