Истражување: Децата во земјава од 7 до 15 години најчесто имаат проблем со концетрацијата ...

Децата во земјава од 7 до 15 години најчесто имаат проблем со концетрацијата и вниманието.

Децата во земјава на возраст од 7 до 15 години најчесто имаат проблем со вниманието, концетрацијата и брзината на реакција, покажува истражувањето „Когнитивно функционирање на децата на возраст од 7 до 15 години“ на проф. д-р. Слаѓана Анѓелкоска, универзитетски професор, психолог и психотерапевт.

Истражувањето е спроведено од февруари 2023 година до декември 2023 година на територијата на целата наша држава, во сите осум региони (Вардарски, Источен, Југозападен, Југоисточен, Пелагониски, Полошки, Североисточен и Скопски), а се опфатени 2032 ученици по случаен избор на возраст 7 до 15 години.

Истражувањето има за цел да ги согледа когнитивните постигнувања на децата во делот на вниманието, концентрацијата, помнењето, работната меморија, нивниот фокус, брзина на реакција, визуопросторна ориентација, развој на фина моторика, егзекутивни функции и да ја утврди фактичката состојба наспроти зачестеното алармирање од страна на наставниците, психолозите, педагозите, родителите дека децата имаат сè поголеми тешкотии во совладувањето на наставните содржини, како на часовите, така и дома.

Резултатите покажале дека во сите возрасни групи најголем процент на деца влегуваат имаат намалена одржливост на когнитивното функционирање при решавање на задача.

-Кај децата на возраст од 14 и 15 години се очекуваше да нема деца коишто нема да можат да ја решат задачата и најголем процент да бидат деца коишто ќе влезат во сината зона. Сепак за жал и тука имаме 4 отсто деца кои не успеале да ја решат задачата, а 50 отсто од децата се во портокаловата зона, што е особено загрижувачки податок, и за кој е потребно да се анализира подлабоко со понатамошни истражувања за откривање на причините, покажува истражувањето.

Во втората задача што им била зададена да ја решат, забележани се значајни поразителни резултати, велат истражувачите.

-Кај децата на возраст од 12 до 15 години, во периодот кога се очекува да имаат развиена способност да ја одржат постојаноста на вниманието во насока на поставената цел и следење на чекори за постигнување на целта, добиваме резултат во кој е голема процентуалната разлика на деца коишто тоа можат да го следат и деца коишто имаат значајни потешкотии да ги следат чекорите за постигнување на целта. Деветнаест отсто, 11 проценти и 6 отсто на деца коишто не успеваат да ја завршат задачата се поразителни проценти коишто ни укажуваат на потешкотиите на децата во совладување на наставниот материјал и постигнувањето на успех во учењето, покажуваат резултатите од истражувањењето.

Резултатите добиени во однос на направените грешки, додаваат истражувачите, се уште поголем аларм за присуство на одреден проблем.

-Од децата се бараше поврзувањето во двете задачи да го направат без да ги креваат раката и моливот од листот. Потребно беше додека ги извршуваат задачите во исто време да запомнат две инструкции: да поврзуваат по даден редослед и да не го креваат моливот од листот додека ги поврзуваат точките, стои во истражувањето.

Процентите прикажани во двата графикона, додаваат истражувачите, покажуваат дека голем процент на деца се оние кои што направиле повеќе од 4, односно 5 грешки (полето означено со сива боја), што покажува дека децата имаат потешкотија ментално да задржат две различни и неповрзани информации и нив да ги следат.

-Она што се бараше од децата е за одредено време да извршат две задачи: во првата задача да поврзат последователни броеви од 1 до 25, а во втората задача да направат нaизменично поврзување број-буква-број-буква. Се тргна од претпоставка и очекување дека првата задача без никаков проблем ќе ја решат сите деца во определеното време предвидено за нејзино решавање, а втората задача дека ќе биде потешка за децата од 7 години, но не и за повозрасните ученици, велат истражувачите.

Додаваат дека по анализата на резултатите, за жал беше утврдено дека генерално, сите деца коишто учествуваа во истражувањето имаат проблем со внимание, концентрација, брзина на реакција, визуопросторна ориентација, егзекутивните функции кои што претставуваат ментален капацитет значаен за дефинирање на цели, планирање на начинот за доаѓање до целта и успешно извршување на дадениот план.

Појаснуваат дека причините за вака добиените резултати се препишуваат на различни фактори - од недоволна рана стимулација на децата, препуштеност на децата самите да го структурираат своето време од најмала возраст, недоволна посветеност на родителите во раниот развој на децата со отсуство на активности коишто поттикнуваат когнитивно созревање на децата. Сите овие фактори може да се земат како причинители за оваа појава, но не смееме да генерализираме, се вели во истражувањето.

Истражувањето беше спроведено со стандардизиран психолошки тест (прв тест од ваков тип на нашите простори) којшто ги задоволува сите критериуми за истражување и е наменет за проценка на одредени когнитивни домени: внимание, концентрација, помнење, работна меморија, фокус, брзина на реакција, визуопросторна ориентација, развој на фина моторика, егзекутивни функции.

МВР со кривична пријава за поранешен градоначалник на скопска општина

Одделот за криминалистичка полиција спроведе предистражни дејствија за поранешен градоначалник на една скопска општина, за кој постои сомневање дека извршил кривично дело "злоупотрба на службената положба и овластување".

