Ова е констатирано во извештајот на Работната група формирана од Министерството за правда за увид во примената на одредбите од Законот за судовите и Судскиот деловник во Основниот суд Скопје 1, Апелациониот суд Скопје и Врховниот суд.

Увидот во функционалноста на информатичкиот систем и надзор над примената на одредбите од Судскиот деловник во судовите, односно во АКМИС системот за 2016. и 2017 година, како што информира министерот за правда Билен Саљији на денешната прес конференција, беше спроведен на 5. и 10 октомври годинава во Основниот суд Скопје 1, на 9 ноември во Апелацискиот суд Скопје и на 17 ноември во Врховниот суд.

Предмет на увид, во сите три суда, посочи, беа процедурите за функционирање на АКМИС, годишниот распоред на судии, процедурата за исклучување на судија од автоматска распределба и прераспределба на предмети, сите одлуки за рачна распределба на предмети.

- Увидната работна група констатираше недоследност во примената на Законот за управување со движењето на предметите во судот и Судскиот деловник како и недоследност во користењето на АКМИС –от во Основниот суд Скопје 1 и во Врховниот Суд. Во Апелацискиот суд во Скопје  е констатирано дека Законот за управување со движењето на предметите во судот и Судскиот деловник се применуваат, АКМИС-от е имплементиран и редовно се користи освен во делот за судска управа, посочи Саљији.

Најмногу неправилности, информира, имало во Основниот суд Скопје 1 каде годишен план за управување со движењето на предметите во судот е деносен само во 2013 година, не е формирано Работно тело за управување со движење на предметите во судовите, не се донесени внатрешни процедури за одделни процеси при управување со движењето на предмети во судот, годишниот распоред за работа на судот за 2016 и 2017 година е менуван често и не е испочитувана процедурата за негово донесување,.... Најмалку има во Апелацискиот суд Скопје каде е констатирано дека основниот предмет се заведува во АКМИС, но сите дополненија на предметот не се заведуваат туку се зема бројот на основниот предмет и предметот се чува во регистар. Кај Врховниот суд меѓу другите забелешки стои и дека АКМИС-от се применувал според претходно применета рачна прераспределба на предмети за што постои писмена одлука од Претседателот на судот но таа не е во согласност со одредбите на Судскиот деловник. На овој начин наместо случаен избор на судија се добива очекуван избор на судија.

- Целта на извршениот увид е по укажувањето за лоцирани недоследности да се корегираат  од страна на надлежните судови со цел да се воспостави исклучителна професионалност во работењето на судовите и враќање на дигнитетот и кредибилитетот на судските институции, потенцира Саљији и додаде дека извештајот од извршениот увид ќе биде доставен до надлежните институции за да  постапат согласно нивните надлежности.

Одговарајќи на прашање посочи дека барање за извештајот во кој има и класифицирани информации доставиле и од СЈО и потенцира дека согласно процедурите ќе биде доставен и таму.

Најави дека Министерството за правда  и во иднина ќе воспостави пракса на перманентен увид во функционирањето на АКМИС-от и спроведувањето на одредбите од Судскиот деловник и дека увидот ќе продолжи и во останатите судови низ Македонија. /МИА

Датум на објава: четврток, 07 декември 2017 во 16:56
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар