Ангеловска-Бежоска: Оцената на ММФ е дека Народната банка е добар пример за транспарентност

 Оцената на ММФ е дека Народната банка е добар пример за транспарентност и отчетност во примената на Кодексот за транспарентност на ММФ.

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на покана на Регионалниот центар за техничка помош на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) одржа предавање на „Форумот за примена на Кодексот за транспарентност на ММФ“, на кој ги сподели позитивните искуства на Народната банка во примената на најновите и највисоките меѓународни стандарди и најдобрите практики за транспарентност и отчетност на централните банки.

На Форумот, како што информираат од Кабинетот на гувернерката, Народната банка беше посочена како пример за земјите од регионот, која меѓу првите зеде учество во пилот-проектот за оцена на транспарентноста во однос на новиот Кодекс за транспарентност на ММФ.

-ММФ во својот Извештај за оцената на транспарентноста заклучува дека Народната банка применува високо ниво на транспарентност, коешто е значително зајакнато во изминативе неколку кризни години, овозможувајќи успешно одржување на макроекономската стабилност,велат оттаму.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска, додаваат, истакна дека транспарентноста и отчетноста на централните банки е нагласена по глобалната финансиска криза, а особено во последните неколку години кога се соочивме со неколку последователни кризи. Во такви околности на зголемена економска неизвесност и финансиски стрес, се истакнува потребата централните банки појасно и позачестено да бидат присутни во јавноста со појаснување на економските движења, како и со комуницирање за причините и претпоставките за донесените монетарни одлуки. Народната банка го следи овој тренд, при што уште од 2021 година транспарентноста и отчетот кон јавноста се издвоени како една од целите во Стратегискиот план на Народната банка, за што тимот на централната банка напорно работи градејќи модерна, општествено одговорна и транспарентна институција. Постојаното подобрување на транспарентноста ги зголеми довербата и кредибилитетот на институцијата кај јавноста, што беше заклучено и во Извештајот на ММФ.

-Имајќи ги предвид согледувањата на ММФ, Народната банка во изминатиот период ја зголеми достапноста на податоците за спроведувањето на основните активности, а дополнително ја збогативме и нашата комуникација со јавноста, при што бројот на соопштенијата, преку кои на поедноставен јазик се доставуваат пораките од Народната банка, се зголеми за 25 отсто, а јавните настапи на раководниот тим се зголемија за 40 отсто. Народната банка придонесува и кон подигнувањето на нивото на финансиската писменост преку постојано одржување обуки и други активности, зајакнувајќи ја двонасочната комуникација со граѓаните и институциите, порача гувернерката во своето обраќање.

Притоа таа нагласи дека довербата од јавноста беше клучна за одржувањето стабилни инфлациски очекувања, стабилен курс на денарот и за задржување на макроекономската стабилност во изминатиот период.

-Ова е потврдено и со Анкетата спроведена од Светската банка, според која Народната банка е институција којашто ужива најголема доверба во рамките на домашните институции, посочуваат од Кабинетот на гувернерката.

Азески: Изборите завршија, враќање на редовните колосеци - веднаш и сега

Завршија двојните избори, седми по ред претседателски и единаесетти по ред парламентарни.

1. Завршија двојните избори, седми по ред претседателски и единаесетти по ред парламентарни. Покрај честитките до победниците, посебни честитки за македонскиот народ кој покажа висока демократска зрелост и во голем број, без некои поголеми инциденти, потврди дека припаѓа на друштвото со европски вредности и јасно е определен да истрае на истите. Сѐ на сѐ, кога сѐ добро ќе се заврши не треба и многу да се коментира. Сега е сѐ јасно. Во наредните 10 години економијата како приоритет, градењето правна држава и систем на пазарни вредности како определена цел. Во сите случаи одговорноста и имплементацијата се најважните алатки во работењето на сите избрани личности, органи и тела. Тоа го бараше бизнисот. На тоа ќе истрае и јавно ќе критикува секоја појава која не е во согласност со овие постулати. Нашата држава е на сериозен испит, може или не може да опстои како модерен чинител на регионалната и европската сцена.

2. Бидејќи изборите завршија од утре почнуваме со темпото на работа од пред изборите. Првите неколку активности оваа недела ќе бидат посетата на компанијата „Бехтел и Енка“, средбата со врвното раководството на мултинационалната компанија „Костал“ од Германија, учеството на Самитот во Котор, каде ќе се состанат шесте претседатели на Влади и на Комори на земјите од Западен Балкан, а во петок во Комората ќе го примам раководството на „Македонија 2025“ кое одржува токму овие денови самит во Скопје. Ако на тоа ги надоврземе и редовните активности кои неделава се одвиваат во Комората со Советот на странски инвеститори и Центарот за циркуларна економија, јасно е дека време за чекање нема. Бизнисот бара враќање на редовните колосеци бидејќи приликите во регионот и во Европа се прилично неизвесни и проблематични.

3. За и ние да не шириме демагогија, на најавените настани мора да се појавиме со нови модерни и свежи идеи во согласност со условите и приликите. Така што посетата на „Бехтел и Енка“, водечката инвестиција кај нас во наредните години, треба да е поттик за сите вработени во Комората да ги посетат фирмите и да видат што се случува таму. Разговорите со врвното раководство на „Костал“ мора да бидат прецизни и јасни за нивните очекувања од нас, затоа што странските инвеститори се значаен чинител во Комората и нивните оценки се од суштинска важност за нас. Самитот во Котор, на кој ќе се разгледува планот за новиот економски раст на ЕУ, мора во јавноста да не истакне како луѓе кои не губат време по разно-разни собири, туку изнесуваат свои предлози произлезени од компаниите за поддршката што треба да ја добијат од државите. Не, „ќе се залагаме за“, туку предлагаме „тоа и тоа“, треба да биде промената со која ќе го направиме нашиот метод на работа сосема поинаков.

П.С Активностите ќе се интензивираат до летните одмори, да ја искористиме оваа шанса и да го надоместиме времето кое што го потроши долгата изборна кампања.

Бранко Азески, претседател на СКСМ

Кулеба и Олена Зеленска во Белград

Шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба денеска во Белград ќе разговара со премиерот на Србија, Милош Вучевиќ и со претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ.

Кулеба и сопругата на претседателот на Украина, Олена Зеленска, од вчера се во посета на Србија, што е прва посета на украински претставници на Белград од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година.

Зеленска вчера ги посети белградската градска библиотека и Калемегдан во друштво на сопругата на претседателот на Србија, Тамара Вучиќ.

Во српската делегација беше и министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ.

Агенциите за давање отказ сѐ побарани во Јапонија

Давањето отказ преку агенција во име на работникот е сѐ позастапено во Јапонија последниве години. 

Така вработените ги напуштат компаниите, без да мора лично да дадат оставка, од причини како што се вознемирување на работното место или неповолна работна средина.

Секторот бележи раст, па денес има 100 агенции коишто нудат вакви услуги. Во прилог на растот оди и недостигот на работна сила поради стареењето на населението, како и неусогласеноста на вредностите меѓу помладите работници и „старомодните“ компании, според тамошните медиуми.

Цените за услугите се движат од 20.000 до 50.000 јени (120 - 300 евра).

Корисници на ваквите услуги најчесто се помлади вработени, на возраст од 20 до 30 години, кои сочинуваат 60 отсто од клиентите на ваквите агенции. Меѓу најчестите причини за отказ, се непријатната личност на претпоставен или ангажираност на временски период, наведуваат некои агенции.

притисни ентер