Каталонската независност се претвора во дипломатски игри без граници. Официјален Мадрид сега чека  појаснување дали синоќешниот настап на каталонскиот претседател Пучдемон значело прогласување независност или не. Тој смислено создава конфузија, изјави шпанскиот премиер Маријано Рахој по денешната вонредна владина седница, која уследи по информациите дека шпанскиот сенат веќе ги почнал подготовките за укинување на автономијата на Каталонија, но оти прво се чека јасен одговор од лидерот на североисточниот регион.

- Одговорот од г-дин Пучдемон ќе ги одреди нашите следни чекори во наредните неколку дена, вклучувајќи ги и сите мерки што би можеле да ја активираат уставната клаузула што дозволува наметнување директна власт на Мадрид во регионот. Пред евентуалното активирање на членот 155 од уставот, сакаме да им понудиме на граѓаните јасност и сигурност, кои ги бара прашање од ваква важност, изјави Маријано Рахој, премиер на Шпанија
А, во Каталонија помешани чувства - и радост и солзи меѓу илјадниците граѓани, кои синоќа на плоштадот во Барселона во живо го следеа обраќањето на нивниот лидер.
- Многу сум разочаран, зашто очекував независност тука и сега, вели жител на Барселона
- Неодлучноста е најлошата работа што ни се случува во услови кога компаниите и банките си заминуваат, ние само чекаме, вели жителка на Барселона
- Нашиот претседател е интелегентен. Тој ќе ја следи стратегијата на Словенија за прогласување независност, по што ЕУ ќе не признае за неколку недели, вели жителка на Каталонија
Во тоа до вчера сакаше да верува и каталонскиот лидер, кој на општо разочарување на околу два милиони Каталонци, кои што гласаа за отцепување, одлучи да тактизира и да прогласи таканаречена суспендирана независност. Тој прво ја потпиша декларацијата, но потоа ја стави на чекање, за како што рече, да му даде предност на дијалогот.
- Го повикувам парламентот да ја суспендира декларацијата за независност, за во наредните недели да започнеме дијалог, без кој не е можно да се постигне решение. Ова е потребно не само да се намалат тензиите, туку и да се обезбеди јасната заложба на народот на Каталонија, изјави вчера Карлес Пучдемон, претседател на Каталонија

Аналитичарите оценуваат дека Пучдемон со овој маневар се обидува да добие поголема автономија и поголема контрола врз своите финансии. Од друга страна, премиерот Рахој останува вкопан на линијата на законскиот фронт и досега не се помести ниту милиметар кон евентуални преговори.

Датум на објава: среда, 11 октомври 2017 во 14:16
Гоце Герасимовски
Обновено во: 15:16

коментари

остави коментар