Истражувачите од Универзитетот во Западна Австралија и организацијата „Kelpie Geosciences“ објавија видео снимено во јужниот дел на Пацификот на 8 мај, кое го одзема здивот.
Суштеството снимено на 1.026 метри длабочина изгледа како да „излегло“ од нечиј кошмар, а научниците наведуваат дека „ретко се гледа“.
Тие ги истражувале темните длабочини, користејќи подморница, кога џиновската лигња, позната како Taningia danae, се нафрлила на камерата.
Ги рашири пипалата, веројатно мислејќи дека го обезбедила ручекот. Овој вид, инаку, е познат по двете големи фотофори на крајот од пипалата кои произведуваат биолуминисценција, пренесува LadBible.
Па така, лигњата која достигнува максимална должина од 2,3 метри и тешка до 160 килограми, има „фарови“ за полесно движење во мрак!
Во исто време, тие служат за да го збунат и измамат пленот.
„Додека го гледавме видеото, сфативме дека камерата е „нападната“ од Taningia danae“, велат истражувачите.