Одделот за криминалистичка полиција спроведе предистражни дејствија за поранешен градоначалник на една скопска општина, за кој постои сомневање дека извршил кривично дело "злоупотрба на службената положба и овластување" согласно член 353 од КЗ.

Имено, истиот на 04.08.2021 со пречекорување на границите на своето службено овластување како лице што врши работи од јавен интерес, по спроведена постапка за јавна набавка на работи - реконструкција на спортски игралишта на територија на општината и склучен договор за јавна набавка со правно лице од Скопје, во која постапка покрај за игралишта за кој бил надлежен, предвидел реконструкција и на спортско игралиште во средно училиште, иако знаел и бил свесен дека средните училишта согласно Законот за средното образование се во надлежност на градот Скопје.

На тој начин пријавениот го оштетил буџетот на општината за износ од 662 885 денари, кои средства му биле исплатени на избраниот економски оператор за реконструкцијата на тоа игралиште.

Во координација со СВР Скопје, Единицата за економски и компјутерски криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава, соопштија од МВР.

Снимен е ударот на украински дрон во руски радарски систем, вреден 7,5 милиони долари (ВИДЕО)

На социјалните мрежи се појави уште едно видео снимено на фронтот во Украина, на кое наводно се гледа како украинско беспилотно летало вредно нешто помалку од 27.000 долари го уништува рускиот радарски систем „Подљот“ кој вреди повеќе од 7,5 милиони. 

Како што објави dailymail.co.uk, снимката е создадена на крајот на минатата недела и покажува уништување на скап руски систем.

Украинците во нападот испратиле полско беспилотно летало камикази од типот „Warmate“, кое што ја оштетило ротирачката радарска антена на системот, за која се вели дека може истовремено да следи до 200 цели на оддалеченост од околу 400 километри.

Друго видео покажува како друг дрон удира во придружната радарска централа.

„Избувна пожар на радарската антена и на дизел генераторот што го снабдуваше системот со енергија“, се наведува во пораката на украинските разузнавачи на социјалните мрежи.

Министерството за одбрана на Украина на Телеграм објави дека единицата „Гус 9“ е одговорна за отстранување на радарскиот комплекс, додавајќи дека станува збор за нова технологија која руската армија ја има само од 2015 година. Системот се користи за откривање цели и координирана испорака на цели од противвоздушните системи С-300 и С-400.

Додека употребата на беспилотни летала од страна на Украина во нејзината одбрана од Русија беше успешна, другите елементи од нејзиниот воен ангажман не беа толку ефикасни. Украина, била принудена привремено да ги повлече американските тенкови Абрамс од првата линија на фронтот бидејќи руските беспилотни летала лесно ги откривале. САД испратија вкупно 31 тенк Абрамс во Украина.

Киев побарал од овие оклопни возила, секое од по десет милиони долари, да ги пробијат руските линии за време на минатогодишната офанзива, што на крајот не успеа. Тактиката на фронтот се смени и сега Русија масовно користи дронови во борбата против оклопните возила. Во последните три месеци руските сили уништија пет Абрамови.

„Кога размислувате за начинот на кој борбата еволуирала, масовната употреба на оклоп во средина каде што беспилотните воздушни системи се сеприсутни може да биде многу опасна. Ќе работиме со нашите украински партнери и другите сојузници на теренот за да им помогнеме да размислат како оклопни возилата може да се користат, во толку променето опкружување каде сè се гледа веднаш“, рече адмирал Кристофер Грејди, заменик-претседател на Здружениот штаб.

Пендаровски: На 8 мај имајте ги предвид иднината на вашите деца и младите

„Оставете ги партиските поделби, оставете ги етничките поделби, размислувајте како родител, размислувајте како поединец, размислувајте како приватник, размислувајте како човек. “

„Дали би му дале верба на некого кој вели дека сите договори кои ни донесоа мир и не вратија во заедницата на цивилизирани нации и држави, треба да ги смениме, да им направиме ревизија и да донесеме нешто што никој жив не знае што може да биде и со какви ефекти ќе биде“, им порача на тетовчани вечерва претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

Во оваа насока тој посочи дека наместо државата да се враќа во мрачното минато, во периодот од 2006-та до 2017-та година, треба да се фокусираме на економијата, бидејќи од тоа зависи дали децата ќе ни останат покрај нас или ќе бараат подобра иднина надвор од татковината.

„Невозможно е најголемиот дел од македонските граѓани да не ја препознае рационалноста на ова што го зборувам. Ме прашувате за било кој договор, јас имам одговор - тој договор е добар, овој договор е добар, ова е добро, ова е лошо. Тие немаат одговор. Три пати ги прашуваш, вели ќе направам тим од експерти, па со помош на странски експерти, па Совет на Европа, Венецијанска Комисија и по некое време, после неколку месеци...Кога бирате претседател, премиер, министер – тој мора од првиот ден да делува и да носи одлуки, а не допрва да собира експерти. Ти ако не знаеш сега што треба да направиш во однос на Рамковниот договор, Преспанскиот договор, Европската преговарачка рамка, ако допрва бараш помош од стручни експерти од странство и од дома, немој да се пријавуваш за претседател“, додаде Пендаровски.

Повикувајќи ги граѓаните на Тетово на 8 мај да го заокружат бројот 1, Пендаровски потенцираше дека на денот на гласањето треба да ги имаат предвид интересите на нивните деца и внуци, нивните лични и интересите на семејството,соопштуваат од неговиот тим.

притисни ентер