Единствената Авганистанка во дипломатска служба шверцувала 25 килограми злато

Авганистанката Закија Вардак, генерален конзул во Мумбаи, Индија, која била назначена пред талибанците да ја преземат власта во 2021 година, единствената жена во земјата во дипломатската служба, поднесе оставка.

Авганистанката Закија Вардак, генерален конзул во Мумбаи, Индија, која била назначена пред талибанците да ја преземат власта во 2021 година, единствената жена во земјата во дипломатската служба, поднесе оставка по извештаите дека била приведена поради наводен шверц на злато.

Вардак вчера објави дека дала отказ на својот официјален профил X (Твитер), откако минатата недела индиските медиуми објавија дека била накратко задржана на градскиот аеродром поради наводно шверцување на 25 златни прачки, тешки по еден килограм од Дубаи. Според информациите на индиските медиуми, таа не била уапсена поради дипломатскиот имунитет.

Во изјавата Вардак не ги спомнала наводите за шверц на злато, но истакнала дека длабоко жали што како единствена жена во авганистанската дипломатија, наместо да добие конструктивна поддршка за да ја задржи својата позиција, се соочила со бранови организирани напади насочени кон уништување.

„Во текот на изминатата година наидов на бројни лични напади и клевети насочени не само кон мене, туку и кон моето потесно семејство и роднините“, додаде таа.

Вардак истакнала дека нападите „сериозно влијаеле на нејзината способност за ефективно работење и ги покажале предизвиците со кои се соочуваат жените во авганистанското општество“.

Министерството за надворешни работи на Талибанците не одговорило веднаш на повиците на агенцијата за коментар за оставката на Вардак.

Младите и пчеларството во фокусот на одбележувањето на Светскиот ден на пчелата

Светскиот ден на пчелата - 20 Мај годинава ќе биде одбележан под темата „Младите ангажирани во заштита на пчелите“. 

Одбележувањето на Светскиот ден на пчелата ќе се одржи на плоштадот „Филип Втори“ во населба Автокоманда и на платото пред Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, во чиј круг се наоѓа и „Паркот на пчелата“, кој е во фаза на изградба.

Организатори се хуманитарната и развојна организација АДРА Македонија, со финансиска подршка од Амбасадата на Република Словенија и со поддршка од општината Гази Баба и Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, заедно со децата од градинките на територија на општината и студентите од факултетот.

- „Младите ангажирани во заштита на пчелите“ ја истакнува важноста од вклучување на младите во активности за промовирање на пчелите и пчеларството, и воопшто, во зачувување на опрашувачите, препознавајќи ги како идни чувари на нашата животна средина. Истовремено, ја нагласува глобалната потреба од соработка за ангажирање на младите во заштитата на овие инсекти од витално значење. Со тоа ја штитиме безбедноста на храната и овозможуваме стабилен земјоделскиот сектор и се бориме за зачувување на биолошката разновидност, се вели во соопштението од АДРА Македонија.

Предвидена е богата програма во која акцент е ставен на учеството на младите, ќе биде проверено нивното знаење за пчелите и пчелните производи, ќе биде одржана ликовна колонија на теми посветени на пчелите, ќе бидат засадени медоносни растенија во „Паркот на пчелата“. Ќе бидат поставени богати штандови со пчелни производи, сѐ со цел пошироката јавност да се запознае со огромната улога што ја имаат медоносните пчели во опрашувањето на растенијата, како и во производството на пчелните производи.

Меѓународниот ден на пчелата се слави на 20 мај, роденденот на Словенецот Антон Јанша, основоположникот на модерното пчеларство (1734-1773). Предлогот на Словенија за воведување на Меѓународен ден на пчелата бил едногласно прифатен на Генералното собрание на ООН на 20 декември 2017 година.

Со одбележувањето на Светскиот ден на пчелата, АДРА Македонија со своите партнери се приклучуваат кон кампањата за заштита на автохтоната македонска медоносна пчела (Apis mellifera macedonica), која здружението Македонска пчела (MacBee) ја започна пред неколку години под слоганот „Одгледувам македоника, одгледувам наше“. /МИА

САД: Можни се терористички напади врз претставници на ЛГБТ заедницата ширум светот

 Владата на САД ги предупреди американските државјани да бидат внимателни поради евентуални терористички напади врз претставниците на ЛГБТ заедницата ширум светот.

- Поради потенцијалниот ризик од терористички напади, демонстрации или акти на насилство против американските граѓани и интереси, Стејт департментот ги предупредува своите граѓани во странство да покажат зголемена будност, се наведува во соопштението.

Исто така се наведува дека постои потенцијален ризик од насилство врз ЛГБТ заедницата инспирирано од странски терористички организации.

- Американските граѓани треба да бидат внимателни за време на маршевите на ЛГБТ заедницата, наведува Стејт департманот./МИА

Баку: Франција да престане со неоснованите тврдења против Азербејџан

Министерството за надворешни работи на Азербејџан вчера ги отфрли „навредливите обвиненија“ и повтори дека Баку не е поврзан со протестите во Нова Каледонија.

- Наместо да го обвинува Азербејџан дека наводно ги поддржува протестите за независност во Нова Каледонија, Франција треба да се фокусира на неуспешната политика на прекуокеанските територии што доведе до такви протести. Уште еднаш ја повикуваме Франција да престане со неоснованите тврдења против нашата земја, истакна портпаролот на азербејџанското МНР, Ајхан Хаџиев.

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин на 15 мај го обвини Азербејџан за мешање во политиката на пацифичката територија Нова Каледонија.

- Ова не е фантазија … Жалам што некои од сепаратистите се договорија со Азербејџан … дури и ако има обиди за мешање … Франција е суверена на својот сопствена територија, истакна Дарман.

Но, Дарманин не презентираше докази за вмешаноста на Азербејџан во немирите на Нова Каледонија.

Француската единица за откривање дезинформации преку интернет, „Вигинум“, формирана како одговор на руските активности во Африка, објави извештај во кој се идентификувани најмалку 86 азербејџански профили кои на платформата Икс шират антифранцуска пропаганда.

Немирите на Нова Каледонија почнаа на 13 мај поради уставната реформа, која предвидува промени на изборниот закон на француската територија. Националното собрание во Париз усвои реформа со која на илјадници француски граѓани, кои пред најмалку 10 години се преселиле на јужниот пацифички архипелаг, им се дава право на глас на локалните избори, а со тоа и поголемо политичко влијание. /МИА

притисни ентер