Избрани 12 поротници за судењето против Трамп

Меѓу 12-те поротници има седум мажи и пет жени, според Си-Би-Ес Њуз. 

Судот во Њујорк назначи 12 поротници кои ќе ја донесат конечната пресуда во врска со обвинението против поранешниот американски претседател Доналд Трамп за наводно фалсификување деловни документи во случајот со тајни плаќања на порно актерката Сторми Даниелс, пред судот во Менхетен.

Меѓу 12-те поротници има седум мажи и пет жени, според Си-Би-Ес Њуз. Изборот на поротата ќе продолжи денеска, бидејќи до почетокот на судењето треба да се изберат уште шест резервни поротници.

„Имаме порота“, рече судијата Хуан Мерчан откако новите поротници се заколнаа дека ќе носат одлуки „праведно и непристрасно“.

Мерчан посочи дека судот е на добар пат да го започне судењето со воведни зборови од понеделник, 22 април.

Обвинението поднесено од обвинителот Алвин Брег го обвинува Трамп за фалсификување деловни извештаи со цел да се прикрие исплатата за порноѕвездата Сторми Даниелс непосредно пред изборите во 2016 година. Обвинителството најави дека ќе се фокусира на финсиските средства што Трамп му го дал на својот поранешен соработник Мајкл Коен, кој тврди и дал 130.000 долари на Даниелс, со цел да ја замолчат за нејзината наводна афера со Трамп. Според Обвинителството, тоа бил обид за незаконско влијание врз изборите во 2016 година. Ваквите исплати во САД не се нелегални, но според обвинителите Трамп направил кривично дело со неправилното евидентирање на надоместокот за Коен како правни трошоци. Трамп е обвинет за вкупно 34 кривични дела за фалсификување деловни книги од прв степен. /МИА

Бајден: Економскиот раст на Кина, Јапонија, Индија и Русија слабее поради ксенофобијата

Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека економиите на Кина, Јапонија, Русија и Индија немаат раст бидејќи тие земји се „ксенофобични кон имигрантите“.

„Зошто Кина заостанува економски толку далеку, зошто Јапонија е во неволја, зошто Русија, зошто Индија, затоа што се ксенофобични. Тие не сакаат имигранти. Имигрантите се тие што не прават силни“, рече Бајден на настанот за собирање средства во Вашингтон за неговата претседателска кампања.

„Една од причините зошто нашата економија расте е поради вас и многу други. Зошто? Затоа што им овозможуваме добредојде на имигрантите“, додаде Бајден. /МИА

Терзиќ: Можевме да победиме со поголема разлика

Тренерот на Борусија Дортмунд, Един Терзиќ е задоволен од победата над ПСЖ синоќа со 1:0 во првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите, иако смета дека разликата можеше да биде и поголема.

- Ова е заслужена победа, добра тимска игра. Можевме да постигнеме повеќе голови, исто како и тие. Затоа, од моја гледна точка, резултатот не е лош. Многу се движевме, но тоа е неопходно во ваков натпревар. Мора да се стекнеме со право да играме на „Вембли“. За тоа ни треба само реми во реваншот, но секако дека сакаме и да победиме следната недела. Имаме мала предност и добра можност, изјави Терзиќ за сајтот на УЕФА.

Реваншот ќе се игра на 7 мај во Париз.

Другата полуфинална двојка во елитното фудбалско натпреварување е Реал Мадрид – Баерн Минхен (2:2 прв натпревар). /МИА

Синер: Морав да се повлечам од турнирот во Мадрид

Италијанскиот тенисер Јаник Синер објасни зошто решил да се повлече од турнирот во Мадрид.

Во четвртфиналето на Мастерсот требаше да игра со Канаѓанецот Феликс Оже-Алиасим, кој сега автоматски се пласираше во полуфиналето, каде што ќе игра со победникот од двојката Данил Медведев - Јиржи Легечка.

- Многу е тажно да го пропуштам мојот следен натпревар овде во Мадрид. Колкот ме мачи оваа недела и болката постепено се влошува. Следејќи ги советите на лекарите, решивме дека е подобро да не играме понатаму. Во текот на следните неколку дена ќе спроведам други тестови и ќе ги следам советите на специјалистите за закрепнување. Ви благодарам за поддршката, напиша Синер на социјалните мрежи.

Оваа сезона 22-годишниот Италијанец освои три турнири - Австралија опен, како и турнирите во Ротердам и Мајами. /МИА

притисни ентер