Кумановка измамена за 6.000 денари за набавка на огревни дрва

Седумдесет и двегодишна кумановка пријавила во полицијата дека била измамена за 6.000 денари за набавка на огревни дрва, информираше денеска СВР Куманово.

-Вчера во СВР Куманово, 72-годишна жена од Куманово пријавила дека била измамена од едно лица за сума од 6.000 денари. Според пријавеното, лицето ѝ понудило огревни дрва и откако се договориле и таа му ги дала парите, тоа ѝ кажало дека дрвата ќе ги донесе од складот во кој наводно се наоѓаат, но не се вратило, по што сфатила дека е измамена, соопшти СВР Куманово.

Полицијата презема мерки за расчистување на случајот

Во јануари, годинава беа пријавени два случаи на измами со огревни дрва, првиот повозрасен кумановец за сума од 3.000 денари и вториот случај, кумановка за 5.000 денари.

Во 2023 година на подрачјето на СВР Куманово биле регистрирани вкупно седум (7) измами за дрва, а во 2022 година 15 пријави за измами со огревни дрва. СВР Куманово презема мерки и активности за пронаоѓање и санкционирање на сторителите на овие измами.

-Секторот за внатрешни работи Куманово апелира до граѓаните да бидат претпазливи, а особено повозрасните лица кога непознати лица им се јавуваат, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги и сите сомнителни случаи да ги пријават на 192, велат од СВР Куманово.

Стејт департмент: САД остануваат цврсто посветени на Договорот од Преспа

САД остануваат цврсто посветени на Договорот од Преспа и евроатлантските интеграции на Македонија.

САД се целосно посветени на Преспанскиот договор и повикуваат на негово почитување, изјави портпарол на Стејт департментот по положувањето на заклетвата од страна на избраната претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во Собранието кога таа не го употреби уставното име на земјата, што предизвика реакции од ЕУ, од грчкото МНР и од Американската амбасада во Скопје.

-САД остануваат целосно посветени на Преспанскиот договор и евроатлантската интеграција на Македонија. Додека новата влада се формира и се избира премиер ние ќе продолжиме да го зацврстуваме значењето на почитувањето на меѓународните договори и бенефициите од целосно членство во ЕУ, изјави денеска за МИА портпарол на Стејт департментот.

Тој истакна и дека САД продолжуваат со поддршка на безбедноста, просперитетот и евроатлантската интеграција на Македонија и со нетрпение очекуваат да работат со новата влада што наскоро ќе биде формирана како и со претседателот Гордана Сиљановска-Давкова во продолжување на унапредувањето на многу споделени цели.

Тој додаде и дека САД се и остануваат лојален партнер на Македонија во остварување на главните цели на земјата.

-Ние отскекогаш сме биле и ќе бидеме лојален партнер во остварување на вашите главни цели – просперитетна демократија и стабилна економија вкотвена во евроатлантската заедница. Ќе продолжиме со подршката за Македонија во нејзините напори да го зазеде заслужното место како безбеден и просперитетент член на евроатлантската заедница, рече портпаролот.

САД исто така охрабруваат продолжување на дијалогот меѓу Скопје и Софија.

-Го охрабруваме продолжувањето на дијалогот меѓу Македонија и Бугарија, во рамките на заедничките заложби за идното полноправно членство на Македонија во ЕУ, посочи портпаролот на Стејт департментот

-Како што се формира нова влада и се избира премиер, очекуваме билатералната соработка меѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија да остане силна и фокусирана на важноста од зајакнување на демократските институции, реформите на владеењето на правото и регионалната енергетска безбедност. Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ја поддржуваат безбедноста, просперитетот и целосната евроатланска интеграција на Македонија., укажаа од Стејт департментот. /МИА

Зеленски: Наша задача е да го нарушиме обидот на Русија да ја прошири војната

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека главна задача на Украина сега е да го наруши рускиот обид да ја прошири војната.

- Што се однесува до ситуацијата во регионот Харков, одбранбените дејствија продолжуваат, а тој правец е зајакнат, особено Вовчанск и пограничните региони … Нашата задача е апсолутно јасна – да го нарушиме рускиот обид за проширување на војната. Исполнувањето на оваа задача буквално зависи од сите кои во моментов се наоѓаат на позиции-од Чернихив до Вовчанск, од Харков до регионот Доњецк. На украинската почва не треба да постои безбедно место за окупаторот, рече Зеленски во вечерното видео-обраќање.

Тој потсети дека со шведскиот премиер Улф Кристерсон разговарал за деталите од новиот пакет помош и за можностите за проширување на соработката, вклучително и финансирање на производството на оружје.

Зеленски наведе и дека со канадскиот премиер Џастин Трудо разговарал за поддршка за оклопни возила и артилерија. /МИА

Александер – Арнолд на радарот на Реал

Реал Мадрид е заинтересиран за дефанзивецот на Ливерпул, Трент Александер-Арнолд, објави денеска добро информираниот италијански новинар Фабрицио Романо.

Според истиот изворот, мадридскиот клуб во 25-годишниот англиски репрезентативец гледа замена за седум години повозрасниот Дани Карвахал.

Преговори меѓу Реал и Ливерпул за евентуалниот трансфер на Александер – Арнолд сè уште не се започнати.

Александер-Арнолд одигра 35 натпревари за Ливерпул оваа сезона, постигнувајќи три голови, а додаде и девет асистенции. Неговиот договор со клубот истекува во лето 2025 година./МИА

притисни ентер