Џафери: Обединети да продолжиме да ја унапредуваме државата и да осигураме благосостојба

Задоволство ми е во име на Владата на Република Македонија и во мое име, да Ви го честитам најголемиот христијански празник, Воскресение Христово - Велигден.

Претседателот на Техничката Влада на Република Македонија, Талат Џафери, во име на Владата и во свое име, испрати телеграма со честитки за најголемиот христијански празник, Воскресение Христово - Велигден, до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископ охридски и македонски, г.г. Стефан, до Светиот архиерејски Синод, свештенството и монаштвото на МПЦ-ОА, до православните верници и до сите граѓани кои денеска го чествуваат празникот.

-Задоволство ми е во име на Владата на Република Македонија и во мое име, да Ви го честитам најголемиот христијански празник, Воскресение Христово - Велигден, Вам, на Светиот архиерејски Синод, на свештенството и монаштвото на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, на православните верници и на сите граѓани кои денеска го чествуваат празникот. Велигденската порака за победата на животот над смртта е порака која влева надеж дека за животот, вреди да се преземе секој чекор на храброст и пожртвуваност, чекор кој води кон светла цел. Заедничкото добро, е благословена човекова определба, и тоа може да се постигне само ако се почитуваат основните постулати на кои упатуваат бројните примери низ историјата, се наведува во честитката.

Особено, како што се посочува, во денешен контекст, кога човештвото и светот секојдневно се соочуваат со најразлични предизвици кои се закана по животот, мирот, здравјето и менталната благосостојба, потребни се повеќе од кога било пораките на надеж, единство и верба во тоа заедничко добро, засновано врз практикувањето на универзалните вредности како што се хуманоста, солидарноста, одговорноста и взаемната почит.

-Вашата улога има голема одговорност и јас Ви посакувам мудрост во исполнувањето на благородната мисија. Ви пожелувам празникот да го поминете во добро здравје, спокој во душата и среќа меѓу саканите, а со разбирање, меѓусебна почит и обединети, да продолжиме да ја унапредуваме Република Македонија и да обезбедиме благосостојба денес и за идните поколенија, стои во честитката од техничкиот премиер Џафери до поглаварот на МПЦ - ОА, г.г. Стефан.

Претрес во Струмица, приведен осомничен дилер

Струмичката полиција вчера околу пладне во Струмица го лишила од слобода Љ.Ѓ.(46) од овој град. 

При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени кафеава прашкаста материја, црна прашкаста материја, марихуана, бела прашкаста материја, бела грутчеста материја и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело..

Како што информираат денеска од МВР, лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Полска ја зајакнува границата кон Русија и Белорусија

Премиерот на Полска, Доналд Туск денеска изјави дека почна осовременувањето и утврдувањето на источна граница со Белорусија и Русија, за што се наменети 2,3 милијарди евра.

- Тој план за одбрана и одвраќање го нарековме „Штит на Истокот“ … кој ќе нè брани од потенцијалните напади од исток, но пред сè ќе има за цел да го одврати непријателот. Системот на утврдувања, зајакнување, модернизирањето на 400 километри од границата со Русија и Белорусија ќе биде фактор на одвраќање, стратегија да се избрка војната од нашата граница, истакна Туск.

Тој најави дека следната недела ќе објави нови мерки за спречување провокации, саботажи и диверзии во рамките на хибридните напади од Русија и од Белорусија.

Зборуваме за потребата да се изгради силна држава, отпорна на саботажи и саботажи. Полска ќе биде отпорна држава и безмилосна до болка кон секој што ќе се обиде да ја дестабилизира ситуацијата во нашата земја, наведе Туск. Претходната влада на конзервативната партија Право и правда на границата подигна ограда висока повеќе од пет метри за да ги запре мигрантите.

Полска без оглед кој е на власт тоа го третира како руски и белоруски хибриден напад и обид за префрлање на десетици илјади бегалци во Полска со цел да се дестабилизира земјата но и другите членки на Европска Унија./МИА

Евакуирани околу 10.000 луѓе од украинската област Харков

По копнениот напад на руската армија приближно 10.000 луѓе се евакуирани од областа Харков, североисточна Украина.

Гувернерот на Харков, Олег Синегубов наведе дека украинската армија одбила два обиди за пробивање на одбраната во текот на ноќта, но оти ситуацијата е „под контрола“.

Руските сили нападнаа неколку градови, вклучувајќи го и Вовчанск, на само пет километри од границата.

Во периодот од 9 до 15 мај руските сили зазедоа 278 квадратни километри украинска територија, што е најголем напредок од крајот на 2022 година./МИА

притисни ентер