Борел-Вархеји: Изборите поминаа во мирна и демократска атмосфера

Изборите поминаа во мирна и демократска атмосфера, но изборниот процес останува недоволно регулиран.

Според прелиминарните наоди и заклучоци на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР), претседателските и парламентарни избори кои се случија на 8 мај поминаа во мирна и демократска атмосфера, се вели во заедничката изјава на Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји.

Борел и Вархеји, во заедничката изјава, велат изборите биле конкурентни со почитување на основните слободи, но посочуваат дека изборниот процес и понатаму останува недоволно регулиран.

– ЕУ и честита на претседателката Силјановска-Давкова за изборот и со нетрпение очекува да работи со новиот претседател, првата жена шеф на државата во Македонија. Ги охрабруваме релевантните политички актери да работат на формирање парламент и стабилна влада. Двете институции треба да работат заедно за да го унапредат патот на Македонија кон ЕУ, вклучително и со спроведување клучни реформи особено во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата, во интерес на сите нејзини граѓани, се наведува во соопштението на Европската служба за надворешни работи.

Посочуваат дека Северна Македонија направи одлучувачки чекори во процесот на пристапување во ЕУ и сега ќе биде важно да се имплементираат преостанатите обврски неопходни за отворање на првиот кластер во процесот на пристапување.

– ЕУ и Македонија споделуваат силно партнерство. Земјата целосно се усогласи со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и очекуваме нашата соработка да продолжи и понатаму да се развива, се наведува во соопштението.

Европската унија забележува дека заедничката меѓународна набљудувачка мисија на изборите од ОДИХР и ОБСЕ, Европскиот парламент и Парламентарното собрание на Советот на Европа, двојните избори ги окарактеризира како конкурентни, со почитување на основните слободи.

– Иако законската изборна рамка ја постави основата за демократски избори, некои одредби не беа во согласност со меѓународните стандарди, во однос на еднаков пристап до медиумите, одговорност за државното финансирање и пристап до правна заштита. Неодамнешните измени на Изборниот законик беа воведени доцна и не ги одразуваа препораките на ОДИХР, велат од Европската служба за надворешни работи.

Откако Меѓународната мисија за набљудување на изборите ќе ги издаде своите конечни препораки за идните избори, Европската унија очекува сите политички актери, релевантни институции и засегнати страни да ја покажат својата посветеност за зајакнување на демократијата преку заедничка работа за да ги спроведат тие препораки брзо и многу пред следните избори. /МИА

Авион со запален мотор принудно слета во Индија- 179 патници и екипажот во шок (ВИДЕО)

Авион на „Ер Индија“ со 179 патници и членови на екипажот принудно слетал откако избувнал пожар во еден од моторите на авионот.

Како што објави „Дејлимејл“, се работи за лет од Бангалор до Кочи, а инцидентот се случил минатиот викенд.

Набрзо по полетувањето избувнал пожар на еден од моторите на авионот. Чудо е што никој не е повреден при овој инцидент. За проблемот била известена контролата на летање, била издадена тревога и пожарот бил изгаснат 20-тина минути по неговото избувнување.

На социјалните мрежи е објавен клип снимен од еден од патниците во авионот, кој седел на десната страна. Во позадина се слушаат гласовите на преплашените патници.

„Ве молам, останете на вашите места. Сè е под контрола“, се слуша преку системот за јавно обраќање откако некои од преплашените патници се обиделе да го напуштат запалениот авион.

Набрзо бил активиран и воден топ, кој брзо го изгаснал пожарот.

"Сите бевме исплашени. Плачевме. Персоналот беше професионален, ни помогна и бевме безбедни за една минута. Многу сме им благодарни", рекол еден неименуван патник.

Во соопштението на „Ер Индија“ се наведува дека пожарот го зафатил десниот мотор на авионот, поради што е извршено итно слетување, при што соодветните служби за итни случаи го изгаснале пожарот и ги евакуирале патниците:

„Жалиме за предизвиканите непријатности и работиме на алтернативни аранжмани за нашите клиенти што поскоро да стигнат до својата дестинација“, се вели во соопштението.

