МФ: Нема незаконитост во нашите одлуки, се поништува одлуката на ДИК

Со цел информирање на јавноста, а во врска со изнесените информации од страна на дополнителниот заменик-министер во Министерството за финансии, соопштуваме дека во однос на наведените случаи не станува збор за незаконски донесени одлуки .

Со цел информирање на јавноста, а во врска со изнесените информации од страна на дополнителниот заменик-министер во Министерството за финансии, соопштуваме дека во однос на наведените случаи не станува збор за незаконски донесени одлуки во постапките за вработување, унапредување и издавањето известувања за обезбедени финансиски средства за реализација на нови вработувања кај буџетските корисници.

Министерството за финансии од почнување на мандатот на Преодната Влада, во која во Министерството за финансии има дополнителен заменик-министер за финансии во духот на добра соработка, транспарентност и отчетност во работењето, а со цел заеднички и рамноправно да учествува во одлучувањето, сите предмети кои беа доставувани на потпис до министерот, беа доставени на разгледување и до дополнителниот заменик-министер, вклучително и документите кои се однесуваат на постапките за вработување и унапредување во МФ и издавањето известувања за обезбедени средства за нови вработувања кај буџетските корисници. Иако, согласно со Законот за влада Чл.46 е дефинирано дека дополнителниот заменик на министерот заедно со министерот рамноправно ги разгледува и ги потпишува сите акти и документи кои ги донесува министерот, а се однесуваат само на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организација на изборите. Исто така согласно членот 46 дополнителниот заменик-министер е должен веднаш, а најдоцна во рок од еден ден да го одобри или одбие актот во смисла на овој закон, за што дополнителниот заменик-министер не се одлучуваше по истите.

Министерството за финансии постапувајќи по чл.46 од Законот за влада, до дополнителниот заменик-министер ги доставуваше на разгледување сите предмети кои беа доставувани на потпис до министерот, не навлегувајќи во толкување на одредбата која и така е општа во однос на прецизирање на тоа кои документи и акти се поврзани со организација на изборите, а во однос на тоа самата да одлучи кои од нив ќе бидат потпишувани заеднички, а согласно роковите предвидени во чл. 46 од Законот за влада, и сето тоа во духот на добра соработка, транспарентност и отчетност и се со цел заедничко и рамноправно со министерот да учествува во остварување на надлежностите на Министерството.

Заради несогласувањето согласно чл.48 од Законот за Влада, Министерството за финансии се обрати до ДИК, како единствена надлежна институција да одлучува во врска со тоа дали одредено правно, финансиски и кадровско прашање се однесува на организација на изборите. По донесената одлука на ДИК, со која се потврди дека не станува збор за прашања поврзани со организација на изборите, беа покренати судски постапки од страна на дополнителниот заменик-министер за финансии пред надлежни судови, каде одлуката на ДИК беше потврдена од страна на Управниот суд, но по жалба пред Виш управен суд истиот ја поништи и ја врати на повторно одлучување. Оттука, произлегува дека не станува збор за незаконски одлуки на Министерството за финансии, туку се поништува одлуката на ДИК со која се одлучува дека ваквите акти не треба да бидат предмет на врзан потпис и се враќа на повторно одлучување во ДИК, соопштуваат од МФ.

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер