Челси сака да го врати менаџерот кој му ја донесе последната титула во Премиер лигата

Фудбалскиот клуб Челси наводно испратил исклучително примамлива понуда до Антонио Конте со надеж дека ќе го убеди да се врати на „Стемфорд Бриџ“ за да го замени Маурисио Покетино, пренесуваат италијанските медиуми.

„Сините“ се во исклучително тешка позиција. Тие го заземаат деветтото место и немаат шанси да фатат чекор за учество во Лигата на шампионите. Единствено што можат да обезбедат до крајот на сезоната е евентуално учество во Конференциската лига. Затоа менаџментот размислува за раскинување на соработката со Аргентинецот.

Една од целите на Челси беше Тиаго Мота, кој сезонава бележи фантастични резултати со Болоња. Сепак, се верува дека Италијанецот е многу поблиску до останување во Италија и клупата на Јувентус отколку до заминување во Премиер лигата.

„Ла Република“ објави дека лондонскиот клуб е сериозно заинтересиран за враќање на Конте. Италијанецот им ја донесе последната титула во Премиер лигата на „сините“ и управата верува дека би можел да го повтори тој успех.

Сепак, Конте е желба и на Милан и Наполи. Искусниот стратег е без работа во март 2023 година кога ја напушти клупата на Тотенхем. Во моментот на неговото заминување, „мамузите“ беа елиминирани од ФА Купот и Лигата на шампионите, додека беа на четвртата позиција во англискиот шампионат. /МИА

Одбележани 81 година од смртта на првоборецот Иљо Антески Смок во Тетово

Во Тетово денеска се одбележаа 81 година од смртаа на првоборецот Иљо Антески-Смок. Одбележувањето се одржи пред неговиот споменик во населбата Два бреста каде повеќе делегации положија букети цвеќе, а беше одржан и историски час за негово дело и лик

-Иљо Антески Смок загина на неполни 24 години и немаше можност и среќа да ја почувствува и да ја дочека слободата во која толку многу веруваше. Тој како член на Мавровско-гостиварскиот одред во април 1943 во битката кај Ново Село, Гостиварско бил заробен заедно со 12 други соборци од балистичките одреди кои служеле на италијанскиот окупатор. Подоцна фашистите го осудуваат на смрт, а на денешен датум 17 мај во 1943 година Иљо е обесен. При бесењето извикува „Смрт на фашизмот-слобода на народот“ и самиот го поттурнува столчето за да биде обесен, беше истакнато во пригодниот реферат од наставникот по историја, Љубиша Марковиќ.

Во Тирана покрај Иљо Антески Смок, италијанските фашисти осудиле на смрт и обесиле уште петмина други негови соборци Душко Поповиќ, Раде Угриновски, Христо Оџаклиески, Драги Тодоровски и Трифко Андоновски. /МИА

Унгарија стави вето на резолуцијата на Советот на Европа за Украина

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска изјави дека Унгарија стави вето на резолуцијата на Советот на Европа со која се признава планот на претседателот на таа земја, Володимир Зеленски, како единствен предлог за мир во Украина.

„Советот и денеска сакаше да донесе резолуција со која сакаше да го признае мировниот план на претседателот Зенески како единствена мировна формула која треба да се разгледа и поддржи. Тоа за нас е неприфатливо. И други направија мировни планови што не полоши“, напиша Сијарто на Фејсбук.

Тој изјави дека ставил вето на резолуцијата бидејќи бил одбиен неговиот предлог во неа да се вклучат и други мировни планови. /МИА

Ван Перси презеде елитен холандски тим

Поранешниот играч на Арсенал и Манчестер Јунајтед, Робин ван Перси е нов тренер на Херенвен, соопшти холандскиот клуб. 40-годишниот стручњак потпиша за две сезони.

За Ван Перси, кој е играчот со најмногу голови во историјата на „лалињата“ со 50 погодоци, ова ќе биде деби како тренер на сениорска екипа.

Досега имаше искуство како тренер на младински тимови на матичниот Феенорд.

-Тренерската професија е сеопфатна и предизвикувачка, и ја практикувам со многу страст и задоволство. Имам желба да продолжам со мојот развој и улогата на главен тренер совршено одговара на оваа амбиција. Затоа сум воодушевен од можноста што Херенвен ми нуди многу убав елитен клуб со богати традиции и лојални поддржувачи. Фантастичен предизвик е да се дозволи да се придонесе за спортските амбиции и развој на клубот овде како главен тренер, истакна легендарниот стрелец.

Официјално ќе биде претставен во вторник на 21 мај. Херенвен е на 10. место во Ередивизи пред крајот на првенството./МИА

притисни ентер