На претпладневниот тренинг не тренираше Филип Миркуловски, кој се пожали на повреда, додека за попладневниот тренинг е најавено доаѓање на играчите на Барселона Кирил Лазаров и Борко Ристовски, со што ќе се комплетира списокот на ракометари.

Поради повреда селекторот Раул Гонзалез не може да смета на Велко Маркоски за двата натпревара.

- Ние сме подготвени, во отсуство на Маркоски ќе играме друга варјанта. Имаме шанса за победа. Во добар натпревар очекувам да ја повториме играта со Исланд и да ги поправиме грешките. Во оваа група никој не победил на гости. Ние ќе играме без притисок дека можеме да бараме и втора шанса на неделниот натпревар со Чешка на домашен терен, изјави селекторот Раул.

За важноста на првиот дуел со Украина Филип Миркуловски рече дека како и што се очекувало ова се двата најважни дуела за пласман на ЕП во Хрватска.

Украина е селекција што дома постигна победи над Исланд и Чешка. Се надевам дека ние ќе постигнеме позитивен резултат и со „една нога“ ќе бидеме пласирани на шампионатот во Хрватска. Ова е тешка задача особено што само два дена ќе бидеме заедно, но ние сме искусна репрезентација и ако ја наметнеме нашата игра можеме да дојдеме до победа.

Натпреварот Украина - Македонија се игра во четврток во Суми, додека првиот дуел од 5. коло од групата  4 меѓу Чешка и Исланд се игра утре. Сите четири селекции имаат по четири бодови, а на врвот е Чешка која има најдобра гол разлика (+10), Македонија е втора со (+3), трет е Исланд со гол разлика (-5), а Украина има гол разлика (-8).   

Датум на објава: вторник, 13 јуни 2017 во 17:31
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар