Момче (24) ги држел нозете во сув мраз за да наплати осигурување, па станал инвалид- обвинет е

Бизарната приказна доаѓа од Тајван, каде маж идентификуван само со презимето Чанг е обвинет за обид за измама на осигурувањето.

Наводно сакал да наплати повеќе од еден милион евра, бидејќи лани во февруари му биле ампутирани нозете поради смрзнатини, пренесува LadBible.

Момчето (24) тврди дека премрзнал по несреќа со скутер. Лекарите немале друга опција освен да му ги ампутираат нозете до колена.

Меѓутоа, обвинителството го обвинува дека направил бизарен план во договор со школскиот другар Лиао (24).

Судските документи наведуваат дека тој ги потопил стапалата во кофа со сув мраз, каде температурата достигнала -78 степени Целзиусови.

Обвинителството тврди дека соучесникот го врзал за стол со сајли, а најмалку 10 часа му ги држел нозете во кофата.

Тајванското биро за криминалистичка истрага (CIB) тврди дека Чанг обезбедил повеќе високоплатени осигурителни пакети само неколку дена пред несреќата.

Судот слушна дека тој се обидел да наплати отштета од пет осигурителни компании, но безуспешно. Вкупната сума достигнала еден милион евра.

„Тајван е суптропски регион и нема познати случаи на тешки смрзнатини кои бараат ампутација. Во деновите кога се случи несреќата измерени се температури меѓу шест и 17 степени, што е претопло за смрзнатини“, соопшти ЦИБ.

За време на рацијата во 2023 година, полицијата пронашла кофа во станот на Чанг што најверојатно ја користеле обвинетите, како и кутија од полистирен во која имало сув мраз.

ССМ ги повикува работниците на протест по повод Меѓународниот ден на трудот 1 Мај

 Сојузот на синдикатите на Македонија организира протест  по повод Меѓународниот ден на трудот 1 мај. 

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов во отворено писмо до јавноста посочува дека работничкото движење во Македонија е исправено пред сериозен предизвик поради, како што наведува, односот на креаторите на политиките кои покажаа дека водат грижа исклучиво за себе и за своите интереси, а не водат грижа за работниците, работничките права и работничките интереси.

- Денеска, работниците во Македонија се соочуваат со се поголем притисок за нивната егзистенција поради високите трошоци за живот и ниските плати. Синдикатите покажаа дека можат напорно да работат во интерес на нивните членови и во интерес на работниците. Синдикатите покажаа дека секој сам може да постигне резултат, но имаме можност сплотени да покажеме одлучност во работничката борба, онака како што вашите и нашите членови очекуваат и онака како што работниците очекуваат од нас, наведува тој во писмото повикувајќи го членството на протест.

Трендафилов посочува дека на 1 мај работниците имаат можност и шанса да покажат дека се незадоволни и дека сите тие кои претендираат да ја водат државата треба да го слушнат гласот на работниците.

-Имаме можност да го покажеме нашето, работничкото незадоволство и заедно да излеземе на голем работнички протест на 1 Мај, особено поради можноста, пораките, нашите и работничките барања да ги упатиме на неколку денови пред парламентарните избори до сите тие кои претендираат да ја водат Државата. Како Претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија ве замолувам да покажеме одлучност во борбата, борбата која е заедничка, за подобро утре и за подобри работнички права, наведува Трендафилов.

На протестот очекува на ССМ да му се придружат и членови на други синдикати и граѓани.

На Меѓународниот ден на трудот - 1 Мај, протестот ќе започне во 11 часот од пред Работничкиот дом до Собрание - Стопанска комора - Влада.

Хоспитализирани четири лица со голема кашлица, нови 27 случаи

 Нови 27 случаи на голема кашлица се евидентирани од 19 до 25 април, што е намалување од 41,3 проценти, споредено со претходниот седмодневен период.

Од новозаболените, четири лица се хоспитализирани, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Според извештајот, најголем дел од случаите се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје - 20, а пријавени се заболени и во Битола - три, Куманово - две лица и по еден случај во Тетово и Демир Хисар.

- Возраста на заболените се движи од еден месец до 54 години, а најголем број случаи се од возрасната група од 10 до 14 години. Во однос на вакциналниот статус на заболените, 15 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, 11 се комплетно вакцинирани и еден случај е вакциниран согласно возраст, се појаснува во извештајот на ИЈЗ.

Заклучно со 25 април, во државава се регистрирани вкупно 516 случаи на голема кашлица, со инциденца од 28,1/100 000 жители. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период - 2019-2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи. Најголем број лица живеат во Скопје - 412 или 79,8 отсто, со зафаќање на седумнаесет различни општини. Во рамките на епидемијата во Куманово, пријавени се 29 заболени лица или 5,6 проценти, а случаи се пријавени и во други 16 градови низ државата.

Дистрибуцијата по пол покажува дека 254 лица се од машки, а 262 од женски пол.

- Епидемиската крива укажува дека појавувањето на нови случаи на голема кашлица започнува во првата недела од 2024 година. Согласно податоците од евиденцијата на пријавувањето - за седмодневен период од понеделник-недела, се забележува континуиран пораст на бројот случаи на неделно ниво, до 12-та недела. Од 12-та недела, со мали варијации, бројот на пријавени случаи се намалува, се додава во извештајот на ИЈЗ.

Од заболените, хоспитализирани се 73 лица. Од нив, 59 на возраст до четири години. Најголем број од случаите - 51 или 69,9 проценти, се хоспитализирани во УК за белодробни заболувања кај деца во Козле. Од вкупниот број хоспитализирани лица, 67 се испишани. Во просек, заболените биле хоспитализирани по девет дена, покажуваат податоците на Институтот.

Од 18 јануари до 25 април годинава, дадени се вкупно 42.857 дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица.

Лестер се врати во Премиер лигата

Фудбалерите на Лестер Сити се враќаат во англиската Премиер лига по поразот на својот конкурент Лидс Јунајтед во Лондон од Квинс Парк Ренџерс (0-4).

На две кола до крајот на сезоната во Чемпионшип лигата, Лестер обезбеди пласман на едно од првите две места, бидејќи е лидер на табелата со 94 бодови, четири повеќе од второпласираниот Лидс, кој има одиграно натпревар повеќе.

Третопласиран е Ипсвич со 89 бодови и натпревар помалку.

Минатата сезона Лестер испадна од елитната дивизија, а во 2016 година беше сензационален шампион на Англија.

притисни ентер