Мицкоски: Се ближи крајот на принципот на ДУИ и СДСМ „како до сега“

„Чувствуваме дека како ВМРО-ДПМНЕ и како Коалиција ја имаме довербата, чувствуваме дека идниот претседател Гордана Силјановска Давкова ја има довербата. “

„Чувствуваме дека како ВМРО-ДПМНЕ и како Коалиција ја имаме довербата, чувствуваме дека идниот претседател Гордана Силјановска Давкова ја има довербата. Ни преостанува уште многу малку, ни преостанува уште една недела кампања би рекол пет дена кампања за првиот круг претседателски избори. А, од утре почнува кампањата за парламентарните избори. Од оваа поддршка можам да заклучам дека сме пред еден огромен историски резултат“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Чашка.

„Нас ние потребен овој историски резултат за да можеме да ја трансформираме Македонија. Бидејќи денеска нашата Македонија е за жал држава која што е заробена во еден цикличен хибриден режим буквално оттргната од граѓаните. И за жал граѓаните не одлучуваат за сопствената држава туку една многу мала група на граѓани предводена од раководството на ДУИ и неколкумина членови на раководството на СДСМ кои што се главни подизведувачи, измеќари на Али Ахмети, Артан Груби, Талат Џафери, Бујар Османи и останатите“, појасни претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски додаде дека за жал денеска Македонија функционира со една мала група која што се граѓани од прв ред и сите остани кои што сме граѓани од втор ред.

„Овие пак од ДУИ ме обвинуваат често пати на оние митинзи дека јас сум бил анти Албанец, дека сум бил ксенофоб и тогаш им го поставувам прашањето од кога важи правилото дека криминалот има етничка припадност. Од кога важи правилото дека ако ДУИ бидат нападнати затоа што прават криминал и го ограбуваат народот во Македонија, ги ограбуваат граѓаните, тогаш тој криминал има етничка припадност“, запраша Мицкоски.

Тој посочи дека криминалецот нема етничка припадност или си криминалец, или не си.

„Јас колку што знам или си криминалец, или не си криминалец, тука не може да крадеме сега малку од Македонците, па сега малку од Албанците, па ајде сега ќе крадеме од Турците, од Ромите, Србите, Бошњаците, Власите итн. Не, тие крадат преку наместени и фингирани тендери од Буџетот кој што го полните сите вие“, рече тој.

Мицкоски укажа дека тие од раководството на ДУИ се навикнати да функционираат по принципот како до сега повеќе од 20 години.

„Се сеќавате кога Димитар Ковачевски на една прес конференција го прашаа новинарите добро како ќе продолжите да функционирате од сега понатаму, до него беше главниот стопан на Македонија Али Ахмети кој што му сугерираше и му рече како до сега. Е од прилика така функционира Македонија во овој момент, по принципот како до сега“, додаде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ние сме опозиција и на овие избори го бараме вашиот глас, и ние не можеме да ветиме ништо повеќе од она што сме подготвени да реализираме. Ние не можеме да ветиме чуда бидејќи чудата се невозможни. А, ние не сме чудотворци. И секој оној кој што ветува чуда, не ја говори вистината, ве лаже. Но, она што можеме да ветиме е нашиот збор, дека нема да биде како до сега и сите оние криминалци во политиката кои што ја ограбија Македонија, кои што ја понижија Македонија, кои што го уништија практично човекот во граѓаните на Македонија ќе одговараат. И таа неправда ќе биде исправена“, порача Мицкоски, се наведува во партиското соопштение.

Спасовски: Силен СДСМ е потребен за европска иднина, не сакаме враќање на режимот

Носителот на листа на кандидати за пратеници од ИЕ2, предводена од СДСМ и коалицијата, Оливер Спасовски, даде изјава за медиумите во Ѓорче Петров, со повик до граѓаните за масовна излезност на 8 ми мај за бројот 1.

„Ве повикувам - Излезете на 8 ми мај, силен СДСМ во Собранието е потребен заради иднината на државата!

