Бајден разговараше со Нетанјаху и ја повтори загриженоста на Америка поради инвазијата врз Рафа

Бајден рече дека верува оти постигнувањето прекин на огнот со Хамас е најдобриот начин да се заштитат животите на израелските заложници во Газа, наведуваат агенциите, цитирајќи неименуван портпарол на Белата куќа.

Претседателот на САД, Џозеф Бајден, денеска во телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја повтори загриженоста на САД поради инвазијата врз Рафа, каде што повеќе од милион цивили се засолниле од другите делови на Појасот Газа и побара итно отворање на преминот Керем Шалом кон Појасот Газа со цел хуманитарната помош да стигне до таа палестинска енклава, пренесуваат светските медиуми.

Бајден рече дека верува оти постигнувањето прекин на огнот со Хамас е најдобриот начин да се заштитат животите на израелските заложници во Газа, наведуваат агенциите, цитирајќи неименуван портпарол на Белата куќа.

Разговорот се одржа неколку часа пред Бајден да го угости јорданскиот крал Абдула Втори на приватен ручек во Белата куќа.

Нетанјаху вчера го отфрли меѓународниот притисок за прекин на војната во Газа, велејќи дека ако Израел биде принуден да биде сам, ќе остане сам.

„Им велам на светските лидери: никаков притисок, ниту една одлука на кој било меѓународен форум нема да го спречи Израел да се брани“, рече тој, зборувајќи на англиски и додаде „никогаш повеќе е сега“.

ИДФ ги повика Палестинците да ги евакуираат крајбрежните населби во северниот дел на Газа

Израелската армија ги повика Палестинците во крајбрежните населби во северниот дел на Газа да ја евакуираат областа додека ја продолжува операцијата во Џабалија.

Портпаролот на Израелските безбедносни сили (ИДФ) на арапски јазик, Авичај Адри, објави список на нови зони што треба да се евакуираат, а на палестинските цивили им беше кажано да се преселат во засолништа западно од градот Газа, пишува „Tајмс оф Израел“.

Минатиот викенд, ИДФ издаде предупредување за евакуација на градот Џабалија, пред да биде извршен нападот.

Оттогаш, армијата двапати ја прошири зоната за евакуација, а најновата најава ги вклучува областите Ал-Ататра и Ал-Карам во Појасот Газа. /МИА

Протест на британските плажи поради загадување на водата

Илјадници луѓе ширум Велика Британија се собраа вчера на плажите, реките и езерата за да побараат промени на нивоата на загаденост на водата во земјата.

Демонстрантите се собраа во областите за капење од Западниот Пјер во Брајтон до плажата Гилингвасе во Фалмут по извештаите дека милиони литри вода од канализација биле испумпани во Виндермер во областа Лејк за повеќе од 10 часа во февруари.

Ситуацијата од опозициските политичари беше окарактеризирана како „скандалозна“, додека Лондон рече дека ситуацијата е „целосно неприфатлива“ и дека Агенцијата за животна средина има овластување да покрене кривично гонење.

Испумпувањето се случило во пумпната станица на компанијата во Бонс-он-Виндермер, Камбрија, ноќта на 28 февруари, пишува „Индипендент“.

Пумпите за итни случаи испуштија повеќе од 10 милиони литри вода од канализација во местото на светското наследство на УНЕСКО, откако главните пумпи беа нагло прекинати поради дефект на телекомуникациите. /МИА

Брајтон објави за заминување на тренерот Де Зерби

 Прес-службата на премиерлигашот Брајтон објави дека Роберто Де Зерби ќе ја напушти функцијата главен тренер на клубот на крајот од сезоната 2023/24.

Раководството на Брајтон се договорило со 44-годишниот фудбалски стручњак за предвремен раскин на договорот кој е со важност до летото 2026 година.

Претходно беше објавено дека Баерн Минхен е заинтересиран да го покани италијанскиот тренер.

Де Зерби дојде во Брајтон во септември 2022 година. Под негово водство тимот освои 38 победи, 20 пати ремизираше и претрпе 30 порази.

Оваа сезона Брајтон е на 10. место во поредокот во Премиер лигата, со 48 бодови од 37 натпревари. /МИА

притисни ентер