Изложба на стари автомобили „Зрно по зрно“ се одржа во Кочани

Под мотото „Зрно по зрно – Изложба на автомобили од минатиот век“, на паркингот кај Трговскиот центар во Кочани денеска беа претставени шеесетина стари возила – олдтајмери.

Изложбата ја организираше Автомобилското здружение „Љубители на класик мини“ од Скопје, во соработка со Општина Кочани.

-Настанот доаѓа по инцијатива на еден ваш сограѓанин којшто е љубител на олдтајмери. Поентата е да направиме иницијатива меѓу луѓето од овој дел од државата, да се активираат за преставување на олдтајмерите. Целта е да се зачува историското наследство од автомобилската индустрија што на младите генерации ќе им ги прикаже почетоците и развојот на автомобилското производство, истакна Боби Ван, организатор на настанот.

На изложбата имаше модели на автомобили од различни производители, со примероци стари над 80 години што некогаш се возеле по нашите патишта, а беа претставени и возила од Република Србија.

-Овој настан е организиран од љубителите на старите автомобили, луѓе кои го даваат својот ентузијазам и својата желба да се претстават пред нашите сограѓани. Сакам да ја искажам подготвеноста дека ќе бидеме секогаш добри домаќини и очекувам овој настан ќе прерасне во традиција, рече градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.

Освен стари автомобили чии сопственици се од Кочани, изложувачи имаше и од Кавадарци, Куманово, Свети Николе, Велес, Пробиштип, Виница, Македонска Каменица, Тетово и Скопје.

На сите учесници организаторот им додели благодарници, при што беше нагласено дека изложбите на олдтајмери придонесуваат и за социјализација, дружење, стекнување нови пријателства и развивање на свеста за културата во сообраќајот. /МИА

Израел ја гранатира Рафа додека Бајден предупредува на прекин на испораката на оружје

Израелската армија денеска го гранатираше Рафа, во време кога американскиот претседател Џозеф Бајден најостро го предупреди Израел дека ќе престане со испораката на оружје доколку почне офанзива против тој град на југот на појасот Газа.

И покрај меѓународното противење Израел веќе испрати тенкови и врши „целни упади“ во пограничниот град, за кој тврди дека е упориште на преостанатите баталјони на Хамас.

Во градот и неговата околина има илјадници раселени Палестинци кои избегаа од конфликтот во другите делови на Газа.

Како што пренесе Бета, Рафа утринава бил силно гранатиран, а израелската армија подоцна објави дека ги напаѓа и позициите на Хамас северно, во централниот дел на палестинската енклава.

Четири земји од ЕУ наскоро може да ја признаат Палестина

Ирска, Шпанија, Словенија и Малта размислуваат да ја признаат палестинската држава на 21 мај, објави ирската државна телевизија.

РТА Њуз синоќа објави дека се интензивираат разговорите меѓу Даблин, Мадрид, Љубљана и Ла Валета за потенцијалното заедничко признавање на палестинската државност.

Ирската телевизија тврди дека тие земји чекаат гласање на Генералното собрание на Обединетите нации на 10 мај, што може да резултира со отворање на патот на Палестина за членство во организацијата.

Четирите земји во заедничко соопштение на 22 март наведуваат дека се договориле за првиот чекор кон признавањето на Палестина.

Шпанија и Ирска долго време се застапници на палестинските права. Оваа иницијатива доаѓа во време кога меѓународната заедница, поради големиот број убиени цивили во израелската офанзива на Газа, повикува на прекин на огнот и долгорочно решение за мир во регионот.

Од 1988 година, палестинската држава е призната од 139 од вкупно 193 членки на Обединетите нации.

Израел тврди дека планот на четирите европски земји претставува „награда за тероризмот“ што ќе ги намали шансите за мировни преговори во Газа.

Нов паркинг на улица "Козјак" во Кисела Вода

Нов паркинг простор е во завршна фаза во населбата Кисела Вода. Градоначалникот Ѓорѓиевски денес изврши увид на улицата “Козјак”, каде на 400 квадратни метри се обезбедуваат нови 25 паркинг места. 

Со ова, бројот на новоизградени паркинг места за овие две и пол години се искачува на околу 1400.

-Продолжуваме да работиме со силно темпо грижејќи се нашите жители да имаат што подобри услови во секој сегмент од нивните животи. Решавањето на проблемот со недостиг од паркинг места со кои се соочувавме со години наназад е поставен високо во моите приоритети, а дека е така говори тоа што, иако во мојата програма имав ветено 1000 нови паркинг места, веќе ја достигнавме бројката од 1400 и тоа само за две и пол години. Новиот паркинг на улицата "Козјак" во населбата Кисела Вода нуди можност за уште 25 паркинг места. Просторот се протега на околу 400 квадратни метри, поплочен е со павер елементи и секако ќе придонесе во безбедноста и удобноста на сообраќајот во мирување. Секако, вакви градежни активности во периодот што следи ќе имаме и во сите останати месни и урбани заедници, на што веќе интензивно работиме-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.

притисни ентер