Ер Франс, КЛМ, Луфтханза и Брисел Ерлајнс се меѓу 20-те авиокомпании под истрага од ЕУ

Авиокомпаниите мора да разјаснат до кој степен тврдењата дека емисиите на јаглерод диоксид предизвикани од летовите може да се надоместат со „зелени“ проекти или употребата на одржливи горива се засновани на цврсти научни докази.

Европските авиокомпании „Ер Франс“, „КЛМ“, „Луфтханза“ и „Брисел ерлајнс“ се меѓу 20-те авиокомпании што се под истрага од страна на Европската унија за потенцијално погрешни практики дека нивната активност е ориентирана кон заштита на животната средина.

Ова го соопштија дел од компаниите, потврдувајќи ја информацијата на белгиската телевизија РТБФ.

Авиокомпаниите мора да разјаснат до кој степен тврдењата дека емисиите на јаглерод диоксид предизвикани од летовите може да се надоместат со „зелени“ проекти или употребата на одржливи горива се засновани на цврсти научни докази.

„Ер Франс“ потврди дека добиле писмо од Европската комисија. Компанијата во моментов ја прегледува нејзината содржина и ќе ги испита дејствијата што треба да се преземат, изјави портпаролот на француската авиокомпанија.

Луфтханза во соопштението наведе дека и таа внимателно го разгледува случајот.

Портпаролот на КЛМ рече дека холандската компанија, дел од групацијата Ер Франс, исто така добила писмо од ЕК. /МИА

Баерн ќе се обиде да го привлече Бруно Фернандеш доколку Тухел остане

Баерн Минхен е заинтересиран за играчот од средниот ред на Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандеш, тврди „Билд“. 

На тренерот на баварците, Томас Тухел му се допаѓаат квалитетите на португалскиот репрезентативец и ќе инсистира да го привлече на „Алијанц арената“ доколку тој самиот ја задржи функцијата.

Се поверојатна изгледа опцијата Тухел да остане на кормилото на баварците. На крајот на февруари беше најавено дека стручњакот ќе замине на крајот на сезоната, но со оглед на големиот број имиња кои одбија да го заменат на клупата, и двете страни со задоволство би ја продолжиле соработката.

За да се согласи да остане во Баерн, Тухел сака да му биде продолжен договорот и да има збор во изборот. Бруно Фернандеш е меѓу новите засилувања кои ги посакува Германецот. На списокот на Тухел се наоѓаат и Тео Ернандез од Милан и Жоао Палиња од Фулам. Јосип Станишиќ по позајмица ќе се врати во Баер Леверкузен.

Според различни информации, во трансфер плановите на Баерн се и Френки де Јонг, Чави Симонс, Асан Ведраого, Крис Фирих, Андре Онана и Јонатан Та.

Дејвид Коперфилд обвинет за сексуална злоупотреба од повеќе жени

Повеќе жени го обвинија американскиот илузионист Дејвид Коперфилд за сексуална злоупотреба. Настаните се случувале во распон од неколку десетлетија, објави британски „Гардијан“.

Од 16 жени, некои биле и помлади од 18 години кога наводно се случило она што го тврдат. Коперфилд беше обвинет за недолично однесување и во 2018 година, кога жена по име Бритни Луис тврдеше дека тој ја дрогирал и сексуално ја нападнал три децении претходно. Натаму, три жени тврдат дека Коперфилд ги дрогирал пред секс. Настаните, според можните жртви, го опфаќаат периодот од доцните 1980-ти до 2014 година.

Коперфилд (67) одрекува каква било злоупотреба и „никогаш не постапувал несоодветно кон никого, а не пак, кон малолетник“, нагласуваат неговите адвокати.

Коперфилд претходно беше „под лупа“ и поради неговите врски со обвинетиот сексуален подведувач Џефри Епстин, кој почина во затвор во 2019 година.

„Нашиот клиент не беше свесен за грозоморните злосторства на Епстин... Како и остатокот од светот, и тој дозна за тоа од печатот“, тврдат адвокатите на Коперфилд.

Друга жена, која доби псевдоним во печатот, сведочи дека го запознала илузионистот по еден негов настап, кога имала 15 години. Таа раскажува дека следниве години, тој ѝ се јавувал доцна во ноќта и ѝ испраќал подароци, а кога наполнила 18 години, вели, двајцата имале консензуални односи.

САД одобрија потенцијална продажба на воена опрема на Украина во вредност од 100 милиони долари

Стејт департмент одобри потенцијална продажба на американска воена опрема за Украина во вредност од 100 милиони долари, соопшти Пентагон.

Во соопштението се истакнува дека Стејт департментот и одобрил на Украина потенцијалната продажба на опрема за копнено надгледување од НАТО, како и за поддршка и друга опрема за таа програма во висина од 250,2 милиони американски долари.

Главен продавач на воена опрема ќе биде американската одбранбена компанија „Нортроп Граман“ (Nortrop Graman).

притисни ентер