Митрески: Заедно и сплотени да ги надминеме сите предизвици

Христовото страдање за човештвото и неговото воскреснување треба да ни помогне заедно и сплотени да ги надминеме сите предизвици. 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Јован Митрески, во име на пратениците и во лично име, упати честитка по повод големиот христијански празник Велигден до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископ охридски-македонски г.г. Стефан и до сите православни верници, посакувајќи празничните денови да поминат во добро здравје, неизмерна радост и среќа, исполнети со духовен мир и хармонија.

-Христовото страдање за човештвото и неговото воскреснување треба да ни помогне заедно и сплотени да ги надминеме сите предизвици. Да се спротивставиме на сите непогоди, да ги победиме искушенијата, да бидеме солидарни едни кон други и да ги отвориме нашите срца за безусловна љубов, сочувство и заедништво, истакнува спикерот Митрески.

На овој Велигден, се нагласува во честитката, да ги искористиме празничните моменти и да споделиме радост и среќа во семејството, помеѓу нашите најблиски, пријателите, познаниците, но и сите оние на кои им е потребна помош и поддршка.

-Да споделуваме, да пружиме рака, да шириме добра мисла и љубов и да му се радуваме на животот. Велигден, како празник на надежта, нека донесе благосостојба и сплотеност во нашите срца за сите, независно на која вероисповед припаѓаат. Заедно да посакаме подобар свет, повеќе емпатија и разбирање, свет без конфликти, со тенденција сите недоразбирања да се решаваат со дијалог и компромис, стои во честитката од претседателот на Собранието Митрески до поглаварот г.г. Стефан и до православните верници.

Претседателката на Грузија, Зурабишвили стави вето на законот за „странско влијание“

Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили соопшти дека ставила вето на контроверзниот закон за „странско влијание“, кој предизвика масовни протести во земјата.

„Денес ставам вето (...) на закон кој е руски по својата суштина и е во спротивност со нашиот устав“, рече Зурабишвили откако текстот усвоен од Парламентот оваа недела беше осуден од неговите противници дека има за цел да ја одврати Грузија од нејзиниот пат кон Европа и да ја насочи кон Русија.

Таканаречениот „руски закон“, чии противници протестираат со недели против неговото усвојување, бара медиумите и невладините организации кои добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странство да се регистрираат како „агенти на странско влијание“. Критичарите на законот велат дека тој е премногу сличен на законодавството што го користи Кремљ за да ги замолчи противниците и дека ќе ја попречи кандидатурата на Грузија за пристапување во ЕУ.

Претседателката Саломе Зурабишвили, која влегува во сè поостра конфронтација со грузиската владејачка партија, денеска изјави дека законот е во спротивност со Уставот на Грузија и „сите европски стандарди“, и додаде дека тој „мора да биде повлечен“. /МИА

То Лам именуван за претседател на Виетнам

Комунистичката партија на Виетнам го именува министерот за јавна безбедност То Лам за нов шеф на државата.

- Централниот комитет одобри другарот То Лам, член на Политбирото и министер за јавна безбедност, да биде именуван за претседател, објави Виетнамската новинска агенција (ВНА).

Лам (66), кој ја извршуваше функцијата министер за јавна безбедност од 2016 година, имаше тврд став против движењата за човекови права.

Неговото именување уследи по оставката на Во Ван Туонг во март./МИА

Поплави во источна Белгија

 Подрачјето на белгискиот град Лиеж е погодено од поплави предизвикани од обилните дождови кои веќе предизвикаа штети во Франција.

На подрачјето на тој град досега се евидентирани околу 550 интервенции, а гувернерот Ерве Џамар мобилизирал 150 пожарникари во борбата против последиците од елементарната непогода.

„Ова се главно интервенции за испумпување вода кои продолжија денеска изутрината“, соопшти канцеларијата на гувернерот на погодената провинција.

Службите за итни случаи соопштија дека нивото на водата почнало да се намалува.

Од другата страна на границата, во холандската провинција Лимбург, два кампа се евакуирани поради опасност од поплави.

Во францускиот департман Мозел, на североистокот, денеска во раните утрински часови беше објавена тревога поради опасност од поплави. /МИА

притисни ентер