Кевин Костнер позира со синот во Кан, сите забележаа еден детал (ФОТО)

Познатиот актер Кевин Костнер позираше со својот 15-годишен син Хејс на црвениот тепих во Кан за промоцијата на вестернот Horizont: An American Saga.

Таткото и синот се појавија во бели костуми и насмеани им позираа на фотографите, а обожавателите забележаа дека 15-годишникот веќе е висок колку неговиот татко.

Инаку, ова е првпат Хејс да се обиде во улогата на актер, а во филмот, кој е прв дел од планираната квадрилогија, Хејс ја прикажува помладата верзија на ликот на неговиот татко.

Филмот е снимен пред разделбата на Кевин Костнер и Кристин Баумгартнер, кои покрај Хејс имаат уште две деца, 17-годишниот син Кејден и 13-годишната ќерка Грејс.

Да потсетиме, во мај минатата година парот објави дека се разведува по 18 години брак, а неговата сопруга поднесе барање за развод. Актерот ја обвини бившата за одложување на разводот, а таа, пак, побарала поголема алиментација, тврдејќи дека 129.000 долари месечно се премалку за неа, но тие успеале да се договорат.

Мицотакис ја актуелизира ознаката „Macedonia the Great“ против македонските производи

Македонската ознака во моменталните околности станува моќно средство на економската дипломатија. 

Македонската ознака во моменталните околности станува моќно средство на економската дипломатија. Навистина ми е жал кога слушам врвни грчки производители на вино во нашата земја да ни кажуваат дека постојат вина што се појавуваат како македонски и некои клиенти од странство кога говорат за македонски вина да ја имаат на ум Македонија, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од Солун, јави дописничката на МИА од Атина.

Во говорот на Генералното собрание на Асоцијацијата на грчки извозници (СЕВЕ), Мицотакис се осврна и на трговската ознака „Macedonia the Great“ за грчките производи, промовирана во ноември 2019 година, токму од конкретната Асоцијација, се потсети дека тогаш присуствуваше на презентацијата изразувајќи целосна поддршка, која ја повтори и вечерва.

-Ни требаше време да ја регистрираме (трговската ознака), но на добар пат сме. Тоа е потег што добива и актуелно значење по последните провокативни регресии на нашите северни соседи. Нашата дипломатска реакција треба да биде придружена и со трговски контранапад, во прв план со автентичноста и квалитетот на производите и услуги на нашата Македонија и ова е и во ваши раце да го постигнеме заедно, им порача Мицотакис на присутните на Генералното собрание на СЕВЕ.

Освен за трговската ознака, грчкиот премиер се осврна и на Договорот од Преспа и на последните случувања во билатералните односи, уште еднаш порачувајќи дека ЕУ перспективата на Скопје, поминува низ Атина.

-Гледајќи го веќе подолго време подемот на национализмот во Скопје, останавме претпазливи во прифаќањето на меморандумите што го придружуваат Договорот. За жал, развојот на настаните ја оправдаа оваа наша претпазливост. Позицијата на новата претседателка и на нејзините поддржувачи таму, за жал, и на мандатарот за премиер е и незаконска и провокативна. Затоа Грција ја отфрла и не ја прифаќа. Соседната држава мора да сфати, и ова мислам дека ги сфаќаат повеќето граѓани на Македонија, дека патот кон Европа и напредокот поминува и низ нашата земја. И таму може да застане, истакна грчкиот премиер.

Уште еднаш потсети дека Нова демократија гласаше против Договорот од Преспа, но објаснувајќи дека „не затоа што не сакавме решение на прашањето, туку затоа што конкретниот Договор отстапи националност и јазик, македонска националност и јазик на соседите, поткопувајќи ја на овој начин иднината“.

Истакна дека предупредија, уште пред да дојдат на власт во 2019 година, дека ако овој Договор се ратификува, подоцна не може да се смени.

- Како нова Влада го почитувавме овој грчки потпис на меѓународен договор, кој надвладува над секој закон, посочи Мицотакис.

притисни ентер