Членството на Полска во ЕУ за 20 години донесе повеќе од 160 милијарди евра

70 отсто од Полјаците позитивно ги оценија двете децении членство.

По влезот во Европската унија на 1 мај 2004 година, Полска доби 245,5 милијарди евра од европските фондови, плати 83,7 милијарди евра, така што две децении членство и донесоа 161 6 милијарди евра нето, пресмета полското Министерство за финансии, пренесе Бета.

Средствата од заедничката европска каса во тој период претставуваа околу 2,1 отсто од БДП годишно, додека странските инвестиции, кои исто така беа поттикнати од членството во Унијата дури и во очекување дека Полјаците ќе се приклучат на Европската заедница, изнесуваа околу 3,4 отсто од националните БДП -а.

Околу 65 проценти од парите од европските фондови се инвестирани во Полска во рамките на кохезионата политика, а повеќе од 30 проценти во рамките на земјоделската политика, каде што добиле 78 милијарди евра за селата и земјоделците, од кои 50 милијарди се потрошени на директни субвенции, 26 милијарди за програмско финансирање развој на руралните области и 1,8 милијарди за интервенции на пазарот.

Трансформацијата на селата и условите во кои работат земјоделците и овозможија на Полска да го зголеми извозот на земјоделски и прехранбени производи 11 пати во споредба со периодот пред членството, на 51,8 милијарди евра во 2023 година.

И покрај антиевропската кампања во претходните осум години кога на власт беа радикалните конзервативци од партијата Право и Правда на поранешниот премиер Јарослав Качински, кога дел од средствата за Полска беа блокирани поради контроверзните реформи, пред се на судството, само една петтина од Полјаците имаат негативен став за членството во ЕУ, наведува Бета.

Во најновата анкета за полскиот весник Џењик Газета Правна и радио станицата РМФ ФМ, 70 отсто од Полјаците позитивно ги оценија двете децении членство, додека само 22 отсто од анкетираните гледаа негативно.

Дури и речиси половина од гласачите на актуелната опозициска партија Право и Правда, 47 отсто од нив, исто така позитивно го оценуваат придонесот за Полска од две децении во Унијата, додека позитивната оценка за придонесот за членство кај гласачите на про-европската демократска владејачка коалиција, која дојде на власт на парламентарните избори во октомври, достигнува дури 84 отсто. /МИА

Макрон свика кризен состанок за немирите во Нова Каледонија

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска итно свика состанок на Советот за одбрана и национална безбедност на кој ќе се разговара за немирите во кои загинаа две лица, а стотици беа повредени во Нова Каледонија, соопшти неговиот кабинет.

Макрон го откажа патувањето во францускиот регион планирано за денеска за да се справи со кризата на територијата на Тихиот Океан, а редовниот неделен состанок на владата е поместен за попладне, соопштија официјални лица.

Во немирите во Нова Каледонија едно лице е застрелано, а повредени се стотици луѓе, вклучувајќи околу 100 полицајци и жандарми, соопшти претходно францускиот министер за внатрешни работи, Жералд Дарманин. Десетици домови и деловни објекти биле запалени за време на немирите поврзани со гневот поради уставните реформи. Повеќе од 130 лица се приведени.

Немирите започнаа во понеделникот додека Франција расправаше за планираниот закон со кој на илјадници француски граѓани на јужниот пацифички архипелаг ќе им се даде право на глас, а со тоа и поголемо политичко влијание. Националното собрание во Париз преку ноќ ја усвои реформата со 351 глас за и 153 против.

Емери: Ни се оствари сонот да обезбедиме учество во Лигата на шампионите

Тренерот на Астон вила, Унаи Емери, ги сподели своите впечатоци од пласманот на тимот во Лигата на шампионите. 

„Лавовите“ ќе играат во главниот европски куп за прв пат по 41 година.

- Денес е посебен ден. Сонувавме за ова од почетокот на сезоната. Играњето во Лигата на шампионите е следното најдобро нешто во Премиер лигата. Во Лигата на шампионите се среќавате со екипи од други земји. И тоа е неверојатно. Секогаш сме одговорни за историјата на тимот и наша одговорност е да се обидеме да го подобриме нашето ниво, да бидеме упорни и да го следиме сонот. Се разбира, јас сум многу, многу среќен и горд на нашите навивачи, играчите и сите останати, изјави Емери за клупскиот сајт на Астон вила.

На едно коло пред крајот на англиското фудбалско првенство, Астон вила со 68 бодови се наоѓа на 4. место во поредокот, со пет бодови пред Тотенхем кој е на 5. место.

Потрага по избеган затвореник во Нормандија откако двајца затворски службеници беа убиени

Потрага по избеган затвореник во Нормандија откако двајца затворски службеници беа убиени во заседа.

Стотици полицајци денеска во Нормандија се во потрага по затвореник кој побегна вчера по судското сослушување во Руан. Двајца затворски чувари загинаа, а тројца се тешко ранети во заседа во која комбе со затвореник беше нападнато во близина на Руан, град на северот на Франција, недалеку од Париз.

Затвореникот и напаѓачите побегнаа, јавуваат француските медиуми.

Затвореникот, идентификуван како Мухамед Амра, роден во 1994 година и познат по прекарот „Мува“ (La Mouche), бил осуден за тежок грабеж и киднапирање што резултирало со смрт.

Нападот се случи вчера во близина на наплатна рампа на автопатот А154, при враќањето на затвореникот од судското рочиште во затворот во градот Евр.

-Соучесниците на осудениот не се двоумеле да ги застрелаат затворските службеници со автоматско оружје, изјави францускиот министер за правда, Ерик Дупон-Морети.

На фотографиите објавени на социјалните мрежи, а кои ги користат и некои француски медиуми, се гледаат вооружени мажи со качулки како се приближуваат кон конвојот.

-Во нападот учествувале неколку лица од две возила кои се приближиле до затворскиот конвој. Еден од напаѓачите наводно е ранет, изјави за француски медиуми неименуван полициски извор.

Возилото со кое избегале затвореникот и напаѓачите подоцна било запалено.

притисни ентер