Мицкоски: Новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе направи сѐ за да одговараат криминалците

„На овие избори народот јасно кажа каква е политичката реалност во Македонија, а тоа е дека Владата односно двете партии од Владата треба да заминат во опозиција.“

„Гордана Силјановска Давкова, Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ во однос на Стево Пендаровски и Коалицијата која што го подржа Стево Пендаровски во првиот круг имаат 183.000 гласа разлика. Нешто што досега во македонската историја, во демократска Македонија не се случило да кандидат од опозиција да има таков силен резултат, и тоа е јасна порака на народот дека се потребни промени“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Конче.

Мицкоски додаде дека народот се обединува околу промените.

„Од друга страна ги слушате пораките од Мала Речица, од ДУИ, тие велат дека требало да се слуша народот. И да ние го слушаме народот, народот и во тој случај донесе правилна одлука и испрати јасна порака дека Гордана Силјановска Давкова, Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ има за 20% повеќе гласови отколку што имаат двајцата провладини кандидати односно владини кандидати, а тоа се Бујар Османи и Стево Пендаровски заедно. Односно 363.000 наспроти 301-302.000 од прилика колку што имаат тие двајца“ рече Мицкоски.

Тој посочи дека пораката од граѓаните е јасна, правецот по кој што треба да се движи Македонија е јасен. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата повикуваат на уште поголема поддршка од граѓаните во вториот круг.

„Заедно да ја завршиме историјата која што ја започнавме уште пред неколку години односно пред 30-тина месеци за време на локалните избори кои што се случија во 2021 година“, порача тој.

Мицкоски укажа дека на ВМРО-ДПМНЕ најважна е поддршката на народот.

„Време е заедно со вас граѓаните да ставиме точка на оваа историја, бидејќи таа точка ќе ја определи траекторијата по која што ќе се движи Македонија – дали Македонија ќе биде горда, достојна, трансформирана, онака како што сите ние сакаме да ја видиме нашата држава, или ќе биде ограбена, обесправена, понижена, омаловажена како што беше досега изминативе 6 ипол години“, додаде тој.

Тој посочи дека според резултатот од првиот круг на претседателски избори е јасно по кој пат граѓаните одлучија Македонија дека треба да се движи.

„Мојата порака е до нашите сограѓани Турци, знам дека овде Бујар Османи освои 100 гласа и знам дека прилично беа активни некои од функционерите на турската партија овде во општина Конче, и ги бараа гласовите за Бујар Османи. Јас ќе споделам со вас нешто кое што не сум го зборувал досега но мислам дека треба да се знае, а тоа е следново, претседателот на турската партија кој што подоцна заврши во прегратките на Али Ахмети, пред да заврши таму беше кај мене. И кога дојде кај мене ми рече претседателе доаѓам од средба со Али Ахмети и сакам да знаете дека на тој човек му треба медицинска нега, тој е ваков, таков, почна да го навредува и да користи недолични зборови“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека му се заблагодарил на средбата и веќе никогаш му се нема јавено за да разговараат.

„А, следниот ден од медиумите прочитав дека тој отишол во прегратките на овој за кој што велеше дека му е потребна медицинска нега. И таму потоа продолжи да функционира како политичар“, појасни Мицкоски.

Мицкоски вети дека новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“ ќе направи се за да криминалците одговараат, се наведува во партиското сооштение.

Советот на ЕУ повика на зголемен мониторинг на обидите за надворешно мешање во изборите

Советот на ЕУ денеска ги повика европските земји и институции да го зголемат мониторингот на обидите за мешање од странство во европскиот демократски процес. 

Во повикот се наведува дека соработката на ЕУ за ова прашање треба да се подобри без да се попречува отворената демократска дебата.

„Милијарди граѓани ширум светот гласаат оваа година, вклучително и на изборите за Европскиот парламент. Демократиите се соочуваат со нови предизвици, вклучувајќи сè похибридни тактики против изборните процеси, фрлање сомнеж врз легитимноста на изборите и обесхрабрување на гласачите. Покрај надворешните дезинформации, хибридните кампањи може да вклучуваат и злонамерни дејства на интернет и со помош на вештачка интелигенција, се додава во соопштението.

Советот ја нагласува клучната улога на слободните, независни и плуралистички медиуми и потребата од подобрување на дигиталната и медиумската писменост на граѓаните со цел да се зголеми отпорноста на општеството против обидите за надворешно мешање. /МИА

Албанија ќе почне со производство на оружје и муниција

 Албанија ќе го реактивира производството на оружје и муниција. Предлог-законот на Министерството за одбрана, го отвора патот за тоа преку формирање државна компанија, која ќе го контролира овој сектор, објавија медиумите.

Потсетуваат дека првиот повик за воспоставување на оваа инфраструктура во земјата го упатил претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кога во февруари годинава беше во посета на Тирана, на Самитот Украина - Југоисточна Европа, а албанската влада го поддржала повикот, додека премиерот Еди Рама најавил дека во текот на 2030 година ќе започне извозот на оружје.

-Предлогот за враќање на воената индустрија е аргументиран со геополитичките потреби на времето, каде снабдувањето со оружје стана неопходно за НАТО и за земјите што ги поддржува на воени позиции. Покрај тоа, ангажирањето во зајакнувањето на таквата индустрија може да се смета и како профитабилна активност за економијата на земјата, наведуваат медиумите.

Се очекува државното претпријатие што ќе се формира да ги врати во функција поранешните фабрики и да ги интегрира новите технологии во вооружувањето.

Ова нема да биде единственото вложување во областа на одбраната, бидејќи долгорочниот 10-годишен план има за цел зголемена мобилизација во армијата и формирање на неколку воени бази.

Во Албанија по 1970 година се изградени три претпријатија за производство на оружје и муниција, во Мјекс кај Елбасан, во Грамш и во Поличан, но во истите со децении е запрено произведстото. /МИА

Ослободени осомничените за ланската бродска несреќа во близина на Пелопонез

Деветтемина египетски државјани кои се товареа за предизвикување несреќа и за криумчарење мигранти, биле ослободени и од двете обвиненија.

Судот во грчкиот град Каламата денеска ги ослободил деветмината уапсени и осомничени за бродската несреќа со стотици загинати мигранти јужно од Пелопонез, со образложение дека не е надлежен бидејќи бродот потонал во меѓународни води, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Деветтемина египетски државјани кои се товареа за предизвикување несреќа и за криумчарење мигранти, биле ослободени и од двете обвиненија.

„Катимерини“ пишува дека одлуката била донесена поради недостиг на меѓународна јурисдикција, бидејќи, според судот, бродот потонал во меѓународни води, 47 наутички милји југозападно од Пилос, а според сведоштвата и достапните податоци, воопшто не влегол во грчките територијални води, ниту пак Грција била крајната дестинација.

Затоа било одлучено дека судот нема надлежност за случајот, а обвиненијата против Египќаните се отфрлени.

На средината на јуни минатата година рибарски брод, на кој е непознат точниот број на лица кои се превезувале, се преврти и потона југозападно од местото Пилос на Пелопонез, додека пловеше кон Италија.

Спасени беа 104 лица, пронајдено 81 безживотно тело, а стотици беа исчезнати.

Преживеаните, тогаш сведочеа дека на бродот имало околу 700 лица. /МИА

притисни ентер