На видеото објавено на неговиот официјален Инстаграм профил, се гледа како славниот актер седи на скалите од својот дом и свири на хармоника, додека на гитара го придружува лице чијшто идентитет е непознат бидејќи е снимено од зад грб.
На видеото кое е во црно-бело, се гледа неговиот отсутен израз на лицето, како да не знае каде се наоѓа, или како да не знае што прави. Обожавателите не можат да се помират со неговата болест.
- Го слушам како свири и сфаќам дека е неверојатно талентиран. Те сакам Брус!
- Брус беше, е и секогаш ќе биде најдобар. Боже, чувај го овој човек и неговото семејство!
- Многу е тажна неговата состојба. Музиката е одлична терапија.
- Не можам да престанам да плачам кога го гледам ваков. Господ да те чува - беа само дел од коментарите на оваа објава.
Неговата сопруга, Ема Хеминг Вилис, проговори за влијанието на неговата болест врз семејството преку видео што го испратила до Здружението за фронтотемпорална дегенерација, кое неодамна одржа едукативна конференција за оваа болест.
- Беше многу тешко на почетокот додека не ја имавме вистинската дијагноза. Кога конечно дознавме од што боледува, почувствував дека повторно можам да дишам, како некоја тежина да ми се симнува од рамењата. Можев да ја видам поддршката што очајно ми беше потребна за мојот сопруг и за целото семејство“- вели Ема во видеото.
На Вилис во април 2022 година му беше дијагностицирана афазија, а 6 месеци подоцна му беше дијагностицирана фронтотемпорална деменција (ФТД).
- За жал, предизвиците во комуникацијата се дел од симптомите на болеста со која се справува Брус. Иако ова е болно, олеснување е што конечно имаме јасна дијагноза за да знаеме што да правиме – додаде Ема.
Не постои лек за оваа болест, а најчести симптоми се: промена на личноста и однесувањето, тешкотии во говорот, проблеми со меморијата.
Ема пишува книга
Како што објаснила Ема, нејзиниот сопруг не е ни свесен дека е болен, а семејството се труди што повеќе да му олесни и се борат заедно од ден на ден.
- Немав потреба ова да го чувам како семејна тајна, напротив. Сакав да излезам во јавноста за луѓето да обрнат внимание на суптилните сигнали на болеста кои се појавуваат со месеци, па дури и години пред дијагнозата. Како и за секоја друга болест, навремената дијагноза е клучна, иако нема лек за ФТД - изјави Ема.
Поранешната манекенка решила своето искуство од грижата за својот болен сопруг да го преточи во книга. Пишувањето е при крај и таа се надева дека нејзиното искуство ќе му помогне на некој друг. Книгата ќе се вика „Отворено поле“ и ќе биде објавена во 2025 година.
- Сакам оваа книга да дојде во рацете на партнерите за нега, односно оние кои се грижат за своите најблиски болни со ФТД или штотуку дознале за болеста која ќе им го промени животот. Тие треба да знаат дека не се сами, дека постои поддршка, па дури и надеж - изјавила Ема, а пренесува „Yahoo“.