Костадиновска Стојчевска од Пустец: Хероите како Гоце Делчев се нашиот патоказ кон Европа

Хероите како Гоце Делчев и нивните идеали за слобода и рамноправност се нашиот патоказ кон Европа.

Денеска, на денот на неговата херојска смрт, во Пустец ја откривме бистата на македонскиот револуционер и учител, Гоце Делчев. Таа ќе биде вечен потсетник за значењето на искрената борба во име на високите цели за напредна и независна држава.

Заедно со нашите сограѓани Македонци му оддадовме почит на еден од најсветлите ликови во нашата историја, идеолог и борец за слободна македонска држава. На дело покажуваме како заедно, од двете страни на границата, се грижиме за македонската историја и култура, и ги афирмираме македонскиот јазик и идентитет.

Зборовите на Гоце Делчев и неговата визија дека го разбира светот како поле за културен натпревар меѓу народите никогаш нема да исчезнат од нашата колективна меморија и од нашето настојување да создадеме сигурна, просперитетна и заедничка иднина.

Ние никогаш не сме се откажале ниту ќе се откажеме од делото и визијата на македонските револуционери, на оние кои биле на вистинската страна на историјата и денес наша обврска е да останеме на нивната страна.

Да живее споменот на Гоце Делчев!, објави на ФБ министерката за култура, Бисера Костадиновска- Стојчевска.

Зеленски: Од примирјето за време на ЛОИ корист ќе има само Русија

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски интервју за Агенцијата Франс прес (АФП) изјави дека ја отфрлил идејата на шефот на француската држава Емануиел Макрон за „примирје“ со Русија за време на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз.

Според Зеленски примирјето „ќе му користи на непријателот“.

- Да замислиме за момент дека има прекин на огнот. Прво, ние не му веруваме на (рускиот претседател Владимир) Путин. Второ, тој нема да ги повлече своите војници. Трето, кој гарантира дека Русија нема да ја искористи можноста да донесе трупи на нашата територија, посочи Зеленски.

Макрон се залага за примирје ширум светот за време на Летните олимписки игри, што ќе се одржат од 26 јули до 11 август во Париз.

Зеленски во интервјуто за АФП наведе и дека не верува оти Русија има сила повторно да го нападне Киев.

- Тие немаат сила за голема офанзива против главниот град, како што имаа на почетокот на инвазијата, посочи Зеленски додавајќи оти главни цели на Кремљ се Харков и Донбас.

Тој ги обвини западните земји што му забраниле да ја нападне Русија со нивното оружје. Според него, Западот се плаши и од руски и од украински пораз и оваа ситуација ја нарече апсурдна.

- Ние сме во апсурдна ситуација кога Западот се плаши дека Русија ќе ја изгуби војната. А во исто време тие не сакаат Украина да ја изгуби. Затоа што конечната победа на Украина ќе доведе до пораз на Русија и конечна победата на Русија ќе доведе до пораз на Украина, истакна Зеленски.

Украинскиот претседател во интервјуто се осврна и на тоа со колкава воена опрема располага Украина. Тој истакна дека Украина бара од 120 до 130 авиони ловци Ф-16 за да може да го одбрани небото од 300 руски авиони.

- Ни треба толкав број на Ф-16 за да имаме рамнотежа на силите. Украина има само една четвртина од системите за противвоздушна одбрана што и се потребни и има потреба од 120 до 130 ловци Ф-16 за да се стави крај на доминацијата на Русија во воздухот, потенцира Зеленски. /МИА

Поплави и свлечишта во германската провинција Сар

Обилните дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето во западната германска покраина Сар. Поради надојдената вода евакуирани се жителите од неколку згради.

Според Германската метеоролошка служба во Сар вчера наврнале повеќе од 100 литри дожд на квадратен метар за помалку од 24 часа.

Според досегашните информации, во силното невреме нема жртви, а при евакуацијата едно лице е повредено.

Голем број патишта во Сар сè уште се затворени, а ограничен е и железничкиот сообраќај.

Германскиот сојузен канцелар Олаф Шолц најави дека ќе ја посети поплавената област.

Поради обилните дождови зголемена е готовност и на надлежните служби и во Саксонија, Тирингија и Баварија./МИА

Управен суд ги одби како неосновани сите седум тужби од „Европски фронт“

Управниот суд синоќа ги одби како неосновани сите седум тужби од коалицијата „Европски фронт“ против решенијата на Државната изборна комисија (ДИК) за прегласување на парламентарните избори 2024. 

Со одлуките на Управниот суд се потврдуваат решенијата на ДИК за прегласување во шест избирачки места во петтата изборна единица и едно во шестата изборна единица.

Според Изборниот законик, доколку одлуката за прегласување на едно избирачко место може да влијае на конечните резулатите од изборите, ДИК ќе организира повторно гласање 14 дена од одржувањето на изборите, односно на 22 мај.

Коалицијата „Европски фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024. За сите беа оформени предмети и закажани во текот на вчерашниот ден.

притисни ентер