ЦУК: Два пожара на отворено, најавено минирање кај Бањица

 Во последното деноноќие имало два пожара на отворено. Гореле и биле изгаснати две диви депонии, една во градот Дебар и една дива депонија покрај патот за село Фалише, во Општина Тетово.

Како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), во двата случаја било интервенирано со по едно противпожарно возило и двајца пожарникара.

Во последното деноноќие имало вкупно 1 659 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК. Од нив „реални“ биле 55,70 отсто, а 44,30 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 59, 92 отсто, кон итната медицинска помош 38,91 отсто, а кон пожарникарите 0,78 отсто од реалните повици кон 112.

Од ЦУК посочуваат дека има најавено минирање на локалитетот село Бањица, Коридор 8 и 10, патниот правец Тетово – Гостивар – Букојчани и Требеништа - Струга – Ќафасан.

- Граѓаните да не се вознемируваат ако слушнат детонации во тој реон, се вели во соопштението.

Според метеоролозите, денеска при крајот на денот и вечерта, а в среда и четврток под влијание на нов влажен бран во поголем дел од земјава ќе има пороен дожд и грмежи, локално процесите ќе бидат поинтензивни и во форма на невреме со пообилни врнежи и засилен ветер.

Од ЦУК препорачуваат во случај на појава на електрични празнења поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја. Сите итни случаи да се пријавуваат на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.

Калињак: Словачкиот премиер Фицо е надвор од животна опасност

 Словачкиот премиер Роберт Фицо е надвор од животна опасност по обидот за атентат, изјави денеска министерот за одбрана и вицепремиер Роберт Калинак за словачката новинска агенција ТАСР.

Состојбата на Фицо се подобрува и вчера беше соопштено дека е стабилизирана, според министерката за здравство Зузана Долинкова.

Лекарската комисија утре треба да одлучи дали тој ќе биде префрлен. Фицо моментално се опоравува во универзитетската болница во Банска Бистрица.

Фицо беше тешко повреден на 15 мај, по седницата на Владата во градот Хандлова, кога 71-годишниот писател Јурај Цинтула, од непосредна близина неколку пати пукаше со пиштол во него. Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување вчера му одреди притвор на Цинтула. /МИА

Во Унгарија две лица загинаа во судир на чамци на Дунав

Унгарската полиција објави дека две лица загинале, а пет се водат како исчезнати по судар на чамци на Дунав северно од Будимпешта.

Доцна во саботата полицијата добила дојава дека на брегот на Дунав во близина на градот вероча, на околу 50 километри северно од Будимпешта е пронајден маж со крвавење од глава.

Полицијата утврдила дека во несреќата со чамецот учествувал мажот, а подоцна во близина биле пронајдени тела на маж и жена.

Полицијата се уште трага по уште пет лица кои се наоѓале во тој чамец.

Истрагата утврдила дека во оваа област во моментот на несреќата имало и хотелски чамец, кој бил запрен со оштетен труп во близина на градот Комарома.

Мицкоски: По прегласувањето во ИЕ 5 очекуваме обезбедување двотретинско мнозинство

 Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по прегласувањето во изборната единици 5 очекува обезбедување двотретинско мнозинство од 62 пратеника во Парламентот. 

Како што изјави денеска во своето обраќање во делчевското село Разловци, каде присуствуваше на одбележување на годишнината од Разловечкото востание, ова е историска можност за државата.

-Фокусирајќи се на народот, имаме навистина би рекол една историска можност како никогаш досега, во овие повеќе од три децении. Се уште имаме малку да ја завршиме задачата, на 22-ми мај ќе има прегласување во изборната единица 5, очекуваме уште еден пратеник таму и веќе на следното мое обраќање со вас со народот на Македонија да не кажувам за 61, туку да зборувам веќе за 62 пратеника, рече Мицкоски.

Следната цел, како што рече, е две третини во Парламентот. - Мислам дека и тоа многу скоро, денеска веќе, кон крајот на следната недела ќе можеме и тоа да го оствариме, со што ќе биде променет законот за организација на ресорите во самата Влада ќе добиеме нова структура на Влада, модерна Влада, влада којашто ќе одговара на потребите на граѓаните во Македонија, рече Мицкоски.

Потоа, како што додаде, ќе отпочне еден историски реформскиот процес кој што е досега невиден Македонија.

-Во првите 100 дена очекуваме исклучително добри вести за сите граѓани, во смисла на подобрување на стандардот, една финансиска бомба би рекол. Ние нема да се занимаваме, со политички бомби, со ниски страсти, со напади, ние планираме да работиме за подобрување на стандардот на граѓаните, тоа е нашата цел и планираме да го заслужиме нашето место во историјата, додаде Мицкоски.

Во рамки на посетата на Разловци, Мицкоски положи цвеќе пред спомен-плочата на Поп Стојан, еден од организаторите на Разловечкото востание.

притисни ентер