Младенци барале 2.000 евра отштета од фотографот за слики од свадбата- судот ги шокирал

Регионалниот суд во Келн ја отфрли тужбата на млад пар кој го тужел фотографот поради незадоволство од фотографиите.

Според извештаите, фотографот им дал на младенците USB диск со околу 170 фотографии, но на нив немало никакви важни настани или групни слики.

Поради ова, невестата и младоженецот побарале отштета од околу 2.000 евра бидејќи биле разочарани и тажни кога виделе дека нема фотографии од важните настани.

- Свадбата секогаш ќе ја паметиме поради кавгата со фотографот и незадоволството од фотографиите - изјавиле младенците.

Судот утврдил дека само разочарувањето не е доволно.

- За да се бара надомест за болка и страдање, мора да се изврши кривичното дело физичка повреда и психолошкиот проблем да достигне степен на болест - објаснила портпаролката на судот.

По одлуката на земскиот суд во Келн, парот ја повлекол тужбата. Затоа, пресудата на окружниот суд е правосилна, пренесува Феникс.

Во поплави во авганистанската провинција Фарјаб уште 18 лица го загубија животот

Во поплави кои повторно ја зафатија северната авганистанска провинција Фарјаб уште 18 лица го загубија животот, а двајца се повредени, соопшти Министерството за бегалци, цитирано од ДПА.

Уништени или оштетени се стотици куќи, близу 200 хектари земјоделско обработливо земјиште, над 100 дуќани, амбуланта. Угинаа и животни на фарма, се вели во соопштението на Министерството.

Поплавите ја влошија и така тешката хуманитарна криза во Авганистан, зголемувајќи го бројот на жртви од многуте природни катастрофи што ја погодија земјата во последниве години.

Властите во централната провинција Гор вчера соопштија за најмалку 50 смртни случаи како резултат на обилните дождови и поројните поплави кои блокираа голем број клучни патишта во областа. Слична загриженост изразија и властите во провинцијата Бадакшан, каде што надојдените води блокираа главен пат.

Претходно оваа недела, поплава ја зафати северната провинција Баглан и животот го загубија повеќе од 300 луѓе, јави ДПА. /МИА

Мицкоски: Ќе водиме принципиелна политика со соседите

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар Христијан Мицкоски денеска најави водење принципиелна политика со соседите. 

Како идна Влада, како што рече, на денешното одбележување на годишнината од Разловечкото востание, коалицијата „Твоја Македонија“ ќе се залага за принципот „своето не го даваме, туѓото не го сакаме“, потенцирајки дека нема да се прават избрзани чекори, кои можат „многу“ да ја чинат државата.

-Вие сте свесни дека дека против природата не можеме, како народ сме од најмалубројните народи во Европа. Организацијата која што има често и привилегијата да ги брани интересите на еден од најмалобројните народи во Европа - македонскиот народ, треба да е мудра. Не треба да правиме избрзани чекори кои што може да не чинат многу. Подобро да се придвижуваме за милиметар, но тој чекор да биде цврст. Мора да сме трпеливи, мора да сме попаметни, тројно попаметни од сите и помудри, затоа што само така можеме да опстанеме во круг на многу предатори кои што верувајте не сакаат да ја видат Македонија успешна, не сакаат да ја видат Македонија просперитетна, среќна, Македонија полна со граѓани кои што се задоволни. Тоа го видовте уште во првите денови кога ние не бевме се уште разбудени од оној историски резултат на 8 мај, а веќе почнаа страстите да се вжештуваат, но не само наоколу туку и дома, рече Мицкоски.

Како идна Влада, додаде, победничката коалиција е подготвена сите тие предизвици да ги совлада, како што рече, трпеливо и со паметна политика која како таква политика ќе се води со соседите.

-Ве повикуваме на градење мостови, ги повикуваме сите на заедничка соработка во рамките на овој наш преубав Балкан. Што се однесува до меѓународната политика нема никогаш да не видите како коленичиме, како се вовлекуваме или како се понижуваме самите себе. Имав можност изминативе години да среќавам светски авторитети од Вашингтон преку Брисел и Берлин и останатите светски важни главни градови. Ништо повеќе за мене не е инспиративно отколку овој преубав македонски народ и ова преубава наша македонска држава, така што ќе имаме и кон нив една политика која што ќе се темели на аргументи, бидејќи никогаш не се плашиме да ги вкрстиме нашите аргументи со аргументите на нашите соговорници, додаде Мицкоски.

Мицкоски отфрли какво било беспотребно иритирање кон соседите, напоменувајќи дека сепак треба да се почитува елементарното човеково право кое е загарантирано.

Калињак: Словачкиот премиер Фицо е надвор од животна опасност

 Словачкиот премиер Роберт Фицо е надвор од животна опасност по обидот за атентат, изјави денеска министерот за одбрана и вицепремиер Роберт Калинак за словачката новинска агенција ТАСР.

Состојбата на Фицо се подобрува и вчера беше соопштено дека е стабилизирана, според министерката за здравство Зузана Долинкова.

Лекарската комисија утре треба да одлучи дали тој ќе биде префрлен. Фицо моментално се опоравува во универзитетската болница во Банска Бистрица.

Фицо беше тешко повреден на 15 мај, по седницата на Владата во градот Хандлова, кога 71-годишниот писател Јурај Цинтула, од непосредна близина неколку пати пукаше со пиштол во него. Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување вчера му одреди притвор на Цинтула. /МИА

притисни ентер