Израелски медиуми јавуваат дека ИДФ ги одобриле плановите за операција во Рафа

Началникот на Генералштабот на израелските одбранбени сили (ИДФ) Херзи Халеви ги одобри конечните планови за воена операција во градот Рафа и во бегалските кампови во Појасот Газа, пишува Ynet Њуз.

Без да го наведе изворот на информацијата, сајтот тврди дека израелски тенкови се на границата на Газа и се подготвени да почнат операција со која Израел сака да ја искорени милитантната група Хамас, пишува Тајмс оф Израел.

Во извештајот се вели дека планот за инвазијата се состои од неколку фази, а инвазијата може да биде суспендирана или одложена доколку се постигне напредок во разговорите за ослободување на заложниците кои ги држи Хамас.

Косовската полиција во северно Косово запленила 1,6 милиони евра и 74,7 милиони динари

Косовската полиција во филијалите на српската Поштенска штедилница во северно Косово запленила 1,6 милиони евра и 74,7 милиони динари.

Косовската полиција соопшти дека во вчерашната акција на северот на земјата, каде што беа затворени шест единици на финансиската институција „Банка поштенска штедилница“, се запленети „околу 1.600.000 евра, околу 74.700.000 динари, околу 19.500 франци, околу 13.800 американски долари, околу 40 австралиски долари“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во врска со случајот, министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља објави дека вчерашната акција била спроведена во „нелегална финансиска институција на Србија во Република Косово“.

„Со цел воведување законитост, по комуникацијата и на барање на надлежните институции и со овластување од обвинител, косовската полиција во соработка со Даночната управа на Косово, во четирите општини на северот на Косово, денеска ја спроведе операцијата на контрола и затворање на шест единици на таканаречената Банка Поштенска штедилница... Владеењето на редот и законот, служењето на сите граѓани без никаква разлика и понатаму ќе биде наша цел за која континуирано се обврзуваме“, напиша синоќа Свечља на својата Фејсбук страница.

Во синоќешното соопштение на косовската полиција се наведува дека во шесте филијали на Поштенска штедилница, во Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, покрај споменатата сума пари, запленета е и „релевантна документација и докази поврзани со случајот“.

„Затворени се шест подружници на таканаречената ‘Поштенска штедилница’ на северот од државата, а во нивните објекти се поставени официјални знаци за нивно затворање, додека сите понатамошни полициски акции ќе се спроведуваат во соработка и координација со органите на правдата“, соопшти полицијата.

Санкционирани 108 возачи во Скопје

Во вчерашната акција на Секторот за внатрешни работи Скопје на територијата на главниот град вкупно биле изречени 108 мерки.

- За возење без возачка дозвола изречени се 13 санкции, осум санкции за користење мобилен телефон при возење, пет мерки за некористење на сигурносен појас, информираат од МВР.

МВР апелира да се почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот.

Трет регионален Саем за наука, учесници основци од шестите одделенија од Скопје

На претстојниот Саем за наука во Скопје ќе учествуваат ООУ „Владо Тасевски" – (Карпош), ООУ „Невена Георгиева-Дуња“ – Скопје (Кисела Вода), ООУ „Браќа Миладиновци“  (Аеродром), ООУ „Киро Глигоров“ – Скопје и ООУ „Христијан Карпош“ од Куман

Во организација на Македонија 2025 и Johnson Matthey Програмата за влијание на заедницата „Науката и јас“ денеска во поливалентниот простор на ООУ „Невена Георгиева - Дуња“ во Кисела Вода со почеток во 13 часот ќе се одржи третиот регионален Саем за наука.

Како што се посочува во најавата за настанот, Саемите за наука се имплементирани во рамки на Johnson Matthey Програмата за влијание на заедницата „Науката и јас“, на кои над 20 обучени наставници по природни науки, со група нивни ученици од 6 одделение ќе изведуваат индивидуални проекти/експерименти од областа на природни науки.

Овие саеми се наменети за поддршка и унапредување на образовниот развој во нашата земја, преку подобрување на наставата по природни науки во 6 одделение. Иницијативата е наменета да промовира ширење на знаењето и практично учење по природни науки, овозможувајќи им на учениците активно учество во практични научни преокти/екперименти, со што ќе го разбудат знаењето и интересот за научен пристап преку презентација на научните концепти и ќе покажат колку возбудливо може да биде изучувањето на науката – од ученици за ученици.

Воведни и поздравни обраќања на Саемот на наука во Скопје ќе имаат Наталија Делева, директорка на училиштето „Невена Георгиева Дуња“, Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на Македонија2025, обраќање поврзано со проектот, целите на саемите за наука и кусо за организацијата, како и Џонсон Мети програмата за поддршка на заедницата и Зоран Николов, Менаџер за производство во Џонсон Мети Македонија, споделување на мотивациско искуство поврзано со професија во областа на науката.

На претстојниот Саем за наука во Скопје ќе учествуваат ООУ „Владо Тасевски" – (Карпош), ООУ „Невена Георгиева-Дуња“ – Скопје (Кисела Вода), ООУ „Браќа Миладиновци“ (Аеродром), ООУ „Киро Глигоров“ – Скопје и ООУ „Христијан Карпош“ од Куманово.

Проектот „Науката и Јас“ е одобрен од страна на Министрерството за образование. Во рамки на проектот веќе се реализираа два регионални саеми, и тоа еден во Велес и еден во Делчево, додека последниот четврти Саем за наука ќе се реализира на 22 мај 2024 во Струга во ООУ „Браќа Миладиновци“.

притисни ентер