Да не дозволиме враќање на режимот! Десничарската партија ВМРО ДПМНЕ е истата таа на Груевски, а знаеме сите што значи преголема моќ во нивни раце - крај на ЕУ перспективи, крај на поголеми плати и пензии, крај на можности за младите и крај на соживот и меѓуетничка кохезија”, рече Спасовски. Притоа, тој истакна дека граѓаните не сакаат враќање на режимот.

„Доволно беше чекањето за Европа и никој не сака враќање назад по патот кон нестабилност и изолација.

ДПМНЕ ќе ја одложуваат евроинтеграцијата во недоглед, сега зборуваат за рокови. Истото тоа го правеше и Груевски, тие само ќе продолжат кај што застана тој. Ќе го вратат национализмот, насилството, апсењето новинари и тепањето студенти, прислушувањата и грабежот на народни пари. За тоа да немате дилема!”, рече Спасовски, повикувајќи ги граѓаните да гласаат за СДСМ и коалицијата.

„Сите сме исправени пред голем предизвик, секој еден член и активист на СДСМ, секој граѓанин, Македонци, Албанци, Роми, Срби, Влади, Бошњаци, Турци и сите други - имаме обврска, заради аманетот од предците борците од НОБ и АСНОМ кои ја изградиле Македонија, и уште поважно, заради генерациите кои доаѓаат, да им оставиме европска држава, европски живот дома!

Затоа е важно на 8 мај сите да излеземе и да го поддржиме СДСМ, затоа што ДПМНЕ ќе го донесе повторно режимот кој долго време се трудевме да го срушиме.

СДСМ е единствената партија која ја движи државата напред, кон прогрес, интересот на граѓаните и развојот на државата - секогаш пред сѐ и над сѐ.

Мора да сме силни и единствени СДСМ, заради иднината на државата.

Да ги зачуваме слободата и напредокот на државата!

Нема да се откажеме - Сите масовно на 8 мај гласаме за број 1!”, рече Спасовски, се наведува во партиското соопштение.

Димитриевски ги соопшти условите за евентуална соработка со СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на партијата ЗНАМ, Максим Димитриевски, ги испорача своите услови за евентулни пост-изборна соработка со СДСМ или со ВМРО-ДПМНЕ. 

Максим Димитриевски се согласува со ставовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои се против уставните измени и несоработка со ДУИ, но тоа нема да биде доволно за евентуални разговори за пост-изборна соработка. Прво бара ВМРО-ДПМНЕ да ги расчисти дилемите во јавноста околу постоењето на некаков договор со поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев..

Димитриевски не ја затвора вратата ниту за соработка со СДСМ, но не со сегашното раководство. Побара нивни оставки во рок од 24 часа, и дополнително повлекување од пратеничките листи на носителите и коносителите, за како што рече, да не се спасуваат од одговорност со имунитет.

Првиот човек на ЗНАМ иако отпадна од трката за претседател, сепак повика на масовно гласање и на вториот круг од Претседателските избори, за да се избегне опасност од институционална криза..

Запрашан за кој би дал поддршка, Димитриевски не даде директен одговор, но додаде дека се кае што во минатото го поддржувал актуелниот претседател Пендаровски.

Мерчан нема милост: Трамп е казнет со 9.000 долари за непочитување на судот (ВИДЕО)

Судијата Хуан Мерчан изјави дека поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп е казнет со 9.000 долари поради прекршување на забраната за коментирање на сведоците.

Обвинителите го обвинија поранешниот претседател дека постојано ја прекршувал наредбата да не ги коментира сведоците, барајќи од судијата да го казни со 1.000 долари по коментар, објави Гардијан.

Според судскиот налог, Трамп не може да дава, или да наложува други да даваат, јавни изјави за сведоци поврзани со нивната улога во истрагата и судењето, пред обвинителите, освен окружниот обвинител на Менхетен, Алвин Брег и членовите на судскиот персонал или персоналот на окружниот обвинител.

Трамп може слободно да го критикува Мерчан, иако тоа веројатно нема да му се допадне на судијата, кој ќе одлучи за неговата казна доколку поротата го прогласи за виновен.

Пред судењето, Мерчан ја прошири забраната за коментари за да ги „покрие“ неговите и семејствата на Брег, откако Трамп објави објава за неговата ќерка, која работеше за компанија која им помагаше на демократските кандидати во дигиталните кампањи.

притисни